Повеќе словенечки компании кои минатиот месец го прекинаа производството како резултат на епидемијата на коронавирус, од денеска постепено почнуават да ги рестартираат производните операции. Околу 10.000 работници во словенечки производни, трговски и услужни компании од денеска почнуваат повторно да работат.
Според владината уредба, можат да работат и механичари за автомобили, вулканизатори, поголеми градилишта, како и продавници за градежни материјали и уреди.
Производителот на производи за домаќинства Горење, сопственост на кинескиот „Хисенс“, привремено ги затвори своите погони на 23 март. Погоните за производство на машини за перење и сушење започнаа со работа минатиот петок, а другите производствени линии во словенечкиот град Велење се очекува да започнат денеска.
Елан, која го прекина производството во средината на март, ја враќа повеќе од половина од својата работна сила назад на работа и преку посебни мерки за реорганизирање на смените се труди да обезбеди што помалку луѓе да работат на исто место.
Ревоз, фабриката за склопување автомобили во сопственост на Рено, размислуваше за повторно отворање на погоните денеска. но потоа го продолжи прекинот за уште една недела. Почетокот со производство за 20 април е сè уште сомнително и зависи од голем број фактори, вклучително и продолжување на услугите за јавен превоз, снабдувањето со компоненти и развојот на настаните во Франција и Шпанија.
И покрај рестрикциите, за некои компании во Словенија работењето продолжи со несмалено темпо, како на пример за прехранбените и транспортните компании, за производителите на лекови Крка и Лек.
Стопанската комора на Словенија предупреди дека работодавците се одговорни за безбедна работа и дека тие мора да го организираат работењето според упатствата на Националниот институт за јавно здравје.
Според бројките на властите, бројот на нови случаи заразени со вирусот на корона паѓа, така што од 554 тестирани во неделата, само седум биле позитивни. Досега инфицирани се вкупно 1.212, 55 умреле, а 152 се излечиле.