Денес во Стопанската комора на Северна Македонија се одржа работна средба на Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство, и претставници од организационата целина за претставување на членките и вмрежување при Стопанската комора на Северна Македонија со претставници на Министерството за труд и социјална политика и Кабинетот на потпретседателот за економски прашања при Владата на Република Северна Македонија.
„Оваа средба беше реализирана како заклучок од редовната квартална средба на Асоцијацијата со потпретседателот на Владата за економски прашања Битиќи и економскиот тим, а кој подразбираше формирање на работна група со цел олеснување на подготовката на подзаконскиот акт, произлезен од измените на Законот за работни односи во делот на воведување на денот Недела како неработен ден, а со кој би се дефинирале дејностите и работите кои не би можеле да бидат прекинати заради непречено обавување на дејноста на компаниите. Во конструктивна дискусија се разговараше за потребите и процесите на компаниите од Асоцијацијата, но и другите компании, членки на Комората, кои не смеат да го нарушат континуитетот на технолошкиот процес во целост, а кои се дефинирани како помошни или поддржувачки процеси. Истите треба да бидат вклучени во подзаконскиот акт кој би произлегол од измените на горенаведениот закон, а кој треба да има апликативна примена од 01.10.2021 година“, наведено е во соопштението.