Критичниот недостиг на контејнери за поморски транспорт ги катапултираше цените на поморскиот транспорт и предизвика доцнење во испораката на стоките купени од Кина.

Трошоците за испорака вртоглаво се зголемија, бидејќи очајните компании чекаат со недели контејнери и плаќаат премија за да стигнат до празен контејнер.

Во декември, цените за товарните превози од Азија до Северна Европа беа за 264% повисоки во споредба со пред една година. За трасата од Азија до Западниот брег на САД, цените беа повисоки за 145% на годишно ниво.

Во споредба со ниските цени на март 2020 година кога почна пандемијата со Ковид 19, цените на товар од Кина до САД и Европа се зголемија за 300%, вели Марк Јегер, главен извршен директор на Redwood Logistics за CNBC. Цените достигнуваат до околу 6.000 долари по контејнер во споредба со вообичаената цена од 1.200 долари.

„Причината за ова е што Кинезите се толку агресивни во обидот да добијат назад празни контејнери… што е тешко да се добие контејнер за американските извозници“, вели тој за CNBC, додавајќи дека 3 од 4 контејнери од САД во Азија „се враќаат празни“.

Недостигот на контејнери во Азија доведе и до слична криза во многу европски земји, како што се Германија, Австрија и Унгарија, бидејќи бродските превозници што побрзо ги пренасочуваат контејнерите кон Исток.

Постојат неколку фактори кои произлегуваат од пандемијата што ја предизвикаа оваа ситуација.

Прво, Кина испраќа многу повеќе производи во САД и Европа отколку обратно. Нејзината економија се врати побрзо од шокот кој го предизвика пандемијата бидејќи состојбата со вирусот во нејзините граници беше под контрола до вториот квартал на минатата година.

Она што се случува е што има три контејнери што излегуваат од Кина, за секој контејнер што доаѓа.

Ограничени алтернатива

Недостатокот дополнително се влошува со ограничениот капацитет за транспорт со авион. Некои предмети со висока вредност што вообичаено би се доставувале преку воздух, како што се „ајфони“, сега треба да користат контејнери преку море, според Јегер.

Обемот на меѓународните летови е намален поради ограничувања на патувањата заради вирусот.

Недостатокот на опции за транспорт, во комбинација со зголемената побарувачка за некои производи кои ги производеува Кина, предизвика криза во поморскиот транспорт.
Оваа криза со контејнерите ги погодува сите компании што треба да испраќаат стока од Кина, но, аналитичарите велат дека ситуацијата има изразен ефект врз трговците на мало во е-трговија кои првенствено нудат производи за широка потрошувачка произведени во Кина.

За гигантот за мебел Икеа ова е „глобална транспортна криза“, бидејќи проценките се дека 850 од нејзините 8.500 производи се погодени од доцнењето на пратките.

Логистичката компанија на кинескиот технолошки гигант Алибаба, Каинијао, минатата недела лансираше услуга за резервирање контејнери како одговор на глобалниот недостиг. Неговата услуга ќе опфаќа над 200 пристаништа во 50 земји, а таксите за испорака од пристаниште до пристаниште ќе бидат поевтини од 30% до 40%, според Ројтерс.