Европската комисија лансираше нов портал со цел да им помогне на компаниите да ги надминат пречките за пристап до глобалните пазари и полесно да ги извезуваат своите производи во над 120 земји.
Порталот ги содржи сите потребни информации за трговските договори на ЕУ, царинските давачки, правилата за трговија и услуги, царинските постапки поврзани со ЕУ и повеќе од 120 пазари ширум светот.
Порталот Access2Markets им овозможува на компаниите да бараат информации за царинските стапки, даноците, правилата за потекло, барањата за производи, царинските постапки, трговските бариери и статистичките податоци за трговските текови за увезени и извезени стоки.
Развиена како одговор на барањата на засегнатите страни за информации за трговските договори и поволностите кои тие ги нудат, порталот помага детално да се анализираат трговските договори на ЕУ со повеќе од 70 земји – и правилата за секоја од нив – во практична информација за малите и средни претпријатија (МСП) да можат полесно да пристапат и да ги разберат потребните информации.
Access2Markets покрај за компании, е наменет и за деловни организации, стопански комори, тела за деловни консултации како што се Европската мрежа за претприемништво, организации за унапредување на извозот и други субјекти кои соработуваат и ги советуваат компаниите што бараат можности за извоз или оние кои бараат извори на стоки надвор од ЕУ.
Во соопштението за печатот на Европската комисија се потенцира дека, иако малите бизниси претставуваат 88% од сите извозници на ЕУ и поддржуваат околу 13 милиони работни места, тие создаваат третина од извозот на ЕУ.
Од Европската комисија потенцираат дека „глобалните пазари се важен извор на раст за европските мали и средни компании“ и дека задоволувањето на потребите на малите бизниси во економското закрепнување од пандемијата со COVID-19 е од суштинско значење.
За извозниците кои се соочуваат со проблеми, порталот содржи збир на упатства и одговори за најчесто поставувани прашања кои ги водат корисниците низ процесите.
Онаму каде што се забележуваат трговски бариери или други пречки, посебна страница за контакт им овозможува на корисниците да достават барање до Генералниот директорат за трговија на Европската комисија.
Порталот ги доставува и условите за тргување за увоз на стоки во ЕУ. За увозниците, порталот содржи кодови на производи (хармонизиран систем или кодови на HS) и информации што одредуваат кои увозни давачки и национални или локални даноци треба да се плаќаат на кои производи и во кои јурисдикции.
Порталот беше претставен на настанот под наслов „Патот до закрепнување: зајакнување на малите бизниси за меѓународно тргување“.
Извршниот потпретседател на Европската комисија Валдис Домбровскис ја опиша алатката како „едношалтерска продавница“ што ќе им помогне на европските фирми максимално да ја искористат мрежата на трговски договори на ЕУ и да добијат најдобар пристап до пазарите, производите и инпутите што им се потребни за да растат и да останат конкурентни “.
Извор: Европска комисија