Кој ќе го добие бизнисот со изградба на дистрибутивната гасна мрежа тежок над 300 милиони евра?

Владата на вчерашната седница ја одобри тендерската документација за првата фаза од постапка за доделување на договор за воспоставување на јавно приватно партнерство за финансирање, проектирање, изградба, управување, одржување и развивање на дистрибутивниот систем на природен гас во Република Северна Македонија.

Во врска со оваа постапка за дистрибутивниот систем за гас, Владата го прифати текстот на Договорот помеѓу Министерството за економија и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за обезбедување на консултантски услуги во врска со Договорот за концесија за дистрибуција на природен гас и го овласти Министерот за економија, Крешник Бектеши да го потпише договорот со ЕБОР.

Со ова практично почнува процесот на избор на управувач со дистрибутивниот систем, кој владата најави дека ќе го гради и развива преку приватно-јавно партнерство.
Втор чекор кој ќе следи е објавување на повикот за воспоставување на Јавно-приватно партнерство.
Неофицијално, интерес за учество на овој повик, односно за изградба и управување со дистрибутивната гасоводна мрежа пројавиле  многу големи енергетски компании, меѓу кои и главните европски компании кои се во бизнисот со гас.Моделот кој се чини најверојатен е една компанија да го добие управувањето со дистрибуцијата на гас на ниво на цела држава.

“Ефектите од изградбата на дистрибутивната мрежа ќе бидат повеќекратни. Таа инвестиција ќе биде не помала од 300 милиони евра, ќе се отворат околу 3.000 нови работни места и ќе има исклучително големо влијание во домашната економија, бидејќи и домаќинствата и индустријата ќе имаат пристап до поевтин и еколошки енергенс и многу едноставен за користење”, вели Бајрам Реџепи, директор на Национални енергетски ресурси на С.Македонија.

 

Проценките се изградбата, развојот и одржувањето на дистрибутивната мрежа во регионите каде има изградено преносна мрежа, но и во повеќе други региони, да заврши за 4 до 5 години, по воспоставувањето на јавно-приватното партнерство.

Изминатава година засилено се работеше на изградба на примарната гасоводна мрежа и годината се заврши со 100 километри изграден гасовод на магистралните гасоводи Скопје-Тетово-Гостивар и Неготино-Битола и на други локации.

Но, за гасот да стигне до граѓаните и компаниите сега ќе треба да се изгради секундарната дистрибутивна мрежа,  која се планира да се реализира преку приватно-јавно партнерство.

Со новиот Закон за енергетика, пазарот е веќе либерализиран, што значи дека повеќе фирми ќе можат да влеза во бизнисот со снабдување со гас, со тоа што ќе треба да плаќаат цена за пренос.

Моментално гасот кој се користи во земјава е руски и се увезува преку Бугарија, а со изградбата на интерконективниот гасовод кон Грција, која е во тек, ќе се диверзифицираат изворите за снабдување, бидејќи со него ќе може да се приклучиме кон гасоводот на „ТАП“ и на „ЛНГ“ терминалите кои се наоѓаат на брегот на Егејското море.

Гасификацијата која се реализира веќе со години, треба да донесе почист и поевтин енергенс за граѓаните, но и за фирмите, што ќе ја подобри ситуацијата со загадениот воздух, а ќе ги намали и трошоците за енергенси на многу компании кои долги години бараат пристап до гасната мрежа.