Денеска објавената финансиско-техничка анализа за акцијата на домашната фармацевтска компанија Алкалоид, која ја подготви познатата инвестициска банка Wood & Company прогнозира понатамошен силен раст и развој на најголемата домашна и извозна компанија Алкалоид, заради што нејзината акција ќе продолжи да расте.
Во анализата се препорачува задржување на акцијата на Алкалоид, со ценовен раст од околу 7%, достигнувајќи ниво од 13.567 денари.
“Ние предвидуваме Алкалоид да одржува релативно силни приходи и раст на заработката за следните три или четири години. како резултат на инвестициите во нов капацитет за производство на лекови и повеќе нови лиценцни зделки (in-licencing)”, се вели во Анализата на Wood & Company.
Аналитичарите на Wood & Company објаснуваат дека Алкалоид е традиционален производител од средна големина на брендирани генерики и лекови на рецепт, лекови преку шалтер и стоки за широка потрошувачка (FMCG), кој што останал во чекор со времето и успеал да го задржи релевантно портфолиото на производи, додека постојано се шири во нови области и на нови пазари.
Во Aнализата се вели дека оваа година, Алкалоид завршува голема инвестиција за проширување на неговиот капацитет за лекови со цврста форма за дополнителни 50%, што се очекува да донесе 9,5% CAGR раст на приходите и раст на нето добивката од 13,13% до 2023 година.
Ова е препознаено од локалните инвеститори, се објаснува Анализата, кои сочинуваат 97% од акционерската основа, и е вградено делумно во сегашните цени, заради што и акцијата има рејтинг Hold (задржи).
Аналитичарите на Wood & Company веруваат дека заради растот и приносите, акцијата на Алкалоид ќе го привлече вниманието и на регионалните инвеститори.
Понатаму во анализата се посочува дека Алкалоид и покрај постојните големи иинвестиции и дарежливата политика за исплата на дидивенди кон акционерите, успева да работи со ниски нивоа на задолженост, благодарение на доброто управување со капиталот.
Компанијата историски гледано расте органски, се вели во Анализата, “но раководството не исклучува аквизиции за да го надополни постојното портфолио на производи”.
“Компанијата во моментов е во средина на голема фаза на инвестиции, насочена кон: 1) зголемување на производствениот капацитет на форми на цврста доза, течности и цефалоспорински антибиотици; 2) интензивирање на активности за лиценцирање за зголемување на постојните портфолија (на пример, кардиоваскуларни лекови) и проширување во нови (онкологија, гинекологија); и 3) додавање на маркетинг капацитети во избрани нови и постојни пазари (на пример, Романија, Русија и Централна Европа). Гледајќи наназад во изминатите четири години, кога компанијата направи голема инвестиција во удвојување на капацитетот за производство на цефалоспорини, можеме да видиме дека Алкалоид имаше можност да ги пласира овие поголеми количини на пазарот, што очекуваме да биде случај и во следните неколку години”, се вели во Анализата во која се прогнозира компанијата да одржува силен раст на приходите и заработката во следните три или четири како резултат на овие инвестиции.
Зголемените капацитети ќе му овозможат на Алкалоид не само поголемо производство на постојните производи, туку и пласирање на нови лекови и формулации и широк раст на продажбите. Најголем дел од растот на продажбите се очекува да биде на домашниот пазар и земјите од регионот на поранешна Југославија (Србија, БиХ, Косово, Хрватска, Бугарија), но се очекува и раст на продажбите во Русија, Украина и земјите од регионот CIS.
Во изминатите неколку години Алкалоид влегол на неколку нови пазари, а во Анализата се истакнуваат посебно влезот на компанијата на пазарите во Велика Британија и Романија, каде компанијата немала никакви продажби, а сега има респектабилни продажби и постојан раст во изминатите три до пет години, но и Украина, каде компанијата успеала да ги зголеми продажбите за 50% во изминатите пет години.
Во Анализата се потенцира дека Алкалоид има уште простор за понатамошно зголемување на извозот на странските пазари, со можност за двојно зголемување на продажбите во Украина, Романија и Велика Британија, како и влез на некои нови пазари, како на пример, Германија, Полска и Грција, со цел извозот да се зголеми од сегашните 65% на 75% до 80% од вкупните продажби.
Целата анализа со многу други интересни податоци за работењето на компанијата Алкалоид е достапна на следниот линк https://listed-sme.com/CMS/Documents/fa5cfd3a-bc37-4e45-983c-ae17a6d97545.pdf .
На следниот линк https://listed-sme.com/en-GB/ можат да се прочитаат повеќе анализи и „препораки“ и за други силни компании чии акции се листирани на берзи од регионот, односно компании од Бугарија, Словенија, Романија, Србија и Хрватска.
Пред околу една недела беше објавена и анализата за „Комерцијална банка“.
Покрај за Алкалоид и Комерцијална банка, наскоро треба да биде објавена и инвестициска анализа за НЛБ Банка. Овие три македонски котирани компании кои котираат на Македонска берза се избрани да учествуваат во проектот на ЕБОР што има за цел да ја зголеми јавната достапност на инвестициски анализи и со тоа да ја пополни информациската празнина од овој вид анализи за котираните компании во регионот.
Во проектот учествуваат вкупно 20 компании котирани на берзите во шесте држави од регионот избрани според специфични критериуми утврдени од страна на консултантска куќа избрана од ЕБОР – WOOD & Company.
Wood & Company (www.wood.cz) е една од водечките инвестициски банки во регионот на Југоисточна Европа, со седиште во Чешка, специјалирана меѓу другото за пазарите во развој.