Пандемијата со Ковид 19 предизвика досега невидено нарушување во секојдневното живеење и економијата. Затворањето на границите на почетокот на пандемијата во март 2020 година, предизвика големи загуби за македонските извозници. Ако падот на извозот во април и мај се движеше околу 60%, односно 40%, втората половина извозните активности почнаа да заживуваат. Но, сепак недоволно да се надоместат загубите во првата половина годинава, заради што изминатата 2020 година, македонската економија ја заврши со пад на извозот и увозот од 10%.

Вкупниот извоз на Македонија во пандемиската 2020 година изнесуваше 5,77 милијарди евра (6,6 милијарди долари), што е зa 643 милиони евра помалку во споредба со 2019 година.

Ако се анализираат пазарите на кои лани најмногу се извезувале македонските производи, статистиката покажува дека 77,5% или дури 4,5 милијарди евра биле насочени кон земјите од Европската Унија.
Преголемата концентрација на македонскиот извоз кон европските пазари беше причина и за најголем пад на извозот. Податоците покажуваат дека минатата година на европските пазари се извезени производи за 562 милиони евра помалку во споредба со 2019 година, што е пад за 18,1%.

Уште една голема и опасна концентрација на македонскиот извоз е преголемата зависност за автомобилската индустрија. Имено, речиси половина од македонскиот извоз се прави со извоз на автомобилски делови наменети пред се за европската автомобилска индустрија. Токму автомобилската индустрија беше една од најпогодените индустриии на почетокот на корона кризата, што се одрази со огромен пад на целиот македонски извоз и увоз.

Од друга страна, неколку индустрии во кои доминираат компании со домашен капитал, како фармацевтската, прехранбената и металопреработувачката индустрија покажаа дека се многу важни, жилави и успеваат да обезбедат пласман за своите производи на странските пазари дури и во време на криза и големи пореметувања во транспортот  и трговијата.

ИзвозМК анализира кои се највредните 20 групи на производи во извозот на македонската економија во изминатата 2020 година.  Со овие 20 производи минатата година е остварен вкупен извоз од 5,25 милијарди евра или 90,9% од вкупниот извоз на македонската економија во 2020 година.

# Хемиски производи

Извоз: 1.155.103.711 евра
Годишна промена: -14,3%
Учество во вкупен извоз: 20%

Извозот на производи на хемиската индустрија е највреден извоз од Македонија во 2020 година со вредност од 1,1 милијарда евра. Во оваа група всушност влегуваат извозот на катализатори кои во земјава ги произведува британскиот Џонсон Мети во фабриката во зоната во Бунарџик. Извозот на хемиски производи минатата година бележи пад од 14,3% односно е помал за 193 милиони евра во споредба со извозот во 2019 година.
Џонсон Мети, кој неколку години е најголем извозник во Македонија, создава дури 33% од вкупниот извоз на земјата минатата година, ако се земат во предвид апаратите за филтрирање и прочистување на гасови, кои се трета најголема ставка во извозот.

# Електрични машини и опрема

Извоз: 878.057.836
Годишна промена: -9,7%
Учество во вкупен извоз: 15.2%

Втор најголем извозен прилив минатата година од 878 милиони евра е направен со извоз на електрични машини и опрема. Во оваа група најголем дел од извозот или дури 498 милиони евра отпаѓа на сетови од кабли за автомобилската индустрија, но и разводни електрични табли, електрични бојлери, расвета…
Извозот на електрични машини и опрема минатата година бележи пад од 9,7%, односно е помал за 93 милиони евра.

# Нуклеарни реактори, котли, машини и уреди

Извоз: 755.023.236
Годишна промена: -6,1%
Учество во вкупен извоз: 13,1%

Извозот на нуклеарни реактори, котли, машини и уреди минатата година изнесувал 755 милиони евра и бележи пад од 6,1%, односно е помал за 49 милиони евра во споредба со 2019 година.
Во оваа група на производи најголем дел или 668 милиони евра отпаѓа на машини и апарати за пречистување и филтирање на гасови кои ги произведува најголемиот извозник Џонсон Мети. Станува збор за производи кои се наменети за автомобилската индустрија и кои имаат учество од 13% во вкупниот македонски извоз минатата година.

# Железо и челик

Извоз: 466.221.907
Годишна промена: – 6%
Учество во вкупен извоз
: 8,1%

Извозот на железо и челик минатата година изнесувал 466 милиони евра и бележи пад од  8,1% или е за 27,4 милиони евра помал во споредба со претходната 2019 година.
Најголем дел од извозот во оваа група или околу 198 милиони евра отпаѓа на извозот на феро никел од страна на компанијата Еуроникел или поранешен Фени од Кавадарци кој бележи раст од 1,7%,  потоа на извозот на топловалани производи (109 милиони евра, пад од 16%.

# Облека и прибор за облека

Извоз: 266.904.343
Годишна промена: – 20,9%
Учество во вкупен извоз: 4,6%

 Текстилната индустрија е една од најпогодените индустрии од кризата. Податоците покажуваат дека извозот на облека минатата година бележи пад од близу 21% или е помал за 70 милиони евра во споредба со 2019 година кога извозот изнесувал 337 милиони евра.
Станува збор за лон извоз на облека наменети претежно за Германија и останатите европски земји, каде заради карантините продажбата на облека имаше голем пад, што ја намали и извозната побарувачка на македонските текстилни фабрики.

# Мебел, седишта за автомобили, постелнина

Извоз: 256.059.530
Годишна промена: – 9%
Учество во вкупен извоз: 4,4%

Во групата 94 влегува извозот на мебел, седишта за автомобили,  мебел, постелнина…Вкупниот извоз лани изнесувал 256 милиони евра и е намален за 4,6% или за околу 25 милиони евра. Најголем дел од извозот во оваа група или околу 205 милиони евра отпаѓа на извозот на седишта и делови (навлаки) за седишта наменети за автомобислката индустрија, кој лани е намален за 11,6%. Во оваа група влегува и извозот на перници, јоргани и друга постелнина во износ од 34 милиони евра, кои ги произведува припелската Комфи Ангел, кој лани е зголемен за 16,4%.

# Возила и нивни делови и прибор

Извоз: 248.970.067
Годишна промена: -22%
Учество во вкупен извоз: 4,3%

Извозот на возила и нивна опрема минатата година бележи пад од 22%, на близу 249 милиони евра или за 69,5 милиони евра помалку во споредба со 2019 година. Во оваа група  најголем дел или 122 милиони евра влегуваат делови за автомобили, како сигурносни перничиња, менувачи, кочници, браници…Втора најголема ставка во оваа група со извоз вреден 115 милиони евра отпаѓа на извозот на автобуси кои ги произведува Ван Хол, кој лани е намален за 30%.

 # Руди, згури и пепел

Извоз: 171.839.228
Годишна промена: -12,2%
Учество во вкупен извоз: 3%

Извозот на руди од земјава минатата година се намалил за 12,2% или за близу 24 милиони евра и изнесувал 171, 8 милиони евра.
Во оваа група најголем дел од извозот отпаѓа на рудите на олово и концентрати, кој лани изнесувал близу 61 милиони евра и се намалил за 10%. Од извоз на бакарна руда и концетрати лани се заработени 40 милиони евра, а извозот на руди на цинк изнесувал 33 милиони евра. Лани од земјава биле извезени и згура и пепел кој содржат никел, калај во вредност од близу 33 милиони евра.

# Производи од железо и челик

Извоз: 168.119.668
Годишна промена: -3,5%
Учество во вкупен извоз
: 2,9%

Извозот на производи од железо и челик бележи релативно мал пад на извозот од 3,5% односно за околу 6 милиони евра во споредба со извозот во 2019 година. Најголем дел од извозозт во оваа група во вредност од 104 милиони евра е направен со извоз на железни цевки, чиј извоз лани е зголемен за 2,6%. Извозот на железни конструкции лани бележи раст од 25,7% и достигнал 19,5 милиони евра.

# Тутун и производи од тутун

Извоз: 125.082.093
Годишна промена: – 13%
Учество во вкупен извоз: 2,2%

Извозот на тутун и производи од тутун лани донел извозни приходи од 125 милиони евра, кои се за 13% или за 17 милиони евра помали вооднос на 2019 година.
Најголем дел од извозот во оваа група или 118 милиони евра отпаѓа на извоз на суров тутун, кој лани бележи пад за 7,3% или за околу 9,5 милиони евра.
Помал дел или 6,2 милиони евра отпаѓа на извоз на цигари и замени за цигари, кој лани бележи голем пад од близу 60%.

# Фармацевтски производи

Извоз: 108.858.106
Годишна промена: + 16,2%
Учество во вкупен извоз: 1,9%

 Фамецевтската индустрија е една од ретките индустрии која имаше раст на извозот минаатта година, со оглед на тоа дека здравствената криза ја зголеми потрошувачката на лекови. Речиси целиот извоз во оваа група се прави со извозот на лекови од најголемата домашна компанија Алкалоид, чиј вкупен извоз, заедно со продажбите во странство на подружниците лани достигна 128 милиони евра.
Извозот на фармацевтски производи минатата година се зголемил за 16,2% или за 15,2 милиони евра во споредба со 2019 година.

# Пластични маси и производи

Извоз: 102.814.619
Годишна промена: – 2,9%
Учество во вкупен извоз: 1,8%

Извозот на пластични маси и производи од пластични маси има релативно мал годишен пад од 2,9% или од околу 3 милиони евра и изнесува 102,8 милиони евра. Најголем дел од извозотво оваа група или околу 30 милиони евра се прави со извозот на пластични цевки и црева кои ги произведува компанија Конти Хидропласт од Гевгелија, кој извоз лани е зголемен за 19,7%. Во оваа група влегува и извозот на пластични фолии и ленти, на пластични амбалажи, пластични делови за градежна индустрија.

# Минерални масла и нафтени горива

Извоз: 81.484.630
Годишна промена: – 37,9%
Учество во вкупен извоз: 1,4%

 Нафтената индустрија беше една од напогодените индустрии со почетокот на пандемијата, со оглед дека ограничувањата за движење и патувања ја намалија потрошувачката за нафтени деривати и нивната цена драстично се намали. Тоа е причината заради која извозот на нафтени деривати лани се намали за 37,9%, односно за близу 50 милиони евра. Најголем извозник на нафтени деривати од Македонија е грчката Окта.

# Пијалоци

Извоз: 69.313.024
Годишна промена: – 8,8%
Учество во вкупен извоз: 1,2%

Извозот на пијалоци беше исто така негативно погоден од пандемијата со Ковид 19 и падна за 8,8%, односно е помал за 6,6 милиони евра во споредба со 2019 година.
Најголем дел од извозот во оваа група или 45 милиони евра се прави со извоз на вино. Извозот на македонско вино лани е намален за 2,8% или за 1,3 милиони евра во споредба со 2019 година. Околу 19 милиони евра лани бил извозот на вода и сокови, кој има пад од 19,8%, извозот на пиво е намален за 10% и изнесувал 2,7 милиони евра.

# Производи од жито, брашно, кондиторски производи

Извоз: 66.989.421
Годишна промена: – 5,1%
Учество во вкупен извоз: 1,2%

Во оваа група на производи најголем дел од извозот минатата година или 58 милиони евра се прави со извозот на кондиторски производи, кој лани е намален за 6,4% или за околу 4 милиони евра. И покрај ланскиот пад, кондиторската индустрија е една од најжилавите извозни индустрии во која работат повеќе домашни компании, кои изминативе години успеаа да изградат повеќе брендови препознатливи во регионот и кои се продаваат во околу 50 земји низ целиот свет. Останатиот извоз во оваа група се прави со извозот на житарки, тестенини, храна за деца..

# Зеленчук

Извоз: 62.958.925
Годишна промена:  – 11,4%
Учество во вкупен извоз: 1,1%

Иако пандемијата ја зголеми побарувачката за свежо овошје и зеленчук, податоците покажуваат дека извозот на зеленчук од земјава лани се намалил за 11,4%. Најизвезуван зеленчук лани била пиперката со извоз вреден 15,6 милиони евра, кој бележи благ раст во споредба со 2019 година. Падот во оваа група се должи всушност на големиот пад од 42% кај извозот на зелка, кој лани бил помал за 9,8 милиони евра во споредба со 2019 година. Извозот на домати изнесувал 8,5 милиони евра и бележи пад од 14,8%. Од друга страна, извозот на корнишони минатата година бележи раст од 65% и достигнал 5,6 милиони евра.

# Производи од зеленчук и овошје

Извоз: 62.213.107
Годишна промена: + 16,75%
Учество во вкупен извоз: 1,1%

Преработките од овошје и зеленчук се една од најсветлата точка во пандемиската 2020 година. Извозот на преработките лани бележи раст од 16,75%, достигнувајќи 62,2 милиони евра. Околу половина од извозот во оваа група отпаѓа на извозот на ајвар, кој лани достигна близу 30 милиони евра и е зголемен за 29% за една година, но исто така раст бележат и останатите преработки од зеленчук, како и џемови, мармелади… Оваа индустрија учествува со 1,1% во вкупниот извоз, но станува збор за нето извозна индустрија, која користи во најголем дел домашни суровини и ресурси и koja успеа да изгради повеќе препознатливи брендови кои успешно се продаваат во над 30 земји од светот.

# Мермер, цемент и градежни материјали

Извоз: 60.250.022
Годишна промена: – 25,2%
Учество во вкупен извоз:  1%

Во оваа група влегува извозот на мермер, на цемент и на други градежни материјали. Најголем дел или околу 33 милиони евра отпаѓа на извозот на мермер и травертин на Тутунскиот комбинат Прилеп, кој лани е намален за 35%. Од извозот на цемент лани се остварени приходи од 17,6 милиони евра и тој бележи раст од 2,8%

# Овошје

Извоз: 58.869.156
Годишна промена: + 15,08%    
Учество во вкупен извоз: 1%

Извозот на овошје од Македонија минатата година достигна 58,8 милиони евра, што е раст од 15,08% или за 7,7 милиони повеќе во споредба со извозот остварен во претходната 2019 година. најизвезувано овошје лани биле јаболката од чиј извоз се заработиле 25,8 милиони евра или скоро 44% од вкупниот извоз на овошје.
Извозот на јаболка лани е зголемен за 40,4% во споредба со 2019 година, кога извозот на јаболка изнесувал 18,3 милиони евра. Свежото грозје е второ најизвезувано овошје, од чиј извоз лани е остварен приход од 12,2 милиони евра. Извозот на грозје лани бил помал за околу 2% во споредба со претходната 2019 година. Следат праските чиј извоз лани изнесувал само 3,5 милиони евра и бележи пад за дури 38,5%, односно  намален за 2,2 милиони евра во споредба со претхoдната 2019 година.