Фармацевтската компанија Алкалоид објави дека во првите девет месеци годинава работела со вкупни консолидирани приходи од продажба од 154 милиони евра, што е раст од 6% во споредба со истиот период лани.
Остварените единечни продажби, пак, во истиот период се зголемени за 4% и изнесуваат 116,5 милиони евра.
Од вкупните консолидирани продажби 35 % се остварени на домашниот пазар, додека, пак, 65 % се остварени на странските пазари. При тоа, и продажбите на домашниот пазар и приходите од продажба на странски пазари се зголемени за 6% во споредба со истиот период лани.
Најголем пораст кај извозните пазари бележат продажбите остварени во Германија (раст од 123 %), Полска (раст од 92 %), Русија (раст од 52 %), Украина (раст од 47 %), Унгарија (раст од 42 %), Бугарија (раст од 26 %), Чешка (раст од 25 %) итн. За првпат во сегментот фармација се реализираа продажби во Австрија, Португалија и на Кипар, а во сегментот козметика се реализираше првата поголема продажба на колекцијата Becutan во Саудиска Арабија.
Гледано според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 87 %. Од нив, поголем удел имаат препаратите ОТЦ со удел од 20 %, антибиотиците со 19 %, кардиолошките препарати со 14 %, невролошките препарати заземаат 14 % од вкупните консолидирани продажби итн.
Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 13 % во вкупните консолидирани продажби, поточно хемијата учествува со 3 %, козметиката со 8 %, а билкарството учествува со 2 %.
Од “Алкалоид” информираат дека вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – септември 2021 година изнесуваат 850.639.878 денари или 13,83 милиони евра.
Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) достигна 1.766.595.559 денари ( 28,7 милиони евра) и бележи раст од 14 %, додека, пак, консолидираната нето-добивка изнесува од 989.201.826 денари ( 16,1 милион евра) и е зголемена за 17 %.
178 нови вработувања во првите девет месеци годинава
Во периодот јануари – септември 2021 година во „Алкалоид“ се реализирани 178 нови вработувања во РС Македонија. Со одлука на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје, во март 2021 година е одобрен и исплатен регрес за користење годишен одмор за вработените во компанијата, во висина од 100 % од просечната исплатена нето-плата од работник во претходните три месеци во РС Македонија. Исплатениот надомест од вработен е во износ од 31.167 денари бруто, односно 28.050 денари нето. Групацијата „Алкалоид“ брои 2.511 вработени, од кои 1.933 се во базата во Скопје, а 578 се вработени во подружниците во странство.
Алкалоид годинава очекува раст на приходите и профитот од 7%
Бизнис-планот на компанијата за 2021 година предвидува инвестирање на околу 12 % од консолидираните приходи од продажбите во материјални и во нематеријални средства, раст од 7 % на консолидираните продажби во однос на 2020 година, како и раст од 7 % на консолидираниот профит пред оданочувањето во однос на 2020 година.
Бизнис-планот за 2021 година е базиран на очекувањата, проекциите и на можностите на тековните и на новите пазари и производи, достапни за компанијата во моментот на изготвување на планот.
Од компанијата информираат дека во изминатиот период се соочиле со голем број интерни и екстерни предизвици и новонастанати ризици генерирани од пандемијата на КОВИД 19.
“Презедовме голем број мерки во досегашниот период со цел неутрализирање на сите негативни ефекти, без притоа да се загрози здравјето на вработените и успешното работење на друштвото. Во претстојниот период врвен приоритет и натаму останува грижата за здравјето на вработените, како и одржувањето на тековната ликвидност и на финансиската стабилност и остварувањето на планските цели”, велат од Алкалоид.