Администрацијата на Трамп ја постави основата за трговска војна со најголемите трговски партнери на Америка воведувајќи дополнителни царини, кои треба да стапат на сила во вторник.
САД објавија дека ќе воведат царина од 25% за увозот од Канада и Мексико, 10% за енергетските производи од Канада, дополнителни 10% за Кина.
Сите три земји остро ги критикуваа царините, Канада возврати со сопствени санкции за увозот од САД, Мексико се закани дека ќе го стори истото,а Кина соопшти дека ќе поднесе тужба до Светската трговска организација.
Доцна во саботата, канадскиот премиер Џастин Трудо изјави дека неговата земја ќе воведе царини од 25% на стоки од САД во вредност од над 105 милијарди долари. „Ние не го побаравме ова, но нема да отстапиме“, рече тој.
Мексико исто планира да воведе цари и други незарински мерки кон увозот од САД, но исто така и да ја забрза амбициозната програма за супституција на увозот позната како „План Мексико“ и да започне кампања за промовирање на стоки произведени во Мексико.
Следна на листата за воведување увозни царини е Европската унија. Трамп објави дека тоа ќе се случи многу скоро, повикувајќи се на големиот трговски дефицит што САД го имаат во трговијата со ЕУ.
ЕУ се смета за следна на тарифната листа на Трамп, со оглед на тоа што таа е најголемиот блок кој ја забавува трговијата со САД и е често критикуван за нејзиниот постојан трговски суфицит со државите. Податоците на Европската комисија покажуваат дека ЕУ имала трговски суфицит од 155,8 милијарди евра (159,6 милијарди долари) со САД во 2023 година во трговијата со стоки, но имала дефицит од 104 милијарди евра во трговијата со услуги.
Машините и возилата го сочинуваат најголемиот дел од извозот на ЕУ во САД по група производи, проследени со хемикалии, други производни стоки и медицински и фармацевтски производи.
Официјални лица од ЕУ претходно сугерираа дека блокот би можел да одговори на американските царини „на пропорционален начин“, при што Европската комисија во неделата повтори дека ќе „одговори цврсто“.
„Сеопфатните царински мерки ги зголемуваат деловните трошоци, им штетат на работниците и потрошувачите. Царините создаваат непотребни економски нарушувања и ја поттикнуваат инфлацијата. Тие се штетни за сите страни“, рече портпаролот на Комисијата .
Изгледите за царини доаѓаат во веќе тешко време за ЕУ, бидејќи и еврозоната и поширокиот блок на ЕУ се борат сомногу економски проблеми. Податоците објавени минатиот четврток покажаа дека економијата на еврозоната нема раст во четвртиот квартал, додека ЕУ оствари раст од 0,1% во истиот период, во однос на претходниот квартал.
Стратезите на Дојче банк во белешката за истражување во понеделникот рекоа дека какви било царини што Трамп би ги наметнал на ЕУ ќе и нанесат „сериозен удар“ на економијата во регионот, нагласувајќи дека „ако ЕУ мора да издржи царини од 10 %, тоа би било штета од 0,5-0,9% од БДП, во услови кога сите други работи да бидат еднакви“.
Европската унија е силна економска област и може „да одговори на царинските политики со царински политики“, рече германскиот пканцелар Олаф Шолц во понеделникот на неформалниот самит на ЕУ во Брисел. „Мораме и ќе го направиме тоа“, нагласи тој. „Европа може да дејствува. Првата цел, сепак, е разбирање со Трамп.
Сојузното Министерство за економија на Германија гледа со „голема загриженост“ на новите американски царини кон Канада и Мексико. Многу германски компании се присутни во Мексико и Канада и исто така се погодени, вели портпаролката на министерството во Берлин.
Трговската војна меѓу САД и важните трговски партнери предизвикува опаѓање на акциите на германските компании за производство на автомобили и камиони.
Акциите на БМВ, Мерцедес-Бенц и Фолксваген во понеделник наутро повремено паднаа од пет до седум отсто. Значително паднаа и акциите на производителите на камиони Daimler Truck и Traton, а паднаа и цените на акциите на добавувачите како Continental и Knorr-Bremse.
Големите германски производители на автомобили и многу добавувачи го користат Мексико како производствена локација – и оттаму продаваат на американскиот пазар. VW, Audi и BMW имаат свои фабрики во земјата, Mercedes-Benz произведува во заедничка фабрика со Nissan.
Владиниот портпарол Волфганг Бухнер додава дека највисок приоритет сега мора да биде одржувањето на фер меѓународна конкуренција. Сè уште нема трговска војна. Затоа, првиот пристап е да се бара соработка.
Но, коментарите на Трамп оставаат малку простор за оптимизам дека може да се избегне трговска војна што може да се прошири низ целиот свет.
Претседателот Трамп долго време ги обвинува најголемите американски трговски партнери за искористување на САД, наведувајќи ги големите и постојани трговски дефицити. Трамп ги гледа царините како начин да се поправи трговската рамнотежата, тврдејќи дека политиката ќе ги поттикне работните места и растот во САД. Критичарите предупредуваат дека царините ќе им наштетат и на граѓаните на САД, бидејќи зголемените трошоци компаниите ќе ги пренесат на потрошувачите.
Според, Институтот за меѓународна економија Петерсон, трговската војна ќе го погоди американскиот приход, ќе му наштети на вработувањето и ќе ја зголеми инфлацијата. Во неделата, Трамп одговори за потенцијалното влијание на неговите мерки. „Дали ќе има болка? Да, можеби (а можеби и не!)“, напиша тој на својата платформа Truth Social. „Но, ние ќе ја направиме Америка повторно голема, и сето тоа ќе вреди за цената што треба да се плати“, додаде тој.