Азески: Формиран е кризен штаб во Стопанската комора кој ќе ја следи состојбата и ќе им биде на располагање на компаниите

Бранко Азески, претседателот на Стопанската комора ги информира членките на Комората дека по интензивните контакти со компаниите, со претставниците на власта и со економските експерти одлучил да преземе неколку активности, меѓу кои и фотмирање на Кризен штаб кој постојано ќе ја следи состојбата и ќе им биде на располагање на компаниите.

Во продолжение го пренесуваме целото обраќање на Азески.

“Прво, во четвртокот на 19.3.2020 г. одржав работен состанок со дваесетте најголеми извозници во Северна Македонија, заедно со директорот на Царинската управа на Република Северна Македонија, м-р Ѓоко Танасоски. Наредниот ден, 20.3.2020 година, разговарав со претседателите на сите здруженија во Комората, како најзначајни облици на нејзиното организирање, во присуство на потпретседателката на Владата задолжена за координација на економските ресори, Мила Царовска. Во саботата на 21.3.2020 година во Владата присуствував на состанокот на Економскиот совет на премиерот, премиерот Оливер Спасовски, на кој, исто така, разговаравме за актуелните состојби.

Неделата и понеделникот ги искористив за средби со компетентни личности, кои ми ги изнесоа своите мислења, а вчера одржав работна средба со потпретседателите на СКМ, на која присуствуваше и премиерот на Владата на РСМ.

Врз основа на сите тие разговори, одлучив да формирам Кризен штаб во рамките на Комората, кој 24-часовно ќе ја следи состојбата и ќе биде на ваше располагање. Останува функционирањето на службите на СКМ врз основа на мојата наредба издадена истиот ден кога е и прогласена вонредната состојба. Тоа значи дека од денеска преминуваме на работа во вонредни околности на сите нивоа. Одлуката ја донесов од неколку причини.

Прво
, од сите разговори, сосема ми е јасно дека здравствено-економската криза ќе потрае најмалку уште неколку месеци, за што имав консултации и со нашите пријатели во Европа, меѓу најголемите светски производители и структури во Коморскиот инвестициски форум.

Второ
, сосема е јасно дека Владата на РСМ, која посветено работи на решавање на кризата, во најголем дел е потпрена на нашите ресурси.

Трето, состојбата кај вас, членките, е таква што тоа бара од нас 24-часовен ангажман. Токму затоа претседавачот на Собранието м-р Антони Пешев, потпретседателката д-р Јелисавета Георгева-Јовевска, главниот советник на Управниот одбор за економски прашања м-р Зоран Јовановски и извршниот директор Билјана Пеева-Ѓуриќ ќе бидат секојдневно достапни за решавање на вашите проблеми.
На денешната средба со премиерот, г. Оливер Спасовски, договоривме дека ќе бидат назначени и неколку лица од Владата, на кои ќе можеме да им се обратиме деноноќно за информации поврзани со решавање на проблемите. Исто така, договорена е и реорганизација на владиниот центар за повици за подобар пристап до него од вас и од вашите вработени.

Исто така, преку Коморскиот инвестициски форум во Трст, испративме писмо до претседателката на Европската комисија, г-ѓа Урсула ван дер Леен, со две барања што ги засегаат земјите од регионот, а тоа се ограничувањето на извозот на заштитна медицинска опрема од европските земји и обезбедувањето дозволи за пристап до зелените коридори на компаниите од Западен Балкан, затоа што ценам дека во моментов најголем проблем е транспортот.

Писмо упатив и до својот колега од Турција, Рифат Хисарчиоглу, претседател на Унијата на турските комори и стокови берзи, во врска со задржувањето на нашите камиони на турските граници. Работевме и на регулирањето на дозволите за непречена работа на компаниите во трета и во четврта смена.

Продолжуваме со уште појако темпо затоа што тоа од нас го барате вие и кризата и, верувајте ми, ќе направам сѐ, покрај првичните неснаоѓања на апослутно невообичаената криза, Комората да профункционира најдобро.

П.С. Можам да најавам дека Кризниот штаб ќе ја засили комуникација со вас во секој поглед, дека ќе ги сподели сите информации што ги има и дека ќе ги проследи сите барања до Владата за нивно брзо решавање. Тој е составен од искусни личности, кои вие ги знаете, а и тие вас, и кој е опслужен со еден силен апарат на Комората, кој ја носеше на свој грб работата во изминатите петнаесет години. Ако има некои сериозни поплаки за неговата работа, слободно обратете ми се мене на president@mchamber.mk, кој ќе биде секогаш достапен за вас.”