Home Вести “Витаминка” со 16% раст на продажбите на домашен пазар и 2% помал...

“Витаминка” со 16% раст на продажбите на домашен пазар и 2% помал извоз во првата половина годинава

Најголемата прехранбена компанија „Витаминка“ објави дека во првата половина од 2025 година остварила вкупни приходи од продажба во износ од 31,2 милиони евра, што претставува раст од 9% во споредба со истиот период минатата година, покажува најновите консолидирани финансиски извештаи објавени на Македонската берза.

Околу две третини од приходите, односно 63%, се остварени на домашниот пазар, каде што продажбата бележи раст од 16% и достигнала 19,5 милиони евра. Извозот, односно продажбата на странските пазари, во првите шест месеци од годинава бележи пад од 2% и изнесува 11,7 милиони евра.
Оперативните расходи на „Витаминка“ во периодот јануари–јуни 2025 година се зголемени за 13%, достигнувајќи 29,7 милиони евра. Оперативната добивка во истиот период е намалена за 7% и изнесува 1,2 милиони евра. Нето-добивката на компанијата изнесува 788 илјади евра, што претставува раст од 8% во однос на истиот период лани.

Од компанијата информираат дека во првата половина од годинава инвестирале околу 2,6 милиони евра.
Инвестицијата се однесува на набавка на опрема, проектирање и изградба на нова лабораторија, градежна адаптација и набавка на транспортни средства. Новите вложувања се насочени кон автоматска линија за пакување меки кекси, нова лабораторија за потребите на друштвото и дополнителни автоматски пакувачи, што ќе придонесе за зголемување на продуктивноста, подобрување на квалитетот на производите и генерирање заштеди во работењето“, велат од „Витаминка“.

Во периодот јануари–јуни 2025 година, бројот на вработени во „Витаминка“ и поврзаните правни лица е намален за 22 лица.

Од компанијата посочуваат дека работењето и понатаму се одвива во отежнати и нестабилни макроекономски услови, и очекуваат овој тренд да продолжи.

Глобалните безбедносни кризи го отежнуваат економскиот амбиент и предвидливоста, што може да влијае врз цените на енергенсите, да создаде потешкотии во синџирите на снабдување, но и да ја намали достапноста на одредени материјали. Главните суровини што се користат во производствениот процес покажуваат нагорен тренд, особено какаото. Од геополитички аспект, големо прашање е каде се движиме, имајќи ги предвид негативните тенденции поврзани со војната во Украина и Израел. Лесно може повторно да дојде до ескалација на цените на храна и енергија, а видовме колку сме ранливи на такви промени. Миграцијата е болна тема, поврзана и со пазарот на труд, но и со капацитетот и човечкиот капитал што треба да ја гради иднината на нашата земја. Во 2025 година, друштвото ќе продолжи да го следи курсот на раст и развој, со акцент на тековните инвестиции во нови производствени капацитети и опрема, како и вложувањата во развојно-истражувачки проекти“, велат од „Витаминка“.

error: Content is protected !!
Exit mobile version