И покрај големите нарушувањата во трговијата и секојдневното работење кои ги предизвика пандемијата со Ковид 19, производството храната е еден од секторите кои беа најмалку погодени.

Тоа го покажува и статистиката за трговијата со странство на македонските компании за изминатата година.
Македонските производители на храна изминатата 2020 година во странство продале производи во вредност од 363,2 милиони евра, што е намалување за 1,1% или за 4 милиони евра во споредба со извозот остварен во претходната 2019 година. Во истиот период, вкупниот извоз во земјата забележа пад од 10%.

Ак се анализира подетално, податоците покажуваат дека некои сектори во производството на храна имале раст на продажбите во изминатата година, како на пример, свежото овошје и зелечук, преработките од зеленчук и овошје, кафето, чајот и зачините.

Дури половина од вкупниот извоз на храна направен минатата година отпаѓа на извозот на зеленчук и овошје, кој достигна близу 184 милиони евра. Ова е најголем извоз на овошје и зеленчук во последните 15 години.

На годишно ниво, ланскиот извоз на зеленчук и овошје е зголемен за 4,92% или за 8,6 милиони евра во споредба со извозот остварен во 2019 година.
Во оваа сума од 184 милиони евра влегуваат извозот на свежо овошје, извозот на свеж зеленчук и извозот на преработки од овошје и зеленчук.

Податоците покажуваат дека токму преработките од зеленчук и овошје имале најголем раст на извозот минатата година. Извозот на преработки од овошје и зеленчук минатата година достигна 62,2 милиони евра, што е за 16,8% или за близу 9 милиони евра повеќе од претходната година. Во оваа група влегува извозот на ајвар и разни други зимници, конзервиран зеленчук, компоти и мармелади од овошје…
Податоците покажуваат дека речиси половина или дури 29 милиони од овој извоз минатата година отпаѓа на продажбата на ајвар на странските пазари, што е исто така највисок извоз во последните десетина години.

Со растот во време на пандемијта, преработувачката индустрија за зеленчук и овошје станува поголем извозник од кондиторската индустрија, чиј извоз минатата година се намали за 6,4% , на 58 милиони евра.

Раст од 15,08% минатата година бележи и извозот на овошје кој достигна вредност од 58,8 милиони евра. Најизвезуваното овошје, јаболката имаат раст од 40%, но раст има и кај извозот на сливи, цреши…

Извозот на свеж зеленчук минатата година бележи намалување од 11,4% и достигна 62,9 милиони евра. Најголем извозен приход има од извозот на пиперките, 15,6 милиони евра, кој е на речиси исто ниво како и претходната 2019 година. Извозот на зелка лани изнесувал 13,3 милиони евра и е намален за цели 42% или за 9,3 милиони евра воспоредба со 2019 година.
Извозот на домати изнесувал 8,7 милиони евра и е намален за околу 15%. Голем раст лани од 65% има кај извозот на краставици и корнишони, кои со вредност од 5,6 милиони евра се четврт најизвезуван зеленчук минатата година.

Од останатите видови на прехранбени производи, голем пад од 21% има кај извозот на млечни производи и јајца кој се намали на 18 милиони евра. Извозот на шеќер и преработки од шеќер исто така се намали за 7,3%, на 7,5 милиони евра.

Извозот на месо и преработки на месо лани изнесуваше 26 милиони евра и е намален за 1,1%.

Извозот на кафе, чај и зачини лани се зголеми на близу 19 милиони евра, раст од 6,7 милиони евра.

Пандемијата со сопре и континуираниот раст на увозот на храна

Увозот на храна изминатата година достигна 664 милиони евра и е благо намален за околу 4 милиони евра или за 0,93% во споредба со претходната 2019 година.

Во увозот на храна доминираат месото, брашното, млеко и млечни производи и други готови производи.

За увоз на месо и преработки на месо лани се одлеале од земјава 134 милиони евра, што е намалување за 7% или за околу 10 милиони евра на годишно ниво.
Втора најголема ставка во увозот на храна се свежото овошје и зеленчук, чиј увоз лани е зголемен за 4,2% и достигна 101 милион евра.
Увозот на жита и преработки од жита лани надмина 96,7 милиони евра. За увоз на разни други производи за исхрана се платени 86 милиони евра.
Увозот на кафе, зачини и чај изнесувал близу 76 милиони евра.
Увозот на млеко и млечни производи е намален за околу 2,3 милиони евра и изнесувал 68,6 милиони евра.
Увозот на шеќер, преработки од шеќер и мед е зголемен за 4,2%, на 41,5 милиони евра.