Земјите ширум светот до средината на октомври 2019 година вовеле повеќе од 100 нови трговски ограничувања на стоки и услуги во вредност од околу 747 милијарди долари, што е највисоко ниво од 2012 година, соопшти Светската трговска организација (СТО).
Новите мерки, вклучително тарифи, квантитативни ограничувања, затегнати царински постапки, даноци на увоз и извоз, се зголемија за 27 % во однос на истиот период минатата година, зголемувајќи ја неизвесноста во меѓународната трговија и глобалната економија, покажува извештајот на СТО.
Историски високите нивоа на трговски рестриктивни мерки го отежнуваат растот, отворањето нови работни места и ја загрозуваат куповната моќ ширум светот, наведе генералниот директор на СТО, Роберто Азеведо во годишниот извештај, истакнувајќи дека земјите членки на организацијата имаат спроведено 102 нови ограничувања.
Кина и САД се во трговска војна веќе 17 месеци, а официјални претставници од Пекинг и Вашингтон соопштија во четвртокот дека двете најголеми економии во светот се во блиска комуникација деновиве, пред да стапат во сила новите американски казнени тарифи за кинеските производи на 15 декември.
СТО на 1 октомври ја намали прогнозата на раст на светската трговија за оваа година на 1,2%, во однос на априлската проекција од 2,6%.
Се проценува дека увозните ограничувања воведени во изминатите 10 години, кои сè уште се на сила, кумулативно влијаат врз глобалната трговија во вредност од 1.700 милијарди долари, што претставува 7,5% од светскиот увоз, објави СТО.
Секторите кои се најтешко погодени од новите увозни ограничувања се: минерални и согорувачки масла, машини и механички уреди, електрични машини и скапоцени метали.
Членовите на СТО до средината на октомври 2019 година вовеле 120 нови мерки насочени кон олеснување на трговијата, кои се применливи за стоки и услуги во вредност од 545 милијарди долари, што е второ највисоко ниво од 2012 година, соопштуваат од СТО.