Диверзификацијата на извозот е клучна за успех
Иако европската економија забавува, а Германија како најголем извозен пазар веќе втора година се соочува со рецесија, македонските извозни компании се уште најголемиот потенцијал за раст на извозот го гледаат на европските пазари, особено на побогатите и пософистицирани пазари. Земјите од регионот, заради својата близина и слични културни и традиционални врски остануваат високо позиционирани на нивните извозни мапи и за многу компании основа на нивното извозно работење. Но, истовремено, посебно кај големите извозни компании, во последните неколку години засилено се одвива географска и производна диверзификација, со влез на далечни и нетрадиционални пазари со иновативни производи со повисока додадена вредност. Но, за поголем извоз на далечните и нетрадиционални пазари неопходна е системска и институционална поддршка. Лекциите како тоа се прави може да се учат од Словенија, која неодамна од Кристин Лагард беше посочена како пример за земја која успева неизвесноста и промените да ги претвори во можности за напредок.
Дали во време кога европската економија забавува, а нашиот најголем извозен пазар се соочува со рецесија и структуран економска криза, македонските извозници треба да се насочат кон отварање и настап на нови и далечни извозни пазари? Кои се новите потенцијални пазари за извоз на производите Made in Macedonia? Колку растечката економска тежина на БРИКС има значење и за македонскиот извоз?
Дали и колку домашната индустрија и бизнисмените се подготвени и развиени да работат на далечни пазари? Можат ли производите произведени во Македонија да бидат конкурентни на овие пазари, токму заради физичката оддалеченост и поголемите трошоци за транспорт?
Овие се дилемите кои ги и македонските извозници, под притисок на економското забавување во европската економија и Германија, како најголем извозен пазар, си ги поставуваат во изминатите две години. Голем дел од македонските извозници за потребите на оваа едиција споделија дел од нивите извозни стратегии, откривајќи дека во изминатиов период интензивно работеле на влез и отворање на нови пазари, сепак признавајќи дека на европскиот пазар се уште гледаат голем потенцијал за зголемување на својот извоз.
Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека во 2023 година македонските компании оствариле извоз на производи поголем од 50 илјади евра само во 112 земји, додека само во 32 земји бил остварен извоз поголем од 10 милиони евра.
Македонската извозна економија традиционално е стратешки силно ориентирана кон европските пазари и земјите од регионот, додека малку производи фирмите успеваат да продадат на пазарите надвор од континентот.
Според Државниот завод за статистика, во 2023 година македонската економија остарила извоз на стоки во вредност од речиси 8,3 милијарди евра. Дури 6,55 милијарди евра или 79% од стоката што компаниите ја продале во странство во 2023 година била наменета за пазарите во Европската Унија. Од нив 44% бил извоз во Германија, најголемата европска економија, која се соочува со економски проблеми и рецесија.
Во земјите од регионот, односно во шесте земји од Западен Балкан лани бил насочен само 12,6% од вкупниот извоз, а лани тој за прв пат надмина вредност од над 1 милијарда евра.
Нашиот прв најголем извозен партнер надвор од европскиот континент е Кина, каде компаниите во 2023 година продале стоки во вредност од 103 милиони евра. Втори се САД со извоз вреден близу 50 милиони евра, додека трет е Русија каде минатата година сме извезле производи вредни 44 милиони евра. Следат Мексико со извоз од 12 милиони евра, Австралија со извоз од 9,8 милиони евра, Индонезија со извоз од 8,7 милиони евра, Израел од извоз од 7,5 милиони евра, Канада со 7,4 милиони евра и Бразил со извоз вреден 6,5 милиони евра во 2023 година.
Податоците покажуваат дека македонските комапнии имаат минимални продажби на азиските и африканските пазар, кои ќе бидат двата најбрзорастечки региони следната година.
Овие податоци покажуваат дека македонскиот извоз има преголема концентрација на еден регион, тоа е ЕУ, голема концентрација на една земја, Германија, која се соочува со големо економско забавување и структурни проблеми. Концентрацијата и изложеноста се уште поголеми кон една индустрија, тоа е автомобилската индустрија, посебно германската, која исто така е во тешка криза и се соочува со голем пад на продажбите и профитите, затворање на фабрики и отпуштање на работници.
Економската теорија, но и пракса кажуваат дека преголемата концентрација во извозот води кон поголема ранливост на економијата. Последнава година, македонската економија ја чувствува ранливоста од преголемата зависност од Германија преку намалување на нарачките и пад на извозот, кој во првите девет месеци годинава бележи пад од 13,7% во споредба со истиот период лани.
Овие статистики само покажуваат дека на македонскиот извоз му е повеќе од потребна диверзификација и пристап до нови потенцијални пазари, што поздразбира не само географска диверзификација, туку и вклучување во нови глобални синџири на вредности, како и развој на нови производи со поголема додадена вредност.
Но, ова се чини е полесно да се каже отколку да се реализира во пракса.
Процесот на географска и производна диверзификација веќе засилено се одвива, особено кај поголемите извозни компании. На пример, Алкалоид, како најголема домашна извозна компанија која извезува производи со висока додадена вредност во последниве неколку години значително го проширува присуството на нови пазари. Производите на Алкалоид се извезуваат на над 50 пазари. Традиционалните пазари од регионот се основата на извозното работење на Алкалоид. Но, во изминативе години значително е зајакнато присуството и на многу европски пазари, каде Алкалоид го гледа најголемиот потенцијал за раст на компанијата.
Алкалоид секоја година отвора и по неколку нови пазари, па во 2023 година обезбеди присуство и во Италија, на Малта, понатаму во Чиле, Австрија, Саудиска Арабија итн. Отварањето на компанијата во Букурешт е голем квалитативен исчекор за зголемување на присуството на романскиот пазар.
Прехранбената компанија Виталиа, пак, во изминатите две години значајно го прошири работењето на африканскиот континент, вклучувајќи ги Нигерија, Гана, Буркина Фасо и Руанда, а едно од нивните најзначајни постигнувања оваа година е отворањето на првата франшизна продавница во Казабланка, Мароко.
Брако во делот на продажба на возилата претходната година влегол на два големи и нетрадиционални пазари за македонскиот извоз, Мексико и Саудиска Арабија, а своите возила веќе ги продава во Индонезија и Тајланд.
Но, за овие процеси да се интензивираат неопходен е системски и повеќедимензионален пристап во кој покрај компаниите, ќе бидат вклучени и државата и науката.
Првиот столб е зголемување на подготвеноста на извозните компании за настап на странски пазари, преку развој на нови и подобрување на постоечките производи. Потребни се поголеми инвестиции во нови технологии и модернизација на производните процеси и воведување на стандарди за квалитет. За оваа цел, компаниите мора да работат заедно со државата и науката.
Вториот столб се однесува на поголема промоција на македонските извозни компании и производи преку поддршка за настап на странски пазари, учество на меѓународни саеми и манифестации, организирање на купувачки мисии, поддршка на маркетинг и промотивни активности кои ќе ја зголемат видливоста и препознатливоста на нашите комапнии и производи на странските пазари. Економската дипломатија морда да има поголема од сега улога во овој процес на извозна промоција на земјата и да работи заедно со компаниите за полесен настап на нови пазари.
Економската сила се поместува на Исток
Прогнозите од светските финансиски институции покажуваат дека пазарите во развој ќе го поттикнат најголемиот дел од глобалниот раст оваа и следната година. Голем потенцијал нудат земјите од Блискиот Исток, Западна Африка, Централна Азија.
Азиско-Пацифичкиот регион се проценува дека ќе биде најбрзо растечки регион во светската економија. Африка исто така се наметнува како регион со огромна потрошувачка моќ во следниот период.
Единаесет од 20-те најбрзорастечки економии во светот во 2024 година ќе бидат од Африка. Севкупно, растот на реалниот БДП за афричкиот континент се очекува да биде просечно од 3,8% и 4,2% во 2024 и 2025 година,според што Африка ќе биде втор најбрзо растечки регион, после Азија. Економијата на Обединетите Арапски Емирати се очекува да се зголеми за 6,7% во 2025 година, од растот од 3,8% годинава.
Во текот на изминатите две децении, светот беше сведок на длабока промена во глобалниот економски и геополитички пејзаж, бидејќи со економскиот подем, земјите на БРИКС почнаа да стануваат сè поголема противтежа на традиционалната доминација на земјите од Г7 групата во глобалната економија. Спектакуларното економско искачување на Кина особено ја преобликува глобалната трговија, инвестициите и синџирите на снабдување. Производствената моќ на земјата, огромниот потрошувачки пазар и растот поттикнат од иновациите ја издигнаа на првите редови на глобалната економија. Додека Индија е сè уште неколку чекори поназад, нејзиниот огромен пазар и раздвижената технолошка индустрија добро ја позиционираат да стане втората економска суперсила во блокот. На почетокот на 2024 година во БРИКС се приклучија и Египет, Иран, Етипија и Обединетите Арапрски Емирати).
За растечката економска тежина на БРИКС зборуваат и бројките. Учеството на БРИКС земјите во глобалниот БДП во 2024 година достигна 35% и го надмина учеството од 30% на земјите од Г7 групата.