Американската технолошка компанија Intel Corporation планира да инвестира 80 милијарди евра (95 милијарди долари) во Европа во текот на следната деценија во зголемување на производствениот капацитет за чипови и отворање на фабрика за полупроводници во Ирска за производителите на автомобили.
Извршниот директор на Intel, Пат Гелсингер, на саемот за автомобили IAA во Минхен изјави дека до крајот на годината компанијата ќе ги објави локациите на две нови европски фабрики за чипови, по што би можеле да следат уште шест други фабрики. Постојат различни шпекулации за можни локации за производство, а се споменуваат и Германија, Франција, како и Полска, каде што Intel е веќе присутен. Се очекува новите фабрики да ја задоволат високата побарувачка за чипови, особено во автомобилската индустрија.
Исто така, конкурентската компанија, Taiwan Semiconductor Manufacturing Co., најголемиот светски производител на чипови, планира да инвестира рекордни 100 милијарди долари во следните 3 години во зголемување на производствениот капацитет.
Јужнокорејскиот конкурент Samsung Electronics Co., исто така, минатиот месец објави дека има намера да ги зголеми инвестициите за една третина, на повеќе од 205 милијарди долари, во следните 3 години, додека се стреми да стане водечки глобален конкурент во производството на чипови.
Глобалниот недостаток на чипови особено ги погоди производителите на автомобили, бидејќи многумина мораа да го намалат своето производство поради недостатокот на чипови.
Intel верува дека чиповите ќе учествуваат со 20% од трошоците за возилата до 2030 година, пет пати повеќе отколку во 2019 година, кога тие учествуваа со само 4% од трошоците. Гелсингер проценува дека глобалниот пазар на автомобилски чипови ќе вреди 115 милијарди долари во следната деценија, што е двојно повеќе од сегашната пазарна вредност.
Менаџментит на Intel се состана со водечките политичари во Брисел и земјите од ЕУ во последните месеци за да добие финансиска поддршка за проширувањето на Intel. Субвенциите ќе ги направат европските фабрики поконкурентни од азиските.
Извор: Reuters