ИНТЕРВЈУ

БИЉАНА ТРАЈКОВА, директор за извоз во “МАКПРОГРЕС

Следната 2025 година ќе биде година на адаптација и иновации. Компаниите кои ќе успеат да се прилагодат на новите услови и да ги искористат постоечките можности, ќе имаат најголеми шанси за успех. Очекуваме дека побарувачката за нашите производи ќе продолжи да расте, што ќе не мотивира да инвестираме во нови технологии и процеси. Автоматизацијата на производните процесите ќе биде во фокусот на нашите напори, со цел да се подобри ефикасноста и продуктивноста, вели Трајкова во интервјуто целосно објавено во најновата едиција ТОП 100 ИЗВОЗНИЦИ 2024.

Макпрогрес со години е најголем извозник од македонската прехранбената индустрија. Со какви предизвици се соочивте и како врз работењето и извозот на компанијата влијаеа инфлацијата, високите каматни стапки, економското забавување и геополитичките конфлитки?

Трајкова: Како што кажавте, изминатата година беше особено предизвикувачка за глобалната економија, а со тоа и за Макпрогрес и индустријата во која работиме. Се соочивме со повеќе предизвици. Инфлацијата имаше значително влијание врз нашите оперативни трошоци. Зголемените цени на суровините, логистиката, но и потребата од зголемување на платите на вработените, директно се одразија на финалните трошоци, што не принудуват да ги ревидираме нашите цени. Сепак, во многу конкурентна средина, зголемувањето на цените не е секогаш одржливо, па затоа бараме и други начини за оптимизација на процесите и намалување на трошоците.

Економското забавување доведе до намалување на побарувачката за нашите производи. Потрошувачите станаа повнимателни со своите средства, што се одрази и на побарувачката за нашите производи скоро на сите извозни пазари. Ова го направи планирањето и прогнозирањето на извозот многу потешко. Геополитичките конфликти предизвикаа зголемување на трошоците за транспорт, што дополнително влијаеше на цената на нашиот производ. Беше потребно да преземеме низа мерки за да се адаптираме на новите услови и да го ублажиме негативното влијание на кризата. Воведовме нови технологии и ја подобривме ефикасноста на постоечките процеси со цел да ги намалите трошоците и да ја зголемиме продуктивноста. Се фокусиравме на пронаоѓање нови пазари и клиенти за да ја намалиме зависноста од поединечни пазари. Исто така, инвестиравме во истражување и развој на нови производи кои би биле поатрактивни за клиентите и би можеле да ни помогнат да се издвоиме од конкуренцијата.

Макпрогрес извезува во над 55 пазари во целиот свет. Во услови на забавување на традиционалните европски пазари, каде ги гледате потенцијалите за поголем извоз?

Трајкова: Во изминатите години, Макпрогрес активно работеше на проширување на своето присуство на нови пазари. Иако, морам да напоменам дека за нас се уште најважни се пазарите во Европа, каде гледаме голем потенцијал за поголемен пласман на нашите производи.

Земјите како што се Индија, Бразил, Кина и некои земји во Африка претставуваат големи и растечки пазари за храна. Овие пазари се карактеризираат со голема популација, растечка средна класа и зголемена побарувачка за висококвалитетни и безбедни прехранбени производи.

Во следниот период гледаме преспектива и во е-трговијата со храна која е во постојан раст, и претставува одлична можност за компаниите да достигнат широк круг на потрошувачи.

Што е она со што државата може да им помогне на извозниците од прехранбената индустрија?

Трајкова: Соработката помеѓу државата и компаниите е клуч за успехот. Државата треба да создаде поволно окружување за бизнис, а компаниите треба да бидат проактивни во искористување на достапните ресурси и можности. Државата може да игра клучна улога во подобрување на бизнис климата, со поедноставување на административните процедури, намалување на бирократијата и корупцијата. Со промоција на македонските производи на странските пазари, преку организирање на саеми, конференции и делегации во странство, изнаоѓање можност за нови билатерални договори со земји каде постои потенцијал за извоз на нашите производи би биле многу конкурентни ако ги нема увозните давачки кои треба да се платат, заради неможност да се издаде сертификат ЕУР1.

Кои се вашите очекувања за следната 2025 година на ниво на компанија, индустрија и воопшто за економијата во контект на глобалните трендови? Каде ги гледате најголемите предизвици и можности?

Трајкова: Следната 2025 година ќе биде година на адаптација и иновации. Компаниите кои ќе успеат да се прилагодат на новите услови и да ги искористат постоечките можности, ќе имаат најголеми шанси за успех. Очекуваме дека побарувачката за нашите производи ќе продолжи да расте, што ќе не мотивира да инвестираме во нови технологии и процеси. Автоматизацијата на производните процесите ќе биде во фокусот на нашите напори, со цел да се подобри ефикасноста и продуктивноста. Ќе продолжиме да истражуваме нови пазари, особено во региони со висок потенцијал за раст.

Како најголеми предизвици можат да се посочат инфлацијата која иако се очекува да се смири, ќе остане предизвик, намалената куповна моќ на потрошувачите, недостигот на квалификувана работна сила. Понатаму, геополитичките тензии и климатските промени ќе продолжат да создаваат нестабилност и несигурност во глобалната економија.

Но, веруваме дека со проактивен пристап и фокус на долгорочните цели, ќе успееме да ги надминеме предизвиците и да оствариме значаен раст во 2025 година.