Во периодот од јануари до октомври годинава на странските пазари биле извезени 57 илјади тони јаболка во вредност од 14,7 милиони евра. Вредноста на извозените јаболка во десетте месеци годинава е зголемена за 44%, додека количински извозот на јаболкабил поголем за 18%, покажуваат податоците од Државниот завод за статистрика.
Анализата на статистичките податоци покажуваат дека годинава македонските јаболка се продавале за повисока цена на странските пазари, односно по просечна цена од 0,26 центи за килограм, за разлика од лани кога цената била за 20% пониска.
Најголем извозен пазар за македонските јаболка годинава била Бугарија, каде биле извезени повеќе од 22 илјади тони и остварен извозен приход од 4,6 милиони евра, но и најниска извозна просечна цена од само 20 центи по килограм.
Втор најголем извозен пазар е Србија со извезени 14 илјади тони и оствраен приход од 3,7 милиони евра. Следат Косово, Грција, Романија, БиХ, Црна Гора и Хрватска и Чешка Република.
Во Русија, која до пред неколку години беше најголем извозен пазар за македонските јаболка, годинава воопшто немало извоз на јаболка.
Минатата 2023 година од Македонија биле извезени јаболка во вредност од само 14 милиони евра, што е намалување од 8% во споредба со претходната 2022 година кога во странство се продале јаболки во вредност од 15,3 милиони евра, покажуваат податоците од Државниот завод за статистика.
Но, продадените количини на јаболка во странство во 2023 година се за дури 27% помали во споредба со 2022 година.