Заврши уште една успешна година за „Алкалоид“ АД Скопје, во која ќе забележиме и неколку рекордни достигнувања и надминувања на стратешките цели.
Изминатите неколку години беа исполнети со голем број предизвици: големи нарушувања во синџирот за набавки, висока инфлација, раст на каматните стапки, недостиг и неколкукратен раст на цените на многу суровини и репроматеријали и ограничени транспортни коридори, што ги зголеми трошоците во работењето и се одрази врз севкупното работење на компанијата. Ваквиот притисок е посебен предизвик со оглед на фактот дека голем дел од фармацевтските производи припаѓаат на строго ценовно регулирана категорија производи и не се дозволени корекции на продажните цени од државните авторитети надлежни за нив.
Но, и покрај предизвиците, благодарение на успешното управување со пазарните можности и високото ниво на оперативен менаџмент, „Алкалоид“ успеа да ги осигури пласманите на сите пазари и да остане партнер од доверба на здравствените системи и на своите деловни партнери, обезбедувајќи непречено снабдување со висококвалитетни производи. Го подигнавме нивото на претпазливост, економичност и ефикасност и се фокусиравме на многу внатрешни подобрувања, за максимално да ги оптимизираме сите процеси во компанијата.
За сите овие подобрувања се неопходни сериозни инвестиции. Во последните 20-ина години „Алкалоид“ е во постојан инвестициски циклус, во кој се инвестирани повеќе од 200 милиони евра, и тоа во зголемување на производствените капацитети, воведување нови и современи опреми и технологии, зајакнување на стандардите за квалитет, во истражување и развој, развој на нови производи, енергетска ефикасност и заштита на животната средина, вештини и знаења на нашите вработени и во дигитализација на процесите во работењето. Сето ова, проследено со создавањето конкурентно производствено портфолио, интерните подобрувања и оптимизации и со извозните промотивни активности, го трасира патот кон продолжување на трендовите на раст на компанијата. Секогаш треба да се потенцира фактот дека поддршката на ваквите инвестициски активности на извозно ориeнтираните домашни компании со соодветни државни мерки може да биде од особено значење за подобрување на нивната конкурентност во глобалната економија.
„Алкалоид“ бележи континуиран раст на продажбите и на извозот во изминативе 20 години. Ако во 2005 година компанијата имаше вкупни продажби од 53 милиони евра, во 2024 година се остварени пласмани од над 300 милиони евра, со што за првпат ќе постигнеме надминување на оваа граница. Притоа, веќе шеста година по ред растот на продажбите е двоцифрен, што претставува исклучително достигнување. Клучните зборови зад овој речиси шесткратен раст на продажбите се квалитет, инвестиции, посветеност и напорна работа.
Производите на „Алкалоид“ се извезуваат на повеќе од 50 пазари. Традиционалните пазари од регионот се основа на извозното работење на „Алкалоид“. Но изминативе години значително е зајакнато присуството и на многу европски пазари, на кои „Алкалоид“ го гледа најголемиот потенцијал за раст на компанијата. Како втор приоритет се пазарите во Азија, а се прават првите обиди и на пазарите во Јужна Америка. Во 2024 година остваривме вкупен извоз од над 200 милиони евра, што претставува учество на извозот со близу 70% во вкупните консолидирани продажби на „Алкалоид“ и надминување на уште една стратешка цел.
Целта на „Алкалоид“ останува да се диференцира преку знаење и развој на производи со додадена вредност, градење конкурентно портфолио и специјализација во одредени сегменти, преку натамошна глобализација на брендот „Алкалоид“, практикување високи етички стандарди, кредибилитет и професионален пристап во севкупните операции, а, секако, во најново време и преку користење на можностите на вештачката интелигенција.
Една од областите на која ѝ посветивме сериозно внимание изминативе години е диверзификацијата. Резултат на тоа се континуираното ширење на портфолиото со нови производи и освојувањето нови пазари. Истото се одразува и врз постоењето алтернативни добавувачи или синџири на снабдување.
Сериозно сме посветени и на обезбедувањето одржлив раст и сме активни во сите ЕСГ-сегменти, како и на приспособувањето на новите ЕУ-прописи и стандарди.
Стратешките инвестиции насочени кон модернизирање на портфолиото на производи доведоа до успешен развој и на првиот патентиран лек со додадена вредност од портфолиото на „Алкалоид“, а тоа е течниот Омепразол подготвен за употреба, создаден за лекување рефлуксен езофагитис и гастроезофагеална рефлуксна болест (ГЕРБ). Новиот производ и неговите предности бргу се препознаени на повеќе европски пазари, па веќе се реализирани и првите испораки во Обединетото Кралство, Ирска и во Холандија.
За да обезбеди присуство во сите сегменти на овој бизнис, покрај со вообичаените генерички лекови, „Алкалоид“ има стратешка цел да настапи и на пазарот со биослични лекови. За навреме да настапи во овој растечки бизнис-сегмент во фармацевтската индустрија, „Алкалоид“ се одлучи за вложување преку купување малцински удел во јужнокорејската развојно-истражувачка компанија Rophibio.
На овој начин „Алкалоид“ останува силно посветен на компаниската визија за континуиран раст, за што значајна основа претставуваат зајакнувањето на извозните позиции и глобализацијата на брендот „Алкалоид“. Проекциите за работењето на компанијата во идните години, кои веќе се во тек, нѐ уверуваат дека овие растечки трендови треба да ги очекуваме и во наредната 2025 година.