На Генералното собрание на Асоцијацијата на балканските комори (АБК), кое и оваа година се одржа виртуелно, со оглед на ситуацијата со пандемијата предизвикана од COVID-19, домаќин, односно претседавач на истото беше Бугарската трговско индустриска комора.

Генералното собрание на АБК оваа година фокусот го стави на искуствата кои коморите од АБК ги имаат во насока на поддршка на компаниите справувајќи се со пандемијата предизвикана од COVID-19, новите услуги кои коморите ги креираат за компаниите и регионалната соработка. 

 На Генералното собрание на АБК, учесник од Стопанската комора на Северна Македонија беше потпретседателот на Стопанската комора на Северна Македонија и проектен менаџер за развој на новите совети, д-р Јелисавета Георгиева-Јовевска.

Георгиева Јовевска истакна дека уште на самиот почеток од здравствената криза, во март минатата година, најзначајниот чекор кој го направи Стопанската комора на Северна Македонија во насока на помош и поддршка на компаниите за совладување на предизвиците предизвикани од пандемијата, е што формираше Кризен штаб, составен од лица во менаџментот на Комората, преку кој на дневна основа им се обезбедуваше континуирана достапност до информации од различни извори на компаниите, се даваа предлози – иницијативи до Владата за полесно поминување низ кризниот период, од кои голем дел беа преточени во конкретни мерки. Од вкупно 5-те сета на мерки кои ги донесе Владата, големо е нашето задоволство што дел од мерките за поддршка на стопанството предложени од нас не се однесуваа само на носење на краткорочни мерки за санирање на последиците од кризата, туку се предвидоа и системски реформи кои би се однесувале на целото стопанство.

Поенти на Георгиева Јовевска на панелот посветен за поддршката на компаниите во услови на работење предизвикано од Ковид 19: Во завршница е процесот на измена на законот за царинска тарифа, со која ќе се услови намалување на увозните давачки за суровини и репроматеријали (усогласување на нивото на стапки во ЕУ) кое е едно од приоритетните прашања кое Комората го адресираше. За извозно ориентираните компании, кои реално и сега и во иднина ќе ја држат нашата економија на нозе, оваа мерка е силна поддршка која значително ќе влијае на зајакнување на конкурентноста на домашните производи и можност за нивно поголемо присуство на странските пазари,

Се работи на намалување или укинување на дел од парафискалните давачки како предвидена мерка, што е повеќе годишно барање на Стопанската комора на Северна Македонија. Се спроведуваат серија активности за оваа цел, од промена на законската и подзаконска регулатива која е поврзана со неданочните и парафискалните давачки, неможност да се воведе ниту една дополнителна давачка без согласност од Министерството за финансии или мислење доколку се работи за одлуки кои ги носи Владата, до воспоставување на Регистар на неданочни давачки преку кој ќе се донесат соодветни решенија за оправданоста и целисходноста од постоење и воведување на одредени надоместоци и давачки кои не остваруваат значаен фискален приход, а претставуваат значаен трошок за компаниите,

Приоритет се даде и на мерките за поддршка на инвестициските активности на компаниите во насока на унапредување на нивната продуктивност и конкурентност, со проширување на програмите за поддршка за инвестициските циклуси на домашните компании преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции и Законот за стратешки инвестиции, но и со барање засилено да се применува концептот на јавно-приватно партнерство, особено во областа на енергетиката, инфраструктурата, екологијата, здравството и образованието,

Во насока на одржување на ликвидноста на компаниите, особено за оние од секторите кои беа посериозно засегнати од кризата, преку Развојната банка на Република Северна Македонија се применија и мерки за обезбедување државна кредитна и државна царинска гаранција,

Покрај другите мерки, ние како Комора заедно со Царинската управа и другите надлежни институции во Република Северна Македонија постојано се заложуваме за што поефикасен проток на стоки преку ослободување на коридорите за снабдување  со репроматеријали за непречено работење за нашите компании.

Што се однесува до новите услуги кои Стопанската комора на Северна Македонија ги креираше за компаниите изминатиов период, Георгиева Јовевска апострофираше неколку клучни работи:

  • Стопанската комора на Северна Македонија во годината кога го одбележува својот јубилеј по повод 100 години од своето основање, како најстара, најмоќна и најбројна бизнис асоцијација во државата, пред себе има историска можност да ги препознае потребите на компаниите, да ги идентификува пазарните текови и светските трендови и соодветно да одговори на истите преку своја внатрешна трансформација. Трансформацијата на комората е процес кој започна преку спроведување на концептот на „Комора на иднината“, кој опфаќа формирање на Совети чија цел е да отворат перспективи за иновации, знаења и развој на нови пазарно ориентирани услуги и институции кои се од директна корист за компаниите. Во таа насока, во 2021 година Стопанската комора на Северна Македонија формираше четири совети. Сите тие директно или индиректно се поврзани и со образованието и развојот на најбитниот фактор за раст и успешна работа на компаниите, а тоа е човечкиот фактор, иновациите, и новите технологии. Новоформираните совети се:
  • Совет за напредни технологии и унапредување на квалитетот во производството и услугите кој има за цел остварување на специфични интереси на домашните и странските компании со технолошки напредно производство, обезбедување консултативни и советодавни мислења и предлози во интерес на поттикнување на техничко-технолошкиот развој и унапредување на квалитетот во производството и услугите.       

Совет за унапредување на високото образование и стратешки истражувања во фокусот на своето работење поставува организирање и поттикнување соодветни облици за континуирано функционално образование и иновација на знаењата на раководните кадри, како и на другите стручни кадри и професионална надградба на стекнатите знаења. За таа цел Советот во соработка со домашни и странски институции се фокусира кон развој и промоција на три едукативни програми: Школа за бизнис лидери,

  • Развој на мали и средни бизниси и старт ап бизниси и Институт за извоз, кои ќе ја поттикнат имплементацијата на европските правила и стандарди и ќе бидат насочени кон создавање функционално неформално образовани и иновација на високообразовните кадри, што ќе води кон воспоставување на Школа за продуцирање кадри за извоз со интензија за прераснување во Институт за извоз.
  • Советот за унапредување на индустриското производство и извозот има за цел да изгради стратегија и методологија за развој и поддршка на извозот и индустриските капацитети во соработка со Владата на Република Северна Македонија и сите релевантни меѓународни институции. Во фокусот на своето работење овој Совет ги поставува и активностите поврзани со поттикнување и вмрежување на домашните компании со странските компании. Советот исто така ја презема целокупната обврска околу учеството на Комората на специјализираните меѓународни саеми и настани како партнер на Министерството за економија, но и активности за унапредување и насочување на работата на Клубот на извозници при Стопанската комора на Северна Македонија.
  • Советот за унапредување на квалитетот на тренингот и обуките има за цел остварување на специфични интереси на приватниот сектор, во насока на унапредување на квалитетот на неформалното образование, вклучително и образованието на возрасните и поврзување на понудата и побарувачката на квалификации, вештини и практично искуство согласно потребите на работодавачите. Овие нови форми на организирање во Комората, се произлезени од иницијативите и барањата на компаниите членки, подвлече Георгиева Јовевска, а нивното формирање е одговор на подготвеноста на Комората да биде агилна и приспособлива во насока на понудување соодветна експертиза, зад која стојат не само вработените во Комората, туку и членовите на Советите како претставници на бизнис заедницата, научната и академската фела, за да се создаде додадена вредност и да се оправда улогата на Комората како заштитник и промотор на бизнис заедницата во државата.

Во однос на регионалната соработка, потпретседателот и проектен менаџер, д-р Јелисавета Георгиева Јовевска на панелот на таа тема подвлече неколку клучни поенти:

  • Стопанската комора на Северна Македонија уште од самите почетоци е вклучена во идејата за Коморскиот инвестициски форум (КИФ), како асоцијација која е основана со стопанските комори од земјите од Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес, која стана можеби и најважната алатка за зајакнување на регионалната економска соработка и еден од најуспешните резултати на Берлинскиот процес е тоа што во суштината на неговото постоење се заснова идејата дека од слободната трговија и регионалната интеграција на долг рок добиваат сите земји и дека соработувајќи заеднички можеме да направиме многу повеќе отколку која и да било од нашите бизнис заедници би можела да направи сама.
  • Визијата за КИФ во овие процеси е да постави мост меѓу активностите кои секоја од националните стопански комори ги преземаат во своите национални економии во насока на дисперзирање на позитивните ефекти кон останатите 5 комори, но и да нуди заеднички услуги за компаниите од целиот регион, кои во крајна линија се соочуваат со исти проблеми кога излегуваат на регионалните или глобалните пазари. Дата-базите за пристап на пазарот и за информациите кои нудат анализа на пазарите, програмата за развој на добавувачи, техничката помош за дигитализација и пристап до финансии, заедничкиот настап на саеми и бизнис форуми, поддршката за обезбедување на квалификуван кадар преку дуалниот модел на образование се само дел од чекорите во таа насока. Тие ќе се надградуваат со заедничка ознака за квалитет на потекло од Западен Балкан, заеднички академии и тренинг центри за компании од различни области, заеднички центри за циркуларна економија и зелена транзиција – конкретни придобивки и услуги за компаниите од регионот, независно како ќе се одвиваат формалните процеси на усогласување на актите на регионално ниво.
  • Годинава се интензивираше иницијативата за Отворен Балкан, која засега вклучува само три од шесте држави на Западен Балкан (Албанија, Северна Македонија и Србија), која најавува конкретни активности во насока на понатамошна либерализација на движењето на стоки, услуги и лица ширум регионот.
  • Многу е важна, во следниот период нашата регионална соработка и поврзување на компаниите од нашите земји со компаниите од регионот и пошироко со цел заеднички настап на трети пазари и создавање на уште подобри релации  на соработка меѓу нашите деловни заедници.
  • Заеднички продолжуваме да работиме на приоритетите на Асоцијацијата на балканските комори а тоа се првенствено: развивање на соработката помеѓу бизнис заедниците во Балканскиот регион како и заеднички со трети земји, охрабрување и поддршка на активностите насочени кон структурни реформи во економиите на балканските земји со поглед кон пристапувањето во ЕУ, иницирање и имплементација на заеднички проекти за Балканскиот регион, како и заедничко учество во ЕУ програмите и останатите партнерски програми и фондови.

Извор: Стопанска комора на С.Македонија