Македонските извозни компании во ноември 2024 продале стоки на странските пазари во вредност од 652 милиони евра, што е пад од 9,2% во споредба со извозот остварен истиот месец претходната 2023 година.

Обемот на извезени стоки, пак, во ноември 2024 година е намален за 1,2% во споредба со истиот месец 2024 година, што упатува дека падот на извозот во поголем дел се должи на намалените цени.

Во периодот јануари-ноември 2024 година од земјава биле извезени стоки вредни 7,2 милијарди евра, за 5,8 % помалку во споредба со истиот период лани.

Податоците покажуваат дека има пад и на страната на увозот. Во ноември годинава биле увезени стоки вредни 863 милиони еврa, што е намалување за 2,1% во споредба со вредноста на увозот во ноември 2023 година. За периодот од јануари до ноември 2024 година увезени биле стоки во вредност од 10,1 милијарда евра, што е мал пад од 0,6% во споредба со истиот период од 2023 година.

Трговскиот дефицит во периодот јануари-ноември 2024 година достигнал вредност од 2,9 милијарда евра, што е зголемување за 15% во споредба со истиот период од 2023 година. Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари – ноември 2024 година изнесува 71,4 %, додека во ноември 69,7%

Намалувањето на извозот во Германија продолжува и во ноември, што го влече целиот извоз на државата надолу со оглед дека дури 40% од целиот извоз е насочен кон Германија која се соочува со економско забавување и рецесија. Според податоците на Државниот завод за статистика, во ноември 2024 година во Германија биле извезени стоки во вредност од 236 милиони евра, што е намалување за 19,6% во споредба со ноември 2023 лани кога извозот изнесувал 293 милиони евра.

За периодот јануари –ноември 2024 година вредноста на извозот во Германија изнесувала 2,9 милијарди евра, за 14% или за речиси 500 милиони евра помалку во споредба со извозот во истиот период од претходната 2023 година.

Извозот во ЕУ во истиот период изнесувал 5,5 милијарди евра, пад од 7,5%, додека во земјите од Западен Балкан биле извезени производи во вредност од над 1 милијарда, раст од 6,2% на годишно ниво.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на машини и транспортни уреди 2,1 милијарди евра, кој бележи раст од 5,8%, додека извозот на хемиски производи изнесувал 2 милијарди евра и бил помал за 19,1% во споредба со истиот период од 2023 година.