Американската компанија АРЦ Аутомотив работи на инсталирање на нова линија за инфлатори за воздушни перничиња, инвестиција од 4,2 милиони евра, наменети за Volkswagen, BMW и Daimler, најави денеска директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, Дејан Павлески, при денешната посета во фабриката на компанијата во зоната ТИРЗ Скопје 1.

На средбата со Светислав Смилков, менаџер на американската компанија „АРЦ Аутомотив“, Павлески разговарал и за тековното работење на компанијата и предизвиците со кои се соочува во услови на Ковид кризата.

“Грижата од страна на Агенцијата за веќе присутните инвеститори е клучен приоритет. Позитивното искуство на веќе постоечките инвеститори значи: проширување на инвестициите, останување во земјата, отварање на нови работни места, зголемување на производство и дополнително раздвижување на локалната економија”, велат од Агенцијата.

,,АРЦ Аутомотив” е извозно ориентирана компанија, производител на автомобилски инфлатори за воздушни перничиња за европскиот и американскиот пазар – лоцирана во ТИРЗ Скопје 1.

Вкупниот број на вработени изнесува над 400, со тенденција во иднина тој број да се зголемува. Производствениот капацитет на компанијата е од 2 до 4 милиони инфлатори годишно, а во 2020 година имаат реализирано производство од 2.1 милиони инфлатори, а досега е реализирана инвестиција во вредност од 15 милиони евра.

Според едицијата ТОП 100 Извозници, АРЦ Аутомотив е 27 најголем извозник од земјава во 2019 година, со извоз од околу 25,5 милиони евра.