Статистичките податоци за априлските текови на надворешно-трговска размена на ЕУ-27 објавени денеска од страна на Евростат покажуваат дека обемните рестриктивни мерки наметнати од страна на земјите-членки на ЕУ за спречување на пандемијата COVID-19, имаат големо влијание врз извозот и извозот.
Извозот на ЕУ падна за 28,2% во април во споредба со истиот месец лани, а увозот падна за 22,7%. Гледано за периодот јануари-април, европскиот увоз се намалил за 9%, а европскиот извоз за 8,3%.
Извозот од ЕУ во април изнесувал 125,4 милијарди евра, а увозот на стоки од ЕУ-27 од остатокот на светот изнесувал 125,1 милијарди евра. Со тоа ЕУ имала трговски суфицит од 0,2 милијарди евра, што е остар пад во споредба со истиот период лани кога суфицитот бил 12,9 милијарди евра.
Внатрешната трговија меѓу земјите-членки на ЕУ-27 во април изнесувала 175,2 милијарди евра, што е намалување за 32%во однос на истиот месец минатата година.
Трите најголеми извозни пазари на ЕУ биле САД, Велика Британија и Кина.
Извозот на ЕУ-27 во САД во првите четири месеци годинава достигнал 120,9 милијарди евра, што претставува намалување од 3,3% во однос на истиот период минатата година.
Четворомесечниот извоз на ЕУ-27 во Велика Британија изнесувал 91,1 милијарди евра, што е намалување за 19,1% во однос на истиот период минатата година.
Четворомесечниот извоз на ЕУ-27 во Кина изнесувал 60,4 милијарди евра, што е намалување за 5,6% во однос на истиот период минатата година.