“Реализацијата на вкупните приходи во буџетот е подобра од очекувањата. Во јуни таа е пониска за 9,6% во однос на јуни минатата година, а во сценариото бевме подотвени за 20% пониски приходи, рече денеска на прес-конференција министерката за финансии Нина Ангеловска.
Министерката Ангеловска оцени дека и покрај предизвиците со кои се соочува македонската економија, во услови на справување со КОВИД-19, извршувањето на буџетот се одвива по план, а ликвидноста е обезбедена. Потенцира дека преземените мерки даваат резултат и очекува  и во третиот и четвриот квартал од годинава постепено опоравување на домашната економија, кое ќе биде поддржано од реализација на третиот сет мерки наменети за заживување на економската активност.
“Она што радува е дека резултатите се подобри од очекуваното. Тоа укажува дека закрепнувањето е почнато и може да оди и побрзо од очекувањата. На приходната страна, кумулативно од почетокот на годината се уште се забележува пад. Сепак, тој е значително ублажен, а кај одредени давачки се забележува дури и висок раст во споредба со истиот период минатата година, рече министерката Ангеловска.
Таа појасни дека во периодот јануари – јуни, вкупните буџетските приходи се остварени на ниво од 44% од ребалансот (годишниот план) или во износ од 87,4 милијарди денари. Ова, како што додаде, е за 9% помалку во однос на истиот период лани, а процентот на остварување во однос на планот, е речиси ист како и минатата година, што укажува дека е задржана динамиката на наплата на приходите.
Ангеловска истакна дека реализацијата на вкупните приходи во јуни е значајно подобра од очекувањата, односно дека е за 9,6% пониска во однос на јуни минатата година, додека во сценариото, како што рече, бевме подготвени за 20% пониска наплата.
Даночните приходи во првата половина од година бележат пад од 13% на годишно ниво и изнесуваат 47,3 милијарди денари.
По падот од 31% и 29% во април и мај респективно, се забележува позитивно придвижување и подобрена наплата кај даноците, потенцира Ангеловска.

Истакна дека кај приходите од персонален данок на доход има позитивни движења и дека  во второто тримесечје движењата по месеци се -11,7% во април, -25,7% во мај, за во јуни да биде регистрирана позитивна стапка 1,7 %. Ова, посочи, во голем дел се должи на мерките на Владата за помош во исплата на плати за фирми погодени од КОВИД-19. Од податоците што ги сподели, ДДВ исто така има позитивно движење. Во април и мај падот кај ДДВ беше -43,5% и -33%, додека во јуни е -7,5 %. Негативните стапки опаѓаат во второто тримесечје.

Фирмите го добиваат повратот на ДДВ со редовна динамика

Повратот на ДДВ, исто така, се одвива непречено и фирмите го добиваат повратот во регуларна динамика. Во услови на криза, повратот на ДДВ во првото полугодие од 2020 е повисок за 660 милиони денари споредено со истиот период лани или 6% повеќе.
Според министерката, расходната страна во првото полугодие бележи раст на годишно ниво, во најголем дел како резултат на преземените мерки за справување со КОВИД-19 кризата.
“Вкупните расходи изнесуваат 113 милијарди денари, што е зголемување од 9,9% на годишно ниво или 10,2 милијарди денари што е 46,7% од буџетираните расходи. Оправданоста за ваквиот пораст на расходите се должи на поддршката за фирми и граѓани погодени од КОВИД-19 во износ од околу 5,4 милијарди денари  или 88 милиони евра. Повеќе од половина од поголемите расходи е токму исплата на ковид програмите, а останатиот дел на повисоки пензи, социјална помош, повисоки платина здравството, образование”, рече Ангеловска.
Дефицитот во буџетот во првото полугодие е во износ од 25,9 милијарди или 3,8 % од БДП, и е согласно проекциите, односно се одвива според планираната динамика.