Длабоко свесни за тешката состојба во која се најде Клиничкиот центар Загреб, најголемата и најпочитуваната здравствена установа во Хрватска, македонската фармацевтска компанија “Алкалоид” одлучи да помогне во надминување на последиците од катастрофалниот земјотрес и растечката пандемија на „Ковид-19“.
Компанијата Алкалоид ќе донира 250.000 куни кои ќе бидат наменети за ублажување на последиците од земјотресот врз објектите на Клиниката за женски болести и пораѓања и Клиниката за белодробни заболувања.
“Се надеваме и веруваме дека донираните средства ќе придонесат за подобрување на условите за работа на медицинскиот персонал во неговата благородна мисија во услови на пандемијата и подобрување на условите за престој на пациентите во нивните капацитети”, велат од Алкалоид.
Водејќи се од принципите на општествена одговорност на компанијата и хуманата програмско-производна насоченост посветени првенствено кон крајните корисници, Алкалоид од почетокот на годинава донираше повеќе од 300.000 евра на повеќе здравствени установи и здруженија за набавка на реагенси, лекови, уреди, средства за хигиена и слични потреби.
За помош на македонскиот здравствен систем во борбата со Ковид 19, Алкалоид неодамна донираше 200 илјади евра.
Но, покрај донациите во Македонија и во Хрватска, Алкалоид од почетокот на април годинава донираше и во Бугарија, Босна и Херцеговина и Србија.

Алкалоид е присутен во Хрватска уште од 1969 година и е една од најголемите фармацевтски генерички компании на овој пазар, а само во подружницата во Загреб се вработува 50 лица.
Поикрај во Хрватска, Алкалоид со свои подружници е присутен во целиот регион, вклучувајќи ги Србија, Црна Гора, Косово, Албанија, Босна и Херцеговина, Словенија и Бугарија.