Дирекцијата за технолошко развојни зони – ТИРЗ во 2020 година исплати над 10,6 милиони евра на 29 компании за реализација на нивните инвестиции во зоните.
Ова е 94,4% реализација на предвидената државна помош за изминатата година исплатена кон странските инвеститори во земјава.

Како што информираат од Дирекцијата на ТИРЗ, дополнително е одобрена и предвремена исплата на обврски кон две компании, Костал и Гентерм кои предвреме ги постигнале планираните инвестиции и планирани таргети за вработување.

“Вкупниот износ на предвреме исплатени обврски на државата кон овие две компании е 51,2 милиони денари, средства обезбедени со Одлуката за прераспределба на средства помеѓу буџетски корисници донесена од страна на Владата во декември 2020 година. Оваа новина е дел од целосно нов внатрешен систем на грижа за корисници. Целта е да се поттикнат и останатите инвеститори забрзано да ги реализираат своите инвестиции и планови за вработувања, а ТИРЗ и владата се подготвени да ги следат во таа динамика”, велат од Дирекцијата.

ТИРЗ има реализација од 96% од планираниот буџет за изминатата година. Во делот на капиталните инвестиции има 100% реализација.

“За таа цел се исплатени 5,5 милиони евра. Најголем дел се инвестирани во сообраќајната инфраструктура и асфалтирање, гасоводната инсталација,  хидротехничката инфраструктура, водоснабдителен систем и со целокупната потребна пропратна инфраструктура – атмосферска и фекална канализација, улично осветлување”, прецизираат од ТИРЗ.

За следната година, додаваат, се подготвува инвестициски циклус од 15 милиони евра во основна инфраструктура во повеќе зони.
Истовремено во соработка со Светската банка, ТИРЗ ќе креира и „Посебен стратешки инвестициски фонд“ преку кој државата и приватните инвеститори заедно ќе вложуваат во посебни проекти за развој во инфраструктура. Со овој фонд ќе се инвестира и во постојните индустриски зони во општините, каде поголем број компании се домашни.
Дирекцијата воведува и нов пристап во привлекувањето на инвестиции според кој и домашните компании ќе ги уживаат истите услуги, поддршка и привилегии како и странските.

Извор: МИА