Белгиската компанија „Avesta Battery and Energy Engineering“ (АБЕЕ) денеска и официјално ја започна изградбата на фабрика за производство електрoнски батерии за автомобили во ТИРЗ Кичево.

Вкупната инвестиција ќе изнесува 40 милиони евра, а ќе бидат отворени 600 нови работни места.
Белгиската ABEE, која досега нема ниту една фабрика за масовно производство, во Кичево ќе се фокусира на развој и производство на системи за управување со батерии (BMS) и системи за енергетска електроника.

Во првата фаза ќе бидат инвестирани 10 милиони евра и ќе се отворат 120 до 200 вработувања.

Директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски, заедно со премиерот Мицкоски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски и Александар Голабоски, извршен директор на Авеста Батери, присуствуваа на официјалното ставање камен темелник на фабриката.

Димовски изрази особена поддршка за инвестицијата која значајно ќе придонесе за економскиот раст и развој, потврдувајќи ја конкурентноста на Македонија како дестинација за странските инвеститори.

Александар Голабоски, извршен директор на компанијата, најави извоз од 50 милони евра во првата година од инвестицијата, а за седум –осум години , според плановите на компанијата, тој би пораснал на половина милијарда евра.

Се надеваме дека објектот би бил готов наредната година. Извозот во првата година согласно бизнис планот би бил околу 50 милиони евра, а во пикот на работењето на фабриката за седум-осум години очекуваме да се зголеми десеткратно“, изјави Голабоски.

Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека стартот на инвестицијата е доказ дека со заедничка работа може да се направи многу.

Почнува убава инвестиција за овој дел на Македонија, за Кичево. Очекуваме максималниот број на вработени во одреден момент да достигне 600, зошто да не и повеќе, а извозот до половина милијарда евра за шест до седум години. Ова се само докази дека заеднички може да се направи многу. Заедно со директорот на ТИРЗ, Гоце и инвеститорот направија многу за да овој проект конечно заживее, помина и на Владина седница. Очекуваме оваа година до крајот да ја завршиме со рекорден број странски инвестиции, во вредност од повеќе од 1 милијарда евра, со што ќе бидеме најдобри по глава на жител на Балканот.“ – изјави премиерот Мицкоски.

Инвестицијата за батерии во Кичево беше објавена во мај 2023 година кога во Брисел беше потпишан Договорот за реализација на инвестицијата помеѓу  директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони, Јован Деспотовски и сопственикот и генерален директор на АБЕЕ, Нешин Омар.

Белгиската компанија „Avesta Battery and Energy Engineering АБЕЕ е релативно нова компанија основана во 2019 година и постои четири години. На нивната веб страница пишува дека е основана од професорот Ношин Омар, првично како консултантска компанија со помалку од пет вработени, а бројот на вработени за три години се зголемил на околу 20-тина вработени.