Шампионите на македонската економија
Специјализираниот поратл ИзвозМК веќе петта година по ред ја издава специјалната едиција Топ 100 Извозници. Издание посветено на најголемите извозни компании и индустрии во Македонија со мисија да ги промовира успешните извозни приказни, да ги сподели добрите извозни пракси и стратегии со надеж дека тие ќе помогнат или мотивираат некои помали фирми да ги прошират своите развојни видици и бизнис модели надвор од границите на државата.
Овие компании кои се на листата Топ 100 Извозници, како и уште многу други помали извозни компании кои не се на оваа листа, без сомнение можат да се прогласат за шампиони на македонската економија. Тие секојдневно докажуваат дека се доволно добри и флексибилни да се адаптираат на бројните промени, да го подобруваат и модернизираат своето работење, да произведуваат производи кои по својот квалитет можат да се натпреваруваат со светот, да вложуваат во развојот на своите вработени и во средината во која работат… И покрај сите кризи, извозните компании успеваат да останат најздравото ткиво од македонската економија, кои единствено имаат капацитет и сила да ја трансформираат целата економија.
И покрај сите кризи, извозните компании успеваат да останат најздравото ткиво од македонската економија, кои единствено имаат капацитет и сила да ја трансформираат целата економија.
Како работеа македонските извозни компании?
Изминатите неколку години извозните компании работеа во нестабилен и постојано променлив економски амбиент и во услови исполнети со бројни економски и политички шокови. Инфлацијата и цените достигнаа највисоко ниво во последните пет децении, а централните банки, за да ја сопрат ценовната спирала, ги поскапеа парите и ги зголемија каматните стапки на одамна невидени нивоа. Бројот на трговски рестрикции и протекционистички мерки во 2023 година достигна рекордно високо ниво, зголемувајќи се тројно од 2019 година.
После речиси една деценија раст на извозот со двоцифрени стапки, 2023 година македонскиот извоз забележа сериозно забавување. Податоците од Државиот завод за статистика покажуваат дека во 2023 година македонската економија остварила извоз на производи вреден 8,3 милијарди евра, што е речиси на исто ниво како и 2022 година, односно зголемување од само 0,3%.
Побарувачката од странство продолжи да се намалува и во 2024 година, што резултира со пад на извозот од 5,5% во првите девет месеци, со истовремен пад на извозот во Германија од 13,7%.
Најновото рангирање покажува дека приходите од извоз и продажби на странските пазари на најголемите 100 извозни компании од С.Македонија изнесувале близу 6,2 милијарди евра евра и вкупни приходи од 8,1 милијарди евра. Најголемите 100 извозни компании создале дури 75% од вкупниот извоз на стоки од Македонија остварен во 2023 година.
Кои се најголемите 30 извозници од Македонија?
Во продолжение ви ги прикажуваме најголемите 30 извозни компании од Македонија.
Овие 30 најголеми извозници создаваат две третини од извозот од Македонија. ВО 2023 година тие оствариле извоз вреден 5,3 милијарди евра или 64% од вкупниот извоз од државата. Од нив половина или дури 15 компании се од автомобилската индустрија кои во 2023 година оствариле 4 милијарди евра извоз или 48% од вкупниот извоз на државата. Четири компании се од металопреработувачката индустрија, две компании има од тутунската индустрија, два рудника…
Оваа преголема концентрација во извозот на само една индустрија е опасна за целата економија, особено во лоши коњуктурни циклуси низ кој сега минва токму автомобилската индустрија.
Меѓу 30-те најголеми извозници има само четири компании со домашен капитал, тоа се Алкалоид, ИГМ Трејд од Кавадарци, Конти Хидропласт од Гевгелија и Комфи Ангел од Прилеп. (Комфи Ангел на почетокот на 2023 година преминува во целосна македонска сопственост, додека претходно беше во мешовита македонско- британска сопственост).
Најголем и недостижен извозник во македонската економија и понатаму останува компанијата Џонсон Мети Македонија, компанија со британски капитал, која во двете фабрики во зоната ТИРЗ Скопје 1 произведува катализатори и апарати за прочистување на издувни гасови. Извозот на Џонсон Мети во 2023 година се намалил за 3,6%, на 2,35 милијарди евра. Џонсон Мети создал 28% од вкупниот годишен извоз на државата во 2023 година и 38% од вкупниот извоз на 100-те најголеми извозници.
Во најновото рангирање има промени во врвот на листата Топ 100 Извозници. Една од најголемите промени е што долгогодишниот втор најголем извозник Еуроникел индустри или поранешен Фени воопшто го нема налистата 100 најголеми. Производителот на Фероникел се соочуваше со сериозни проблеми и прекин на производството во 2023 година, што се почуствува на целиот аутпут и извозот во индустријата за производство на метали.
Втор најголем извозник во земјава е компанијата Кромберг и Шуберт Македонија, германската инвестиција која во двете фабрики во Битола и Скопје произведува кабелски инсталации, кои се вградуваат во многу европски автомобилски брендови. Извозот на Кромберг и Шуберт во 2023 година се зголеми за високи 28,3%, на 316 милиони евра, за првпат надминувајќи ја границата од 300 милиони евра
Трет најголем извозник е нафтената компанија ОКТА со извоз во вредност од 247 милиони евра и приходи од 800 милиони евра. По високиот раст во 2022 година приходи на Окта се намалени за 18% во 2023 година.
Како четврт најголем извозник за 2023 година, со скок за пет места погоре од ланското рангирање, се најде Ван Хоол Македонија. Извозот на Ван Хоол во 2023 година се зголемил двојно, достигнувајќи рекордна вредност од 245 милиони евра. Фабриката на Ван Хоол во Македонија годинава беше преземен од страна на холандската ВДЛ Груп.
Петтата позиција и во годинешното рангирање ја задржи фармацевтската компанија Алкалоид. Консолидираниот извоз на Алкалоид во 2023 година достигна рекордни 184 милиони евра, раст од 16,8%, а вкупните приходи од продажба близу 270 милиони евра (+16%). Алкалоид останува најголема извозна компанија со домашен капитал и единствена компанија од 10-те најголеми извозници, која е доволно конкурентна и успешно продава во светот производи со висока додадена вредност и со висока вклученост на домашно знаење и ресурси.
На шестата позиција, за едно место погоре од лани, се искачи Амфенол Технолоџи Македонија со извоз вреден 163 милиони евра, раст од 10,7%.
Во топ 10 годинава, како седмирангиран влезе Маркарт, компанија со германски капитал за производство на електромеханички и електронски додатоци и системи за автомобили, со извоз вреден близу 135 милиони евра, раст од 7,8% во споредба со 2022 година.
ИГМ Трејд, приозводителот на челични цевки од Кавадарци, ја задржа осмата позиција со извоз вреден 128,5 милиони евра и покрај падот од 5%.
Деветти најголем извозник од земјава е Костал Македонија, фабриката за високо технолошки автомобилски делови на германски Костал, која се наоѓа во Косел, Охридско. Костал бележи импресивен раст на производството и извозот во изминатите неколку години, кој продолжи и лани. Извозот на Костал во 2023 година бележи раст од 9,8%, достигнувајќи рекордна вредност од 128 милиони евра.
На десеттата позиција, со пад четири места подолу е рангиран производителот на челик Макстил, која 2023 година ја заврши со пад од извозот од 26,3% и продажби во странство од 120 милиони евра.
Најголемите 10 извозници лани направиле вкупен извоз од 4 милијарди евра, што е близу 65% од вкупниот извоз на најголемите 100 извозни компании, односно 48% од целиот извоз на стоки од земјата во текот на 2023 година.
Од првата десетка, дури шест компании се од автомобилската индустрија. Две компании се од металопреработувачката индустрија. Осум компании од 10-те најголеми извозници се со странски капитал, а само две, Алкалоид и ИГМ Трејд се компании со домашен капитал.
Во 2023 година само 12 компании имаат остварено извоз поголем од 100 милиони евра.