Извозот од зоните во текот на изминатата 2020 година изнесувал 2,58 милијарди евра, што е пад од 8% во споредба со претходната година, информираше Јован Деспотовски, директорот на Технолошко-индустриски зони.
“Не треба да не радува падот, но имајќи предвид дека падот на извозот од зоните заклучно со април беше 91%, забележителен е силниот тренд на опоравување на економската активност во зоните”, вели Деспотовски.
Во делот на увозот, најновите податоци од Дирекцијата покажуваат поголем пад на увозот од 14%, со што вкупниот увоз достигна 2,2 милијарди евра во текот на 2020 година.
Според податоците, нето извозот од зоните во 2020 година изнесувал 370 милиони евра, што е зголемување во споредба со 2019 година, кога заради поголемиот увоз нетоизвозот изнесувал 231 милион евра.
Покриеноста на увозот со извоз во 2020 година изнесувала 117%, односно извозот лани бил за 17% поголем од увозот, што според Деспотовски е исклучително важно бидејќи има позитивен придонес кон растот на економијата. За споредба, во 2019 година извозот во зоните бил за 9% поголем од увозот. За споредба на ниво на цела држава, покриеноста на увозот со извозот во периодот јануари-номеври 2020 година изнесувала 75%.
Според Деспотовски, иако економските последици од пандемијата се значителни и сигурно ќе се одразат и врз компаниите од зоните, податоците покажуваат дека повеќе од половина од компаниите кои доставиле извештaи до Дирекцијата бележат раст на бројот на вработени. Растот на бројот на вработени во 2020 година изнесува 0,64% .
Бројот на вработените во компаниите во зоните во 2020 година изнесувал 14.076, што е за 0,64% повеќе во споредба со 2019 година. Колку за споредба со 2019 година бројот на вработените во зините бил зголемен за 16%.
Деспотовски најави дека во следниот период Дирекцијата ќе ја следи внимателно реализацијата на договорите со странските инвеститори во поглед на преземените обврски за отварање на работни места. Имено, согласно досегашните договори инвеститорите во зоните се обврзале да отворат 21 илјада работни места , што наспроти сегашниот број на вработени од 14.100 е реализација од околу 60%.
“За да ги поттикнеме инвеститорите побрзо да ги креираат работните места се развива и посебна мерка за поттикнување на вештини за продуктивност, која што е ќе ги поттикне да одат со побрза динамика со примање на нови вработени, но ќе поттикне и зголемување на просечната плата на вработените во зоните за 30% до 50% до 2024 година”, вели Деспотовски.
Во поглед на реализацијата на инвестициите кои инвеститорите ги имаат преземено со договорите. Имено, согласно потпишаните договори со државата инвеститорите во технолошките зони се обврзале да инвестираат 353 милиони евра, а заклучно со 2020 година се реализирани инвестиции од 305 милиони евра, што е реализација од 86,4%.
Според Деспотовски, има потенцијал од околу 50 милиони евра инвестиции да се реализираат согласно преземните обврски од договорите за инвестирање.
“Дирекцијата во следниот период, покрај на привлекување на нови инвеститори, ќе работи поблиску со постојните инвеститори на тоа да се најдат начини да ги поттикне инвеститорите побрзо да ги реализираат овие инвестиции и да ги прошират инвестициите со нови”, вели Деспотовски.
Тој го потенцира новиот пристап на работењето на Дирекцијата за ТИРЗ со фокус кон привлекување на и реализација на инвестиции со повисока додадена вредност, нов концепт на организација за aftercare и профилирање на инвеститорите, нов модел на пристап кон инвеститорите и програма за технолошко прилагодување и усвојување на стандарди за домашните компании со цел нивно вклучување во синцирите на вредности и снабдување на големите производители и поттикнување на конкурентноста.