ИНТЕРВЈУ
ИСКРА ВЕТАЏОКОСКА, ко-сопственичка и генерален менаџер на “ВИТАЛИА”
Виталиа е една од најуспешните македонски бизнис приказни, која за три децении од пионер и стартап во производството на здравата исхрана прерасна во силен бренд и една од најголемите извозни компании, која денеска своите производи ги извезува во над 60 земји низ светот.
Во ексклузивно интервју за специјалната едиција Топ 100 Извозници, Искра Ветаџокоска зборува за развојот и стратегиите со кои Виталиа успева да остане конкурентна на светските пазари и во време на голема неизвесност, за промените и иновациите во работењето, освојувањето на нови пазари и развојот на нови производи.
Виталиа е една од успешните македонски бизнис приказни, основана во 1993 година со пионерска идеја да ја промовира здравата исхрана кај македонските потрошувачи, која за овие три децении прерасна во силен бренд и една од најголемите извозни компании, која своите производи ги извезува во над 60 земји низ светот. Кои беа најголемите успеси и предизвици во досегашното постоење на Виталиа?
Ветаџокоска: Основањето на Виталиа во 1993 година беше инспирирано од моќната идеја дека здравата исхрана e фундаментална за одржување на здравјето, квалитетен живот и треба да биде достапна за секој поединец.
Успехот на Виталиа се темели на постојаната иновација и отвореноста кон новите трендови и потреби на пазарот.
Денес, Виталиа е препознатлив бренд со присуство во над 60 земји и со портфолио од над 200 иновативни производи, како Пробиотската линија, Протеинската линија, Кето линијата и Колагенската линија на производи. Овие производи станаа синоним за здравје и функционалност, задоволувајќи ги потребите на современите потрошувачи во Македонија и на меѓународниот пазар.
Сепак, нашиот пат не беше без предизвици. Да се изгради силен бренд бара не само квалитет, туку и упорност и цврста визија. Како што растевме, се соочивме со глобални економски влијанија – зголемени трошоци за суровини, инфлација, и потреба за одржување на конкурентноста во средина која постојано се менува. За нас, секој предизвик беше можност да ја зајакнеме нашата способност за адаптација и да го зачуваме нашиот фокус на квалитетот.
Одржувањето на високите стандарди во време на растечки трошоци беше една од најголемите предизвици, но и потсетник за нас дека довербата на потрошувачите е непроценлива. За да ја задржиме оваа доверба, вложивме во оптимизација на производството и иновации кои не само што ги минимизираа трошоците, туку и ни овозможија да создадеме вредност за секој наш потрошувач.
Нашиот успех произлегува од фактот дека се држиме до она што нè дефинира: веруваме дека висококвалитетниот производ зборува за себе и создава доверба која трае.
Што стои зад успешната извозна стратегија на Виталиа? Квалитетни производи, силен бренд, поволна цена, маркетинг…? Што значи да се биде конкурентен и успешен извозник во Македонија?
Ветаџокоска: Успехот на Виталиа на меѓународниот пазар е резултат на синергија меѓу многу фактори, но пред сè, тоа е посветеноста кон иновација преку создавање производи кои носат вистинска вредност за потрошувачите. Наша основна филозофија е дека квалитетот на производот е сржта на секој бренд, а се што градиме е насочено кон тоа.
Во срцето на нашата стратегија е верувањето дека кога нудите нешто што е квалитетно, здраво и уникатно, вратите на пазарите се отвораат сами.
Извозот бара многу, посебно ако доаѓате од мал пазар. За нас, да се биде конкурентен значи да создадеме бренд кој е препознатлив и автентичен, а тоа го правиме преку иновации, адаптирани маркетинг и продажни стратегии, и длабоко разбирање на пазарите. Секој нов пазар претставува ново искуство, и затоа нашата стратегија започнува со детално истражување на секој локален пазар, за да ги разбереме културните, економските и прехранбените специфики на потрошувачите.
Постигнувањето успех во извозот значи постојано да ги слушате и разбирате потребите на пазарите и да бидете подготвени да одговорите со креативност и страст.
Со какви проблеми и предизвици во работењето и извозните активности се соочи Виталиа и прехранбената индустрија во изминатава година? Како врз работењето на Виталиа влијаеа инфлацијата, високите каматни стапки, економското забавување и геополитичките конфликти?
Ветаџокоска: Изминатата година беше исполнета со бројни глобални економски предизвици, кои бараа од компаниите да бидат подготвени за брза адаптација. Инфлацијата, високите каматни стапки, забавената глобална економија, како и геополитичките конфликти, не само што влијаеја врз синџирите на снабдување, туку создадоа значителни трошоци и ризици во извозниот процес.
Но, како што има константирано Чарлс Дарвин: „ Не опстануваат најсилните и најпаметните, туку оние што ќе се адаптираат на промените.“
Токму оваа способност за прилагодување е она што ја води Виталиа низ сите економски бури.
Низ секој предизвик, иновацијата останува основа на нашето работење и наш патоказ. Без разлика на околностите, ја задржуваме нашата посветеност кон создавање нови решенија за модерниот потрошувач. Оваа година ја лансиравме Веган Протеинската Гранола и солените ужини Protein Trail Mix – производи кои не само што ги задоволуваат потребите на пазарот, туку и ја зацврстуваат нашата позиција како лидер во производство на здрава храна.
За да ја зголемиме ефикасноста, инвестиравме во нови производствени погони за барови и солени ужини, ги оптимизиравме процесите и воведовме строга контрола на трошоците – сето тоа со цел да го зачуваме континуитетот на квалитетот и да ја задржиме довербата на нашите потрошувачи.
Наместо да гледаме на глобалните пречки како ограничувања, ги прифативме како можности за иновации, зајакнување на отпорноста и усовршување на нашите деловни процеси.
Оваа способност за адаптација не само што нè одржа стабилни, туку нè направи уште посилни и подготвени за секоја нова промена на пазарот.
Дали и со какви проблеми се сочивте во управувањето со синџирите на снабдување? Какви мерки и подобрувања правите за да ја подобрите отпорноста и предвидливоста на процесите?
Ветаџокоска: Синџирите на снабдување се витален елемент во секој производствен процес, и во денешната комплексна средина, управувањето со нив бара постојана адаптација.
Соочени со предизвиците на глобалните економски и геополитички промени, преземавме конкретни мерки за подобрување на отпорноста и предвидливоста во нашето работење. Покрај договорите со локални добавувачи и оптимизацијата на логистичките процеси, инвестиравме во нови технологии и вештачка интелигенција (AI) за зголемување на продуктивноста и ефикасноста на тимот.
Со интеграцијата на напредни технологии, значително ги подобривме процесите на предвидување на побарувачката, управување со залихите и оптимизација на производството. Овие алатки ни овозможуваат прецизно да ги предвидиме потребите на пазарите и да обезбедиме континуитет во снабдувањето, дури и во време на нарушувања.
За нас, воведувањето на дигитални решенија е повеќе од технолошка инвестиција – тоа е начин да ја зајакнеме нашата флексибилност и да одговориме на глобалните предизвици со иновативност и адаптабилност.
Со овој приод, Виталиа успева не само да ги задржи високите стандарди, туку и да го намали влијанието на надворешните фактори врз синџирот на снабдување. Ние веруваме дека комбинацијата од традиционални партнерства и современи технологии е клучна за градење стабилна и одржлива иднина во нашето работење.
Во услови на забавување на традиционалните европски пазари, каде ги гледате потенцијалите за поголем извоз? Дали имавте искуство со отворање на нови нетрадиционални пазари во изминатите две години и дали планирате влез на нови пазари во следниот период? На кои пазари Виталиа планира да расте во иднина?
Ветаџокоска: Во услови на забавување на традиционалните европски пазари, Виталиа го проширува своето внимание кон нови, нетрадиционални пазари каде здравата исхрана сè повеќе станува приоритет. Во изминатите две години, значајно се проширивме на африканскиот континент, вклучувајќи ги Нигерија, Гана, Буркина Фасо и Руанда, а едно од нашите најзначајни постигнувања оваа година е отворањето на нашата прва франшизна продавница во Казабланка, Мароко.
Нашето постојано учество на реномирани меѓународни саеми како PLMA, Summer Fancy Food Show во Њујорк, Anuga, ISM и SIAL Paris, е клучен дел од нашата стратегија за проширување кон нови пазари. Овие саеми ни овозможуваат не само да ги претставиме нашите производи пред глобалната публика, туку и да стекнеме увид во новите трендови и да воспоставиме вредни партнерства.
Во моментот, нашиот најголем фокус е насочен кон одржување и зајакнување на лојалноста на потрошувачите на постојните пазари. Сметаме дека изградбата на долгорочни односи со клиентите е клучен елемент за стабилност и успех, па затоа посветуваме време и ресурси за поддршка и продлабочување на тие врски.
Во однос на иднината, нашите погледи се насочени кон проширување на дистрибуцијата во САД и Азија. Овие региони нудат огромен потенцијал, особено со растечката свест за важноста на здравата исхрана и функционалните производи. За нас, експанзијата не значи само присуство – таа значи долгорочна инвестиција во квалитет, адаптација и изградба на доверлив бренд на секој пазар.
Каква поддршка од државата сметате дека би помогнала на Виталиа и другите извозните компании, посебно од прехранбената индустрија, за освојување на нови пазари и за поголема конкурентноста на странските пазари?
Ветаџокоска: За Виталиа, а верувам и за повеќето македонски извозни компании, поддршката од државата може да биде клучна за зајакнување на нашето присуство на глобалните пазари. Успехот и конкурентноста на интернационалната сцена бараат поддршка што ќе овозможи иновација, пристап до нови пазари и промоција на македонските производи како синоним за квалитет.
Од суштинско значење е обезбедување финансиски поттик за учество на светските саеми и за модернизација на производството, што би ја олеснило потребата од сертификација според високите меѓународни стандарди. Пристапот до податоци за глобалните пазари и трендови, пак, ќе им овозможи на македонските компании попрецизно да се прилагодат на барањата на потрошувачите на различни пазари, додека поддршката во областа на правната усогласеност и заштитата на интелектуалната сопственост ќе обезбеди стабилност во деловните релации.
За вистинска конкурентност, критични се и инвестиции во логистичка и транспортна инфраструктура, како и државни иницијативи за промоција на македонските брендови преку кампањи и настапи на глобалните саеми и настани. Со овие мерки, Виталиа и сите извозници можат да ги надминат глобалните бариери, да ги претстават македонските вредности на светот и да го зајакнат нашиот глас на глобалната сцена.
Со какви резултати очекувате да ја завршите годинава и кои се очекувањата за следната година за работењето на компанијата, за извозот и економијата воопшто?
Ветаџокоска: Оваа година очекуваме да ја завршиме со позитивни резултати и стабилен раст на извозните активности, дури и во услови на глобална економска неизвесност. Иако инфлацијата и зголемените трошоци донесоа значителен притисок, успеавме да ги задржиме нашите производи конкурентни и да го прошириме нашето присуство на нови пазари.
За следната година, нашите очекувања се амбициозни, но истовремено реални.
Веруваме дека глобалната економија постепено ќе почне да се стабилизира, што би овозможило нови можности за проширување и зајакнување на нашиот бренд на интернационалните пазари. Нашите планови за иднината вклучуваат континуирано вложување во истражување и развој на нови производи, со посебен акцент на функционалните производи што ги задоволуваат потребите на современиот потрошувач.
Како се поставува Виталиа во поглед на исполнување на ЕСГ целите и поголема одржливост во работењето? Како зелената транзиција се одразува врз работењето?
Ветаџокоска: За Виталиа, исполнувањето на ЕСГ целите не е обврска, туку морална одговорност што произлегува од нашата визија за здрава и одржлива иднина. Како компанија која секојдневно создава производи за подобрување на животот на потрошувачите, чувствуваме должност да оставиме позитивен отпечаток врз општеството и околината.
Во 2022 година, направивме значаен чекор кон зелена транзиција со поставување на фотоволтаичен систем за генерирање на електрична енергија, при што 35% од електричната енергија која се користи за производствените процеси, како и за останатите објекти во компанијата е биде обезбедена од сопствените фотонапонски панели, односно фотоволтаици.
Дополнително, на ниво на цела компанија е имплементиран нов систем на ладење и греење со геотермални пумпи, а е спроведена и комплетна изолација на сите објекти. Со ова е обезбедена заштеда од над 80% електрична енергија, која претходно се добивала од конвенционални извори. Со оваа инвестиција, не само што ја намалуваме нашата зависност од фосилните горива, туку и директно го намалуваме јаглеродниот отпечаток на компанијата.
Покрај ова, почнавме со креирање на електричен возен парк со набавка на електрични возила за нашите вработени, со што го поддржуваме концептот за енергетска ефикасност и одржлив транспорт.
Нашата визија за одржливост оди подлабоко од еколошките цели – ги продлабочивме партнерствата со компаниите кои се посветени на рециклирање и минимизација на отпадот. Секој аспект од нашето производство е оптимизиран за минимален отпад, а секој нус-производ со хранлива вредност го донираме на јавни кујни. Со ова, ги претвораме вишокот на ресурси во можности за оние на кои им се најпотребни, истовремено придонесувајќи кон благосостојбата на нашата заедница.
За нас, одржливоста е начин на живот, а не само деловна цел. Веруваме дека секој чекор кон зелена транзиција е инвестиција во подобра иднина, не само за компанијата, туку и за светот во кој живееме. Гледаме на одржливоста како на наша обврска и можност да создадеме трајни врски со нашите потрошувачи, партнери и заедницата, носејќи ги предностите на одржливиот начин на работа до секој дел од нашето работење.