Извозот на лекови во светот во изминатата 2020 година достигна 407,7 милијарди долари, што е раст за 6,9% или во споредба со претходната 2019 година.

Гледано по континенти, земјите членки на Европската унија се најголеми извозници и тие во 2020 година продале лекови во вкупна вредност од 328,4 милијарди долари или 80,5% од вкупниот извоз на лекови во светот.

Азиските земји се на второ место и на нив отпаѓа 9,9% од вкупниот извоз на лекови во светот во 2019 година, додека 8,1% од светските пратки со лекови потекнуваа од Северна Америка.

Гледано по земји најголем извозник на лекови во светот и минатата година останува Германија со продадени лекови во вредност од 60,8 милијарди долари. Втор најголем светски извозник на лекови е Швајцарија со извезени лекови во вредност од 48,1 милијарди долари, додека на трето место е Белгија со извоз вреден 31,1 милијарди долари.

На листата светски најголеми извозници на лекови на Worldtopexports на 64 место е рангирана и Македонија со извоз на лекови лани од 122 милиони долари, што е годишен раст од 17,5%.  Речиси целиот извоз на лекови од Македонија го прави фармацевтската компанија Алкалоид, која минатата година ја заврши консолидиран извоз од над 152 милиони долари (128 милиони евра).

Од регионов убедливо најголем извозник на лекови е Словенија која лани имала извоз на лекови вреден 7,3 милијарди долари (раст од 42,2% за една година) со што е 15-ти по големина извозник во светот.
Бугарија е 28-ми по големина извозник во светот со извоз од 1 милијарда долари во 2020 година. Хрватска минатата година имала извоз на лекови вреден 648 милиони долари и е рангирана на 36 место, додека Србија со извоз од 314 милиони долари е на 51 место на листата најголеми светски извозници на лекови.