Важноста што логистичката индустрија ја има за глобалната економија е немерлива. Денеска оваа индустрија вреди 8,1 илјада милијарди долари, а се очекува дека оваа вредност ќе се зголеми речиси двојно до 2023 година.
Како што наведува Американскиот завод за статистика, повеќе од 5 милиони луѓе се вработени во транспортниот и логистичкиот сектор, а возачите на камиони изнесуваат околу 20% од вкупниот број на работни места.
Иако индустријата е во пораст, логистичките компании мораат да бидат иновативни и отворени за големи промени со цел да ги задоволат потребите на пазарот и да ја зголемат ефикасноста преку намалување на трошоците и влијанието врз животната средина.
Компаниите со долгогодишно искуство во индустријата, како што се UPS или Fedex веќе работат на иновативни решенија, но тука се и новите играчи во индустријата како Amazon и Uber, кои преку новитетите се трудат да завземат дел од пазарот.
Дигиталната ера на Uber во логистиката
По креирањето на иновативен модел за превоз на патници, Uber го примени истиот принцип и во транспортот и разви посебни нови апликации како UberRush и UberFreight. Овие апликации овозможуваат заобиколување на учеството на шпедитерите во ланците на снабдување, овозможувајќи им на превозниците да заработат повеќе.
UberFreight е дигитална платформа која ги поврзува превозниците и сопственциите на стоката за транспорт. Им овозможува директен контакт и комуникација, овозможувајќи им поголема флексибилност, намалувајќи ги трошоците и зголемувајќи ја ефикасноста.
Платформата е лансирана на американскиот пазар минатата година и компанијата Uber тврди дека е симната над 330 илјади пати. Во март годинава, UberFreight ја почна европската експанзија во Холандија. Компанијата во иднина сака да го прошири своето работење и во другите делови од Европа.
Од друга страна UberRush е апликација дизајнирана за последните километри од транспортот. Корисници, како хонорарни работници, можат да гииспорачуваат пратките во рамки на градовите. Моментално, ова решение е дстапно само во Њујорк, Сан Франциско и Чикаго.
Зошто Amazon почна да се занимава со транспорт?
Amazon, пак, почна да превзема првите чекори во логистиката со цел да постигна целосна незавинсност во работењето. За тоа се во употреба програмите AmazonFlex, SellerFlex или Amazon Prime Air. Со превземање на поголем број на лоогистички процеси гигантот во електронската трговија успеа да ги намали трошоците и да се стекне со независност од неговите постоечки даватели на логистички услуги. Меѓутоа, компанијата сака да оди чекор понатаму и да почне да нуди транспортни услуги и на други компании.
Amazon ќе изгради и нов центар (hub) и аеродром кои ќе служат за авио-компанијата Amazon cargo. Не само што ова на Аmazon ќе му овозможи да не зависи од транспортерите, туку ќе придонесе и за остварување на значајни заштеди, кои според проценките на Morgan Stanley би изнесувале и до две милијарди долари годишно
Дигитализација и автоматизација
Покрај воведување на иновативни и дигитални решенија, многу лидери во оваа индустрија ја гледаат автоматизацијата како долгорочно решение за зголемување на продуктивноста. Заради тоа многу компании, како Uber и Amazon, но и Tesla и Gogle се фокусирани на развој на автономни возила.
Компанијата која ќе успее да лансира автономни камиони на пазарот ќе има голема предност. Не само што ќе заштеди пари предвидени за плаќање на возачите, туку и недостатокот на возачи кој станува се поизразен, нема да влијае на нејзината ефикасност.
Со цел да ја развие оваа технологија, Uber уште во 2016 година ја купи компанијата Otto – производител на автономни камиони. Веќе некое време, како дел од тестирањето, автономните камиони испорачуваат пратки во американската држава Аризона.
Меѓутоа, потребни се уште многу измени на закони за да може автономните камиони да станат реалност и решение за проблемите во логистичката индустрија.
Од дрга страна, Amazon се фокусира на дронови. Џеф Безос, основачот на Amazon, за време на едно негово интервју уште во 2013 година го претстави првиот прототип на беспилотно летало. Amazon веќе неколку години наназад ja нуди Prime Air услугата, која испорачува пакети од 2,3 килограми во рок од 30 минути.
Освен ова, гигантот во електронската трговија сака да патентира интермодален транспорт со помош на беспилотни летала. Во август 2017 година, компанијата поднесе барање до Американската канцеларија за патенти, а во барањето се наведува дека “интермодалните возила можат да бидат натоварени со објекти и со летачки возила да бидат однесени на одредени места”.
Дроновите ќе испорачуваат пратки од возови, камиони, бродови или други возила кои се опремени со посебни системи кои овозможуваат една или повеќе пратки да се натоварат на дронови и истите да ги активираат.
Овој систем ќе овозможи летачки возила да примаат нарачки и во текот на возењето.
Очигледно, логистичката индустрија ја чекаат многу нови и интересни предизвици со претстојната и забрзана дигитализација.