АЛЕКСАНДАР ГЕЧЕВ, генерален менаџер на ИГМ Трејд
ИГМ Трејд од Кавадарци, производителот на челични цевки и профили, е една од најголемите и најуспешни компании во Македонија. Со извоз вреден над 90 милиони евра, ИГМ Трејд е седми најголем извозник во државата. Дури 95% од производството на ИГМ Трејд се продава на странските пазари, односно во земјите членки на ЕУ, Германија, Чешка, Франција, Австрија и Словенија. Со цел да го зголеми своето присуство на европските пазари, во 2015 година ИГМ Трејд ги прошири своите активности надвор од Македонија, купувајќи ја фабриката Алпос во Словенија.
Генералниот менаџер Александар Гечев во интервју кое беше објавено во специјалната едиција ТОП 100 ИЗВОЗНИЦИ зборува за тоа како компанијата е погодена од корона кризата и какви системски мерки се потребни за да се зголеми извозот и да се подобри конкурентноста на извозните компании во периодот на пост-кризното заздравување.
ИГМ Трејд е една од најголемите извозни компании во земјава. Колку и како пандемијата на Ковид 19 се одрази врз работењето на Вашата компанија? Какви промени воведовте за да ги надминете последиците и предизвиците кои ги донесе пандемијата?
Гечев: Првичниот ефект од пандемијата го почуствуваме преку падот на берзанските цени на челикот кој започна кон крајот од март и негативно се одрази на набавните цени на репроматеријалот и продажните цени на готовиот производ. Сепак, поради флексибилната организација, ефикасното производство и внатрешните синергии и know-how успеавме да ја задржиме профитната маржа непроменета и на високо ниво и во 2020 година.
На почетокот од пандемијата се соочивме со логистички проблеми во форма на зголемени гранични контроли на камионскиот превоз, но истите беа брзо надминати и камионскиот транспорт сега се одвива непрекинато.
Како компанија имплементиравме строга и редовна примена на мерките за заштите од Ковид-19 и сме проактивни во менаџирањето на човечките ресурси со цел избегнување на поголеми застои во производството и сите други поврзани сектори. Но, планирањето на производството, залихите и остатокот од работењете е дефинитивно отежнато во ситуација на непредвидливи и спорадични отсуства и очекуваме владите и компаниите да продолжат со воведување на ад-хок решенија како резултат на самата епидемиолошка природа на вирусот.
На кои пазари извезува ИГМ Трејд и каква е состојбата со нарачките од странство во овој период? Со колкав извоз ја завршивте 2019 година и какви се проценките за извоз за годинава ?
Гечев: Главен извозен пазар на ИГМ-Трејд се земјите членки на Европската Унија. Во првото полугодие од 2020 година, петте најголеми пазари се Германија, Чешка, Франција, Австрија и Словенија. Изминатата 2019 година ја завршивме со извоз од 164.000 тона, а годинава за првото полугодие имаме извоз од 80.000 тона. Битно е да се знае дека поради европските квоти за увоз на челик како компанија сме оштетени за 25.000 тона годишен извоз во ЕУ, или неостварени приходи од околу 15 милиони евра на годишно ниво.
Домашната индустријата за преработки од челик се соочува со големи загуби заради одлуката на Европската унија за воведување на квоти за увоз на челични производи од трети земји. Каква е ситуацијата сега во оваа индустрија и со колку оваа одлука ја погодува ИГМ?
Гечев: Како компанија сме страшно погодени од оваа мерка со оглед на фактот дека извозот на ИГМ-Трејд преставува 90% од продажабата на заварени цевки и профили со потекло од Македонија. Изминатите 2 и пол години покажаа дека оваа гранка е впрочем единствена “жртва“ во нашата држава, остатокот од индустријата за челик воопшто не е засегната од квотите. Со исклучок на Секретаријатот за европски прашања со кои имаме одлична соработка , останатите надлежни министерства упорно не ставаат во ист кош со незасегнатите компании. На нашите укажувања за реални штети пристапуваат со скептицизам, па дури и отворен антагонизам. Да се третира една домашна гринфилд инвестиција, најголем плаќач на данок во државата на овој начин е тотално непатриотски. Преку нашето искуство како врвен економски чинител во државата и долгогодишен учесник во работата на Стопанската Комора на Македонија јавно укажуваме дека и многу други економски проблематики остануваат неразрешени и ниско на владината агенда поради некомпетен кадар во државната администрација, нерасчистени ингеренции, недостаток на прагматизам и култура на бегање од одговорност.
ИГМ Трејд е една од ретките македонски компании кои имаат инвестирано во странство и која постојани инвестира во дистрибутивни мрежи. Пред неколку години ИГМ трејд купи фирма од истата индустрија во Словенија. Која беше идејата со оваа инвестиција и како таа се одрази врз работењето на ИГМ Трејд?
Гечев: Идејата за купување на еден голем производен капацитет во Словенија беше поради сите горенаведени причини. Ова инвестиција се одрази феноменално на работењето на компанијата, со пораст на консолидираните продажби на ниво од 280.000 тона или 150 милиони евра на годишно ниво.
Македонскиот извоз бележи голем пад од почетокот на пандемијата. Со какви мерки државата би можела да помогне да се поттикне извозот во периодот на пост-Ковид 19 и да се направи поконкурентен? Што конкретно би било од корист за вашата компанија и за индустријата во која работите со цел да се зголеми конкурентноста?
Гечев: Јас лично сум против субвенционирање на компании во време на криза и директна исплата на финансиска помош. Ваквите мерки од ПР аспект секогаш звучат популарно и бомбастично, но во пракса создаваат повеќе проблеми отколку што решаваат. Сметам дека државната администрација не е доволно компетента ефикасно да имплементира ваков сет мерки на фер и транспарентен начин, а се отвара и простор за злоупотреби. Во економската јавност одекнаа реакции за отежнато аплицирање, нејасни процедури, лоши критериуми наклонети кон големите компании на сметка на микро и малите претприатија (или исплата на антикризни средства кон странски инвеститори кои и претходни биле приматели на државна помош со цел нивно привлекување).
Не велам дека државата не треба да има улога во закрепнувањето на економијата, но сметам дека пристапот е погрешен. Државата преку своите макро-економски политики располага со многу подобри фискални и монетарни мерки кои би биле праведни, сеопфатни, мерливи и отчетни.
На пример, преку таргетирано намалување на даночните стапки, укинување на парафискалните давачки, царински ослободувања и олеснувања преку ревизија на царинскиот закон, преиспитување на степенот на задолжување на државата кон домашните банки итн.
Апелирам и академската заедница да размислува потрезвено и наместо досегашната дисонанца на увозни, copy-paste економски решенија, да се позанимава со решавање на структурните проблеми на македонското стопанство и улогата (и минимизирањето) на државата во економијата.
Инфраструктурата и логистиката се многу важни за извозот во секоја држава. Како извозна компанија каде ги гледате најголемите пречки и што би требало да се подобри за да се олесни извозот?
Гечев: Ситуацијата со железничкиот превоз во Македонија веќе подолго време е “деликатна“. Поради големиот број на проблеми во овој сектор, се повеќе компании се ориентираат кон камионскиот превоз што лошо се одразува врз патната инфрастуктура и има негативен ефект врз животната средина. Поради огромните тонажи и карактеристиките на робата, нема држава во светот каде што секторот металургија не користи железнички превоз за увоз на репроматеријали и извоз на готов производ. Ние во Македонија успеавме да создадеме хибриден транспортен режим, што заедно со лошата енергетска политика, ја покажува немарноста на државата кон еден од најбитните и најстратешките сектори во економијата.
Бидејки како држава сме тотално зависни од пристаништето Солун, дополнително Грција е порта за кинеската иницијатива “Оne belt, Оne road” кон која многу соседни државни активно се приклучуваат, за нас од особена важност и приоритет е Коридорот 10 и овде треба да ги фокусираме инфраструктурните проекти и реконструкции.
Странските инвеститори се најголеми двигатели на извозот во Македонија. Инфраструктура значи и индустриски недвижности и како компанија активно сме вклучени во овој сегмент со цел привлекување на странски инвеститори. Исто како што еден млад брачен пар размислува за станбеното прашања, така и секоја странски компанија за да инвестира во Македонија најпрвин размислува за адекватна локација и зграда за фабрика. Со изградба на најмодерен и најголем, приватен индустриски парк на површина од 319.900 м2 и покриен простор од 135.300 м2 во близина на Неготино и само 128 км од Солунскотот пристаниште нудиме опции за странските компании и ја зголемуваме атрактивноста на Македонија како инвестициска дестинација.
До пред пандемијата, недостигот на работна сила беше еден од најголемите проблеми на македонските компании. Во која насока ќе се решава овој проблем? Сметате дека платите неминовно ќе мора да растат или, пак, компаниите се повеќе ќе се насочуваат кон инвестиции во поголема автоматизација и дигитализација?
Гечев: Ова е сложено прашање и зависи не само од економските, туку и од политичките услови во државата. Позначајни вложувања на компаниите во автоматизација и дигитализација би се случиле само доколку трендот на раст на платите продолжи и во иднина.
Сепак, да не се залажуваме, мал е бројот на компании во Македонија кои се на технолошко ниво што дозволува посложена автоматизација и дигитализација. Ние денес имаме недостаток на основните технолошки кадри, како што се електричари, заварувачи, машино-бравари, шофери, а да не зборуваме за посложени струки како програмери на ПЛЦ, оператори на ЦНЦ, роботичари кои се неопходни за технолошки развој.
Ако сме кадровски неподготвени, тогаш излишно е да се зборува за овие модерни трендови во индустријата, а камо ли за изградба на една голема хидроцентрала, или, пак, нуклеарна централа, тема која упорно циркулира во јавноста, а е нереална и смешна. Бидејќи, сите овие големи постројки денес се управувани со електроника од третата и четвртата индустриска револуција. Затоа, вложувањето во технологија мора да биде пропратено со вложување во образование, што се два фактора кои ја зголемуваат продуктивноста на една економија на долг-рок.
Уште поголема трагедија е што има толку голема неедуцираност кај населението, а Владата е индиферентна на оваа тема, што на секоја нова значителна индустриска постројка се гледа со страв и одбивност и имаме тотално парадоксални ситуации, на пример, да се протестира против изградба на гасовод, против изградба на фабрика за вагони или ладна валавница за челик, капацитети кои можеби формално влегуваат во категоризација тешка индустрија, но немаат штетно влијание на животната средина.
Во исто време, вакви капацитети се уште се градат низ Европа, и тоа во најеколошките држави, како Германија, Австрија и Словенија.
Како држава мораме да расчистиме, еднаш и засекогаш, дека без вакви високо технолошки капацитети кои обезбедуваат додадена вредност не можеме да зборуваме за раст на платите на долг рок и за развој на економијата.