Пад на извозот од зоните за 33% и увозот за 37,4% во првата половина годинава, нето извозниот ефект 104 милиони евра во првата половина годинава

Компаниите кои работат во слободните економски технолошко-индустри зони во Македонија во првата половина годинава оствариле извоз на производи од 915 милиони евра, кој е за 33,11% или за 453 милиони евра понизок во споредба со првата половина од минатата 2019 година, покажуваат податоците од Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони (ТИРЗ).

Извозот од зоните бележи поголем пад од вкупниот извоз на државата, кој во првата половина годинава е помал за 22,3%.

Вкупниот увоз, пак, кој компаниите го направиле во првите шест месеци годинава изнесувал 810,8 милиони евра, кој бележи уште поголем пад од нивниот извоз од дури 37,43 %. Во истиот период, увозот на ниво на цела држава во првата половина годинава бележи пад од 18,1%
Податоците покажуваат дека нето извозниот ефект од зоните (извоз кој е поголем од увозот) во првата половина годинава изнесувал 104 милиони евра. Заради поголемиот пад на увозот, нето извозниот ефект годинава е поголем во споредба со првата половина од 2019 година кога нето извозниот ефект од зоните изнесувал 72 милиони евра.
Поголемиот пад на увозот е сигнал кој укажува дека компаниите, кои најчесто увезуваат суровини од странство, планираат помало производство во следниот период.

Најголемиот дел од компаниите кои работат во технолошките развојни зони се компании кои произведуваат делови за германската и европската автомобилската индустрија, кои беа силно погодени од кризата која ја предизвика пандемијата со Ковид 19. Кон средината на месец март повеќето производители на автомобили (OEMs) ги затворија своите производни капацитети поради здравствената криза со пандемијата на глобално ниво. Но, уште во јануари настанаа проблеми во ланецот на добавувачи од Кина и драстичниот пад на продажбата на автомобили.
Заради затворање на фабриките низ Европа, извозот од зоните забележа огромен пад во април од дури 86,09% во споредба со истиот месец лани, а во мај падот на извозот беше 67% на годишно ниво.

Имено, пандемијата со корона вирусот предизвика огромни последици и нарушувања во функционирањето на глобалната економија и трговија во целиот свет. Многу индустрии беа погодени, но според податоците автомобилската индустрија е една од најсилно погодените, која се соочува со огромни загуби во производството, но и голем пад на побарувачката за нови автомобили автомобили.

Индустријата за автомобилски делови учествува со околу 50% во вкупниот извоз на државата и вработува над 25 илјади лица.

Генерално, најбрзо и најмногу погодени од кризата се трудоинтензивните компании и дел од нив беа затворени на краток рок, користеа колективен годишен одмор и слично, но не дојде до масовно отпуштање на вработените.
Проценките се дека враќањето на пред-пандемиското ниво на производство и продажба во европската автомобилска индустрија ќе биде тешко и бавно, односно може да потрае и до 2027 година.

Заради овие прогнози, дел од компаниите од зоните во земјава ќе бидат принудени да го намалат производството и бројот на вработени во следниве неколку месеци.

Со цел да се подобри ликвидноста и конкурентноста на компаниите од зоните веќе неколку месеци  побараа од Владата намалување на царините за увоз на суровини и делови кои им се потребни во работењето и нивно изедначување со европските

Иако податоците од јуни покажуваат дека состојбата со извозот се подобрува во споредба со рекордно најлошите резултати во април и мај, таа е се уште далеку од минатогодишното ниво, а се поизвесно е дека опоравувањето ќе биде тешко и бавно.