Факом со раст на извозот од 26% во првата половина годинава

Домашната металопреработувачка компанија Факом во првото полугодие годинава остварила приходи од продажба од околу 11 милиони евра, што е раст од 39% во споредба со истиот период лани, покажуваат податоците од полугодипниот извештај на компанијата објавен на Македонската берза.

Дури 67% од вкупните приходи од продажба на Факом во првата половина годинава се од извоз на странските пазари, кои достигнаа 7,3 милиони евра, што е за 26% повеќе во споредба со истиот период лани.

Продажбата на домашниот пазар во истиот период е зголемена за 78% во споредба со истиот период лани, од што компанијата заработила 3,6 милиони евра.

Оперативните расходи на компанијата во првите шест месеци годинава се зголемени за 37% во однос на истиот период лани, што според објаснувањето од Факом, се должи пред се на зголемените трошоци за суровини и материјали, транспортните трошоци, надворешните услуги од кооперантите и останатите трошоци за работа.

 “Друштвото ќе ги преземе сите неопходни активности за прилагодување кон новонастанатите состојби, соодветно корегирање на финансиските проекции за 2020 година, при што ќе биде фокусирано на одржување на нашата трајна цел а тоа е најдобри производи и услуги за нашите клиенти”, велат од Факом.

Основна дејност на Факом е производство на челични конструкции и опрема.