На покана на Стопанската комора на Македонија, денес се одржа работна средба меѓу министерот за финансии, Фатмир Бесими и претставници на компании-членки на Комората. На средбата се дискутираше за иницијативи покренати од Стопанската комора на Македонија за прашања во ингеренции на Министерството за финансии.

Во однос на потребата од промптно справување со последиците од пандемијата поради КОВИД-19, министерот за финансии ја прифати иницираната промена во регулативата со која расходите за тестирање на работниците од КОВИД-19 за потребите на данокот на добивка би се третирале како признаен расход.

Исто така, министерот Бесими посочи дека се работи и на реализација на мерката „Државна гаранција за комерцијални кредити преку комерцијалните банки“ преку Развојната банка на РСМ како една од мерките од третиот пакет на интервентни мерки, преку развивање на гарантна шема за таа потреба.

Во однос на системски важните прашања, министерот Бесими позитивно ја оцени иницијативата на Комората за воведување даночен календар што ќе ја подобри извесноста на бизнис амбиентот во однос на промените во даночната регулатива.
Исто така, беше поздравена и иницијативата за ревидирање на системот на парафискални давачки преку изработка на регистар, ревизија на постојните давачки и дефинирање на механизам за контрола на процесот на воведување нови давачки во иднина.

Се разговараше и за прашањето на царинските стапки и потребата од преиспитување на состојбата во таа сфера, имајќи ги предвид последиците за конкурентноста на македонската економија.
Во овој контекст, стопанствениците укажаа и на потребата од побрзо прифаќање на измените на европската регулатива поврзани со Спогодбата за стабилизација и асоцијација во делот на потеклото на стоките.
Ослободување од плаќање на ДДВ при увоз на репроматеријали за извозно ориентираните компании и ревидирање на царинската политика во насока на изедначување на царинските стапки за увоз од трети земји на нивото на ЕУ беше уште едно од барањата упатени до министерот Бесими, а на средбата се истакнаа и други барања поврзани со функционирањето на системот во Царинската управа и беа дадени конкретни предлози за олеснување на плаќањето на даноците и царинските давачки.

Во однос на прашањето за одржување на ликвидноста на компаниите, беше посочена потребата од изнаоѓање функционално решение за Законот за извршување спрема субјектите од јавното право, со цел компаниите да можат навремено да ги реализираат своите побарувањаод локалните самоуправи.
Министерот Бесими посочи дека за решавање на тоа прашање ќе биде потребна координација со Министерството за правда.

Министерот Бесими позитивно ја оцени иницијативата на Комората за преземање чекори во делот на воведување даночни олеснувања кај доброволното здравствено осигурување, како и укажувањето за потребата од практична примена на електронската фактура како елемент на процесот на дигитализација.

На средбата беше побарано, веќе усвоениот модел за оданочување со акцизи на моторниот бензин и гасните масла, согласно кој се пресметува дополнителна акциза согласно средната дневна берзанска цена (Prem Unl 10ppm на котација “Mediterranean cargoes FOB (Italy) од Platt`s European Marketscan), што во тековнава година сe дефинираше со Уредба на Владата, да се преточи во законско решение, како и да се укине царината за увоз на природен гас.

Извор: Стопанска комора на Македонија