„Добра вест во овие тмурни времиња: конечно зелено светло за отворање на преговорите со нашите пријатели од Северна Македонија и Албанија. Вин-вин за Западен Балкан. Честитки за Тирана и Скопје, сосем заслужено“, твитна германскиот државен министер за Европа Михаил Рот.
“Задоволен сум што земјите членки на ЕУ денеска постигнаа политички договор за отворање преговори со Албанија и Северна Македонија. Им честитам на двете земји“, напиша еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, додавајќи дека тоа, според него, е гласна и јасна порака до Западен Балкан. „Вашата иднина е во ЕУ“, напиша еврокомесарот.
Министрите за надворешни работи на ЕУ денеска ги усвоија заклучоците финализирани на амбасадорско ниво со кои се одобрува почнување на преговорите со Северна Македонија и Албанија.
Поради пандемијата на коронавирусот, министрите не дојдоа во Брисел, туку се состанаа преку видеоконференција.
„Добра вест во овие мрачни времиња. Честитаме на Тирана + Скопје, заслужено е“, објави германскиот државен секретар за европски прашања Мајкл Рот на Твитер, нарекувајќи ја одлуката двојна победа – и за ЕУ и Западен Балкан.
„Во светло на напредокот постигнат во реформите и исполнувањето на условите поставени од Советот во јуни 2018 година, со усвојување на препораките на Европскиот совет, Советот одлучи да отвори преговори со Северна Македонија. Првата меѓувладина конференција би требало да се свика што е можно побрзо, откако Советот ќе ја усвои преговарачката рамка. Советот ја повикува Комисијата да продолжи да го мониторира напредокот и услогласувањето во сите области од условите идентификувани од Советот во јуни 2018 година“, се вели во заклучоците што ги усвоија министрите за надворешни работи во Советот на Европа, чиј нацрт го објави Ројтерс.
Откако се усвои одлуката, се отвора писмена процедура за нејзино формално одобрување од сите земји-членки, со што одлуката стапува на сила. Овој процес може да трае најдоцна до 26, односно 27 март, кога се одржува и самитот на Европскиот совет на лидерите на земјите од ЕУ, кои пак ќе дадат и политичка согласност. Самитот ќе се одржи исто со видео-конференција поради коронавирусот.
Меѓувладината конференција го означува формалното отворање на поглавјата, а претходно Европската комисија треба да изготви преговарачка рамка, која исто така треба да биде усвоена од земјите членки. Со оглед на неизвесноста поради коронавирусот, датуми засега нема. Северна Македонија исто така ќе треба да ја подготви својата преговарачка позиција пред стартот на овој процес.
Веста од Брисел ја потврдија на заедничка прес-конференција и премиерот Оливер Спасовски, шефот на македонската дипломатија Никола Димитров и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи.
„Без Договорот од Преспа и без Договорот за добрососедство со Бугарија немаше да го постигнеме ова. Денеска може да бидеме горди. Да се израдуваме и пак да се вратиме а борбата со коронавирусот“, рече Спасовски, кој додаде дека должината на преговорите и зачленувањето во ЕУ ќе зависи од сите нас.
Вицепремиерот Османи и министерот Димитров најавија скорешно закажување и на првата меѓувладина конференција.
„Од срце ви честитам за успехот. Ние и вие ја одработивме и заслуживме шансата, работевме со опструкции одвнатре и однадвор, но НАТО и ЕУ се ралност и Ви се заблагодаруваме Вам, на граѓаните, отворивме нова перспектива за идните поколенија. Сега од нас ќе зависи колку брзо ќе го минеме патот до полноправно членство во ЕУ“, рече министерот Димитров.
Северна Македонија 15 години чека датум за преговори со ЕУ, а дел од пречките беа спорот за името со Грција, што беше решен со Преспанскиот договор, како и односите со Бугарија, што беше регулирано со Договорот за пријателство. Лани во октомври, кога се очекуваше позитивен одговор од Брисел, Скопје и Тирана не добија датум за почеток на преговори со ЕУ. Одлуката за недобивање датум Унијата ја донесе по барање на некои земји членки, како Франција, за да се преиспита процесот на проширувањето и да биде воведена нова методологија.
На самитот во октомври минатата година, Европскиот Совет заклучи дека ќе се наврати на прашањето за проширувањето пред Самитот ЕУ- Западен Балкан во Загреб во мај 2020 година.