После трите седници на Управниот одбор на Комората, кои што поради пандемијата се одржаа по електронски пат, највисокиот наш извршен орган се состана со лично присуство, нормално во согласност со правилата за заштита и превенција од ширењето на Covid-19 вирусот. Таа седница беше полн погодок, бидејќи ретко може да се сретне таква концентрација на релевантни информации на едно место.
I. Неспорно, според кажувањето на сите присутни бизнисмени, прашањето за имунизација избива во прв план и тоа од два аспекта:
1. Поради доцнењето на вакцинирањето и
2. Поради негативната кампања против вакцинирањето, што може да направи сериозни проблеми во работењето на компаниите.
II. Втор проблем, кој полека, но сигурно се наметнува и може да има влијание врз нашите определби за забрзана инвестициона активност, е силниот медиумски притисок на невладиниот сектор од областа на екологијата, кој на терен создава проблеми при реализирањето на проектите. Членовите на Управниот одбор сметаат дека е потребно Комората да отвори суштински дијалог во кој ќе се искристализираат приоритетните цели на нашиот натамошен развој. Во моментот оваа појава е најмногу присутна во изградбата на малите хидроцентрали, но има и случаи во другите сектори.
III. Јавното-приватно партнерство се чини добива се поголемо значење . Тоа е многу сериозна алатка за излез од економската криза во која се наоѓаме. Управниот одбор на Комората укажува и на можноста од злоупотреба, која може да го искомпромитира целиот процес. Најкратко се расправаше околу предложените промени на Законот за работни односи-недела да биде неработен ден, затоа што 90% од нашите членки се со став дека таа иницијатива треба да се повлече. Системското регулирање на филантропијата и корпоративната општествена одговорност во рамките на Комората, беше исто така сериозно разгледувана.
IV. Безрезервна поддршка добија активностите поврзани со парафискалните давачки, Царинскиот тарифник и средувањето на корпусот прашања поврзани со престојот на странците за бизнис- потреби. Но, разгледувајќи ги сите овие прашања Управниот одбор констатираше дека доколку инспекциските служби професионално ја вршат својата работа, немаше да дојде до поднесување на предлози за сите овие законски решенија и со тоа во преден план го исфрли актуелизирањето на прашањето за инспекцискиот надзор.
V. Ова прашање Комората го разгледувала во октомври 2017 година, во функција на создавање поволно деловно опкружување. Од таа расправа ќе презентирам податоци за 2016 година. Во Република Северна Македонија во тој момент инспекциски надзор вршеле 28 инспекциски служби, од кои 14 биле организирани како инспекторати и 14 како организациони единици во други органи на државната управа, при што во инспекциските служби имало вкупно 900 инспектори. Во таа година биле спроведени 201.000 инспекциски надзори. Во Управата за јавни приходи имало 246 инспектори, кои спровеле 7.048 контроли.
П.С: Управниот одбор на Комората ја подржа досегашната активност на нашиот тим, кој преговара со Владата околу воспоставувањето на систем за маркирање и следење на акцизните стоки и заклучи да и препорача на Владата, многу внимателно да ги согледа укажувањата на засегнатите компании, кои сметаат дека е потребна нова физибилити студија и компаративна анализа за функционирањето на овие системи во ЕУ. Засегнатите компании укажаа и на тоа дека се изложени на сериозни финансиски трошоци, кои што сега треба да се стават по страна и да се платат нови, за систем кој што е проблематичен, во однос на Директивите на ЕУ.