Вкупниот извоз на вино на светско ниво во 2018 година достигна 37,4 милијарди долари, што е раст од 5,4% во споредба со претходната 2017 година.
За изминатите четири години извозот на вино е зголемен за 7,5% .
Најголем извоз на светско ниво имала Европската унија во вредност ид 27,1 милијарди долари или дури 72,5% од вкупниот извоз на вино.
Следат вината од Австралија и Нов Зеланд со 9% од вкупниот извоз на вино, по кои следи Латинска Америка со 7,6%. Извозниците на вино од Азија лани учествувале со 4,6% од вкупниот извоз на светско ниво, додека Северна Америка учествува во светскиот извоз со 4,1%.
Гледано по земји, Франција е лидер во продажбите на вино на светско ниво во вредност од 11 милијарди долари или дури 29,5% од вкупните продажби на вино. Следи Италија со извоз на вино од 7,3 милијарди долари или 19,6% од светскиот извоз на вино. Трет најголем извозник на вино е Шпанија со извоз на вино 3,5 милијарди долари или 9,4% од вкупниот светски извоз на вино. Следат Австралија, Чиле, САД, Германија, Нов Зеланд и Португалија.
Македонија е на 28 место на листата најголеми извозници на вино во светот со извоз на вино од 60,2 милиони долари во 2018 година.
Од земјите во регионот, повеќе вино од Македонија извезува единствено Грција, која лани извезла вино во вредност од 97,5 милиони долари и била 26 најголем извозник на вино во светот.
Сите останати земји, Бугарија, Србија, Хрватска, Словенија и Црна Гора извезуваат далеку помалку вино во споредба со Македонија.