Минатата 2025 година од Македонија биле извезени околу 419 илјади тони храна во вредност од 564 милиони евра. Вредноста на извозот бележи годишен раст од 3,4%, но количините се намалени за високи 12,8% во споредба со 2024 година.
Увозот на храна лани бележи значително зголемување. Македонија увезла 807 илјади тони храна во вредност од 1,13 милијарди евра. Вредноста на увозот пораснала за 6,4%, додека количините се зголемиле за 2,9%.
Трговскиот дефицит во трговијата со храна минатата година се зголемил на близу 567 милиони евра, со годишен раст од 9%. Покриеноста на увозот на храна со извозот лани изнесувала само 49,8%, што претставува влошување во однос на 2024 година, кога покриеноста била 51,1%.
Колку за споредба во прет-пандемиската 2019 година, дефицитот во трговијата на Македонија со храна со светот изнесувал 303 милиони евра, а покриеноста на увозот со извозот на храна изнесувала 54,8%.
Зеленчукот и овошјето носат најголем дел од извозот
На страната на извозот, најголем дел од приходите се создаваат со продажба на зеленчук, овошје и нивни преработки на странските пазари. Лани биле извезени 270 илјади тони зеленчук, овошје и преработки во вредност од 256 милиони евра. Вредноста на извозот бележи раст од 1,8%, но количините се намалени за високи 12,8% во споредба со 2024 година.

Статистиката покажува дека лани Македонија увезла 175 илјади тони зеленчук, овошје и преработки во вредност од 180 милиони евра. Вредноста на увозот пораснала за високи 11,4%, додека количините бележат годишен раст од 8,1%.
Втора најзначајна ставка во извозот на храна лани биле жита и преработки од жита, од чија продажба на странските пазари се остварени приходи од 124 милиони евра, речиси на исто ниво како и во 2024 година (+0,1%). Извезени биле близу 85 илјади тони, што претставува годишен пад од 23,7%.
Втора најзначајна ставка во извозот на храна лани биле Жита и преработки од жита од чија продажба на странските пазари лани се остварени извозни приходи од 124 милиони евра, кои се речиси на исто ниво како и 2024 година (+0,1%). Извезени биле близу 85 илјади тони, што е за годишен пад од 23,7%.
Извозот на млеко, млечни производи и јајца лани донел приходи од 48,8 милиони евра, што е раст од 43,8%. Количински, извезени биле 21 илјада тони, што претставува годишен раст од 61,5%.
Минатата година биле извезени и 9 илјади тони месо и преработки од месо во вредност од 41,3 милиони евра. Вредноста на извозот останала речиси на исто ниво како во 2024 година (+0,6%), додека количините бележат пад од 3%.
Месото најголем увозен артикл, расте и увозот на овошје и млечни производи
На страната на увозот, најголем удел имаат месото и преработките од месо. Лани во земјава биле увезени 81 илјада тони месо и месни преработки во вредност од 245 милиони евра, при што вредноста на увозот бележи годишен раст од 6,4%, а количините остануваат речиси на исто ниво како во 2024 година (+0,2%).
Следуваат:
- Зеленчук и овошје – 179,5 милиони евра (+11,4%)
- Разни производи за исхрана – 156 милиони евра (+8,2%)
- Жита и преработки од жита – 151 милион евра (+6,2%)
- Кафе, чај, какао и зачини – 137 милиони евра (+8,9%)
- Млеко, млечни производи и јајца – 120 милиони евра (+14,7%)
ПОВРЗАНИ НАПИСИ:
Кои се најголемите трендови во индустријата за храна и пијалоци за 2026 година?
Анализа: Како пандемијата се одрази врз македонскиот извоз и увоз на храна?