Американската индустрија во март со најголем пад од 1946 година наваму

Американската индустрија доживеа огромен пад во март откако пандемијата ја сопре американската економија. Преработувачката индустрија и вкупното индустриско производство забележаа најголем пад после Втората светска војна.

Федералните резерви во средата објавија дека преработувачката индустрија минатиот месец е намалена за 6,3%, водена од падот на производството во автомобилските фабрики кои беа целосно затворени.

Севкупно гледано, индустриското производство, во кое се вклучени фабрики, комуналните претпријатија и рудници, бележи пад од 5,4%.
Ова е најголем пад на индустријата од 1946 година наваму и далеку полош отколку што очекуваа економистите.

Производството на автомобили беше во слободен пад и во март се намали за 27,2%.

Воведувањето на карантинот и ограничувањата во патувањата како дел од мерките за борба против КОВИД-19 донесоа речиси целосен прекин на економската активност.
Производството, пак во комуналните претпријатија, бележи пад од 3,9%, додека кај рудниците падот е 2%.