Бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 и Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) од ноќеска на полноќ поевтинуваат за 3,50 денари по литар, дизел горивото ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) за три денари, а за два денара бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика.
Новата цена на литар ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе изнесува 90 денари, а 92 денари на ЕУРОСУПЕР БС – 98. Литар ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) ќе чини 90 денари, а Екстра лесното масло (ЕЛ-1) 87,50 денари.
Се намалува и малопродажната цена на Мазутот М-1 НС за 0,557 денари и ќе изнесува 52,786 денари по килограм.
Со Одлуката на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 2,80 проценти во однос на одлуката од 5. месецов.
Од РКЕ укажуваат дека референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 3,569 проценти, кај дизелот за 2,117 проценти, кај екстра лесното масло за 2,960 проценти и кај мазутот за 1,402 проценти.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,117 проценти.