Велика Британија од денеска повеќе не е членка на Европската Унија. Од денеска почнува почнува да тече преодниот период од 11 месеци, за време на кој Велика Британија ќе продолжи да ги почитува правилата на ЕУ и да плаќа пари во европските фондови како и досега.
Она што е позначајно од аспект на трговската позиција на Велика Британија кон светот е дека земјата сега ќе може да започне разговори со други земји од целиот свет за поставување на нови правила за купување и продажба на стоки и услуги, затоа што сè додека беше членка на ЕУ не смееше да одржува формални трговски разговори со други земји. Но, преговарањето за трговскиот договор со ЕУ е приоритет, бидејќи тој треба да биде усогласен за време на преодниот период , односно до крајот на октомври годинава.
Поддржувачите на Брегзит тврдат дека слободата во градење на сопствени трговски политики ќе ја зајакне економијата на Велика Британија, оние, пак, што се против велат дека тоа ќе и донесе многу трошоци и незивесност на британската економија, бидејќи многу компании и банки веќе најавија преселување на своите фабрики и претставништва во ЕУ.
Што значи Брегзит за македонската економија?
Според последните податоци за периодот јануари-ноември 2019 година, Велика Британија е втор најголем трговски партнер на Македонија. Вкупната трговска размена помеѓу двете земји за овој период надмина 1 милијарда евра, што е раст од 35% за една година.
Велика Британија има голем суфицит во размената со Македонија, со оглед што извозот на македонските комапнии на британскиот пазар во периодот јануари –номеври 2019 година изнесува 135 милиони евра, додека увозот од Велика Британија е близу 890 милиони евра.
Она што е извесно е дека во транзицискиот период од 11 месеци трговијата помеѓу Велика Британија и Македонија ќе биде регулирана како и досега, според договорените услови од Спогодбата за стабилизација и асоцијација со ЕУ. Но, во финална фаза е потпишувањето на новиот билатерален договор помеѓу двете земји кој треба да обезбеди континуитет во трговијата без поголеми нарушувања. Она што е најзначајно за бизнисите е што овој Договор е сличен со постојната Спогодба за асоцијација и стабилизација, а уште поважно е што тровијата со индустриските производи меѓу двете земји ќе биде целосно ослободена од царини.
Н.Е. Рејчел Галовеј, амбасадор на Велика Британија во земјава во изјава за порталот Извоз.МК уверува дека работат многу напорно и подготвени се, трговските и деловните односи да продолжат да растат со истата динамика и откако Велика Британија ќе ја напушти ЕУ.
“Од трговска перспектива, склучувањето на новиот билатерален Договор за партнерство, трговија и соработка (Partnership, Trade and Cooperation Agreement) ќе значи дека Велика Британија и Северна Македонија можат да ги следат растечки трговски врски билатерално. Овој договор нуди континуитет и стабилност за деловните активности, верувам дека ќе донесе и нови и разновидни можности за британските и македонските компании. Северна Македонија има многу да понуди на Велика Британија и обратно. Овој обновен економски однос ќе овозможи на трговијата да расте во веќе силните сектори и ќе отвори нови врати за други потенцијални деловни потфати”, објаснува амбасадорката Галовеј.
Амбасадорката Галовеј потенцира дека новиот билатерален договор ќе го задржи трговскиот континуитет помеѓу Велика Британија и Северна Македонија и ќе обезбеди бизнисите да можат да продолжат да имаат корист од постојните повластени услови со минимално нарушување.
“Новиот Договор обезбедува бизнисите во Велика Британија и Северна Македонија да можат да продолжат да имаат корист од постојните преференцијални трговски аранжмани и ќе обезбеди цврста основа за амбициозни трговски односи и во иднина. Договорот, меѓу другите трговски придобивки предвидува, безцаринска трговија со индустриски производи заедно со либерализација на трговијата со други клучни производи. Исто така, обезбедува рамка за соработка и развој на политички, економски, социјални и културни врски”, вели амбасадорката Галовеј.
Она што носи неизвесност за компаниите од двете земји се можните ризици од евентуални варијации на вредноста на фунтата, со оглед на тоа што Британија го излегува и од еврозоната и го напушта еврото,
Што најмногу тргуваме со Велика Британија?
Најголем дел од трговската размена меѓу двете земји отпаѓа на увозот кој го прави најголемата извозна компанија во земјава Џонсон Мети. Имено, во првите единаесет месеци од 2019 година најголем дел од увозот или 718 милиони евра (80% од вкупниот увоз) отпаѓа на увозот на платина која Џонсон Мети ја користи како суровина за производство на катализаторите за автомобилската индустрија. Увозот на неоргански хемиски производи, односно благородни метали во колоидна состојба изнесува 92,4 милиони евра. Следи увозот на котли, реактори и механички уреди за филтрирање во износ од 11 милиони евра, увозот на автомобили во вредност од околу 8 милиони евра, увоз на пластични маси во вредност од 7 милиони евра и увоз на текстилни ткаенини за потребите на лон производството во македонските текстилни фабрики во износ од 6,8 милиони евра.
Ако се анализира македонскиот извоз во Велика Британија во изминатата година во периодот јануари-ноември, најголем дел или 35 милиони евра од вкупниот извоз од 135 милиони евра отпаѓа на извоз на згура, пепел и остатоци. Втор најголем извоз се на седишта за автомобили во вредност од 20 милиони евра. Извозот на каталитички препарати и иницијатори изнесува 15,8 милиони евра. Трет е извозот на облека во износ од 14,3 милиони евра, следи извозот на тутун во вредност од 8,1 милион евра и неоргански хемиски производи во вредност од 5,8 милион евра.
Лани во Велика Британија сме извезле и разни производи за исхрана во вредност од 1,6 милиони евра и кондиторски производи во вреднст од околу 1 милион евра.