Заменикoт на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи и директорот на Фонд за иновации и технолошки развој Коста Петров, денеска на заедничка прес конференција го презентираа јавниот повик за ко-финансирани грантови за комерцијализација на иновации, за кој се обезбедени 8 милиони евра за македонските компании кои ќе аплицираат со проекти за комерцијализација на иновациите.
Повикот е наменет за претпријатија кои сакаат да развијат иновативен производ, услуга или процес, сами или во соработка со друго претпријатие и/или установа која врши високообразовна, односно научноистражувачка дејност. Финансиската поддршка е достапна за домашните претпријатија кои имаат проекти со јасна комерцијална цел и кои се во фаза на прототип, па сѐ до преткомерцијална фаза. Доколку предлог проектот се поднесува од страна на конзорциум, го поднесува водечки апликант, а членови на конзорциумот можат да бидат претпријатија, високообразовни и научно-истражувачки установи од земјата и од странство.
Вицепремиерот Битиќи во своето обраќање истакна дека ова е вкупно деветти јавен повик кој ФИТР го објавува оваа година, со што уште еднаш се потврдува дека оваа институција го изгради своето реноме и се постави на позиција на вистински дом за поддршка на креативни и иновативни проекти на младите луѓе, младите фирми, старт-ап и спин-оф компаниите, но и сите други микро, мали и средни компании кои имаат планови за сопствен раст и развој.
„Со овој јавен повик очекуваме дополнително да се зголеми протфолиото на проекти кои се околу 640, но и на компании кои ги поддржува Фондот, со оглед на тоа што за овој инструмент ќе може да аплицираат само компании кои не се тековни корисници на инструментите на ФИТР. Преку инструментите за комерцијализација на иновациите и за подобрување на иновативноста во изминатите 3 години, поддржани се вкупно 198 проекти, односно околу 30% од вкупниот број, а за овие проекти преку буџетот на ФИТР за поддршка се издвоени околу 28 милиони евра, односно 66,3% од вкупно доделените средства за поддршка кои кумулативно изнесуваат 42 милиони евра. Тоа значи дека инвестираме во иновациите на компаниите, во идеите на стопанствениците, во дигитализацијата на процесите, зголемената продуктивности и конкурентност“, потенцираше вицепремиерот.
Битиќи додаде дека средствата кои се планирани преку овој јавен повик се одлична шанса за компаниите да ја забрзаат динамиката на реализација на идеите, да го унапредат своето производство, да го зголемат асортиманот на производи, продуктивноста и продажбата, а со тоа да се придонесе кон креирање на уште подобро и поконкурентно економско опкружување во нашата земја.
„Дополнително со новиот механизам, кој го воведовме за поттикнување на компаниите да бараат и дополнителни извори на финансирање, доколку корисникот достави доказ за инвеститор кој вложил износ кој изнесува најмалку 50% од износот на финансиска поддршка доделена од страна на Фондот на корисникот, корисникот ќе биде ослободен од обврската за плаќање на ројалти. Ова не само што ја зголемува поддршката за компаниите, туку и делува како перпетуално забрзување на развојот“, посочи вицепремиерот Битиќи и ги повик сите стопанственици, млади луѓе кои имаат идеи за развојни проекти, да се пријават на јавниот повик, кој ќе биде отворен до 15-ти октомври 2021 година.
Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Коста Петров даде детален преглед на јавниот повик, при што ги презентираше условите за аплицирање, активностите за кои се овозможува поддршка, трошоците подобни за финансирање, како и дополнителни можности кои корисниците на ФИТР може да ги користат за финансирање на нивните проекти, процедурата за евалуација и селекција на проекти и други детали.
