И покрај сложените услови за работа кои ги предизвика пандемијата на Ковид 19, извозот на преработки од овошје и зеленчук бележи зголемување во првите десет месеци годинава. Статистичките податоци покажуваат дека македонските прехранбени компании извезле преработки од овошје и зеленчук во вредност од 48 милиони евра. Тоа е за 16,5% или 6,8 милиони евра повеќе во споредба со истиот период лани кога на странските пазари биле продадени преработки од овошје и зеленчук вредни 41,1 милион евра.
Станува збор за производи кои се добиени со преработка на свеж зеленчук и овошје, односно конзервирани на разни начини, зеленчуци во оцетна киселина, овошни компоти, џемови, мармелади, сокови, или производи од групата на тарифни броеви 2001 до 2009.
Гледано количински извозот на преработки од овошје и зеленчук во првите десет месеци годинава изнесувал 5,85 милиони килограми, што значи дека просечната извозна цена по килогам била 1,3 евра.
Македонските преработки од овошје и зеленчук годинава се продавале на 51 пазар, а на 16 пазари би остварен извоз поголем од 1 милион евра.
Најголем извозен пазар за овие производи годинава е Србија, каде во периодот јануари до октомври биле извезени производи вредни 7,6 милиони евра.
Втор пазар е Хрватска со извоз во вредност од 6,2 милиони евра. Германија е трет најголем извозен пазар каде годинава биле извезени производи вредни 4,8 милиони евра. Следуваат Косово и Босна и Херцеговина каде годинава биле извезени производи вредни 2,9 и 2,6 милиони евра.
На листата на земји на кои најмногу се продаваат македонските преработки од овошје и зеленчук се и земјите каде има голема македонска дијаспора, како Австралија, САД, Швајцарија и Канада.
Ако се спореди со продадените количини во првите десет месеци најниска цена од 0,9 евра по килограм е постигната во Косово, додека по највисока цена од просечно 2,8 евра по килограм се продавале во Швајцарија.
Потенцијалите за извоз на оваа индустрија се големи, но компаниите се соочуваат со многу пречки
Македонската индустрија за преработки на овошје и зеленчук има далеку поголеми извозни потенцијали кои не се ни приближно искористени, пред се поради досегашните лоши државни политики во областа на примарното земјоделско производство и во делот на индустриските преработки.
Домашната индустрија за преработки од овошје и зеленчук се покажува и како најотпорна во време на пандемијата, извозот е зголемен, а светските истражувања посочуваат дека побарувачката за конзервирани овошја и зеленчуци ќе продолжи да расте и во пост-Ковид периодот.
Но, за жал оваа индустрија, која е претежно нето извозна индустрија со години наназада се соочува со низа проблеми кои го попречуваат развојот. Компаниите од оваа индустрија велат дека се соочуваат со недостиг на суровини, недостиг на работна сила заради нерешениот статус на сезонски работници, рестриктивната царинска политика и сложените царински процедури кои им создаваат дополнителни трошоци и им одземаат време, потоа високите царински давачки за суровини и репроматеријали од увоз, нерешената арондација и научно следење на производството на суровини, нерешени имотно-правни проблеми кои ги блокираат во развојот како инвеститори.
“Во Македонија речиси сите суровини кои ги користи оваа индустрија, односно увозот на свежо овошје и зеленчук имаат царинска стапка од 50% па нагоре, додека воисто време извозот на истите е слободен. Од друга страна, сите поголеми компании од конзервната индустрија и преработките од овошје и зеленчук во Македонија, над 80% од производството го извезуваат во странство и се натпреварваат на меѓународниот пазар. На пример, концентратот од домати компаниите во Бугарија го увезуваат со царинска стапка од 0%, како земја членка на ЕУ. Србија за увоз на истиот производ има царинска стапка од 18%, а е членка на ЦЕФТА, како и нашата држава. Македонските преработувачи за да увезат концентрат од домати треба да се плати царинска стапка од 50%. Со ваква поставеност на царините, јасно е дека нам во старт ни се намалува конкурентноста и ни се нарушува развојот и учеството на меѓународниот пазар. Истовремено, земјите од ЦЕФТА, како Србија на пример со исти производи настапуваат без царини на домашниот пазар (на пример кечапи кои се прават токму од увозен доматен концентрат). Секако дека во такви услови домашните производители ќе бидат неконкурентни во старт, а на меѓународниот пазар уште повеќе”, објаснува Виктор Петков, сопственик на Випро од Гевгелија, еден од најголемите извозници од индустријата за преработки од овошје и зелнечук.