Извозните перформанси, развојните можности и потенцијали за извозна диверзификација во доменот на индустријата на градежни материјали и неметалите беа предмет на дискусија на седницата на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите, одржана на 24.01.2020 година во Стопанската комора на Македонија.
Проф. д-р Дарко Лазаров на седницата ја презентираше Анализата на Стопанската комора на Македонија за идентификација на развојните можности за извозна диверзификација со фокус на индустријата на градежни материјали и сродните на неа индустрии информирајќи дека извозот на неметални минерални производи изнесува околу 407,1 милиони евра со релативно учество во вкупниот извоз на ниво на државата од 6,95 %.
“Оваа индустриска гранка има 116 извозно ориентирани компании и 45 производи кои се извезуваат со вредност поголема од 200.000 евра од кои 40 производи имаат компаративна предност. Оттука, може да се заклучи дека оваа индустрија има потенцијал за диверзификација на извозот преку зголемување на бројот на нови извозни производи и извозни компании”, истакна проф. д-р Лазаров.
Компаниите дискутираа дека за поттикнување на извозот и извозните перформанси на стопанството потребна е јасна стратегија и конкретни мерки од страна на државата, додека во делот на индустријата на градежни материјали истакнаа дека за непречено производство и извоз на градежни производи неопходно е доследно почитување на законските рокови од страна на институциите при спроведување на административните постапки за обезбедување на основните минерални суровини кои се користат во производните процеси.
На седницата се актуелизираше и прашањето поврзано со недостатокот на квалификуван кадар во градежниот сектор и потребата за развивање на стручни вештини и компетенции кои му се потребни на градежништвото. Во контекст на последното, претседателот на Здружението, Андреа Серафимовски, информираше дека Комората веќе има иницирано соработка со Стручното градежно училиште „Здравко Цветковски” од Скопје во насока на започнување активности за реализација на практична обука на учениците во компаниите-членки на Здружението, со цел учениците во образовниот процес покрај теоретско да стекнуваат и практично знаење. Компаниите искажаа волја да бидат активни чинители во процесот и во следниот период да помогнат во развивањето на стручните вештини и компетенции кај учениците преку вклучување на ученици од градежното училиште во реализација на практична обука во нивните компании.
Здружението се осврна и на реализираните активности во 2019 година и го разгледа и одобри Планот на работа за 2020 година.
(www.mchamber.org.mk)