Министерот за економија, Крешник Бектеши, на прес-конференција во Владата информира за уредбата со законска сила за финансиска поддршка за зајакнување на конкурентноста на деловните субјекти во постпериодот на Ковид-19, која по предлог на Министерството за економија вчера беше усвоена во Владата.

Министерот потенцира дека третиот пакет-мерки, што го донесе Владата за справување со негативните ефекти од корона-кризата, предвидува поддршка за граѓаните, за бизнисот и за компаниите и има главна цел ревитализација, закрепнување на економијата и стимулирање на потрошувачката и на индустријата.

„Една од мерките во третиот сет мерки што ги најавивме е финансиската поддршка од 20 милиони евра наменета за приватниот сектор, односно за компаниите кои и во оваа кризна ситуација продолжија да работат и да инвестираат во нивниот раст и развој, конкурентност и модернизација. Денеска сакам да информирам дека на предлог на Министерството за економија, Владата ја донесе уредбата со законска сила за финансиска поддршка за зајакнување на конкурентноста на деловните субјекти во постпериодот на Ковид-19, со што почнува реализацијата на оваа мерка“, потенцира Бектеши.

Според министерот, целта на оваа мерка, која е преточена во уредба, е да се помогнат компаниите што ќе ги изгубат пазарите за повторно освојување на пазарите, зголемување на нивната конкурентност, модернизација на процесите, зголемување на продуктивноста, со што ќе се одржат деловните потфати, кои ќе придонесат за закрепнување на економијата на земјата преку реализација на инвестициски проект во постковид-периодот од јули до декември 2020 година.

Според министерот, оваа мерка опфаќа компании што во текот на 2020 година имаат во реализација инвестициски проект, работат во производствени сектори, кои се дефинирани како производство, освен оние што се исклучени од оваа можност во согласност со Законот за контрола на државната помош, деловни субјекти што вршат дејност трговија доколку инвестираат во основни средства, вршат дејности од областа на информациско-комуникациски услуги доколку инвестицијата опфаќа воспоставување нова организациона единица за технолошки развој, истражување и/или развој на ново софтверско или хардверско решение.

„Висината на финансиската поддршка изнесува 25 % од реализираната инвестиција според инвестицискиот план, кој ќе го достави апликантот, но не повеќе од 40.000 евра за компании што оствариле вкупен приход во 2019 година не повисок од 1.000.000 евра, 100.000 евра за компании што оствариле вкупен приход во 2019 година од 1.000.001 еврао до 10.000.000 евра, 140.000 евра за компании што оствариле вкупен приход во 2019 година од 10.000.001 евро до 50.000.000 евра, 200.000 евра за компании што оствариле приход во 2019 година повеќе од 50.000.000 евра“, прецизира Бектеши.

Според уредбата, како што појасни министерот, компанијата што ќе добие финансиска поддршка има обврска до 31.1.2021 година да достави извештај за текот на реализацијата на инвестицискиот план со докази дека тој се реализира во рамките на инвестицискиот план за кој е исплатена финансиската поддршка.
Доколку деловниот субјект не успее да ја заврши инвестицијата или не успее да ја докаже минимум 80 отсто од вредноста на инвестицијата треба да ги врати средствата не подоцна од 1.3.2022 година.

„За реализација на оваа мерка, како што кажав, предвидени се 20 милиони евра, а Министерството за економија ќе објави јавен оглас, кој ќе трае до 31 јули 2020 година, и на кој ќе може да се пријават компании од сите големини, а кои ги исполнуваат условите. Компаниите што ќе аплицираат, ќе треба да достават, меѓу другото: инвестициски план, тековна состојба на деловниот субјект, биланс на успех за 2019 година, пресметка на аконтациите на данокот на добивка за март, април и мај 2020 година“, рече Бектеши и додаде дека главна цел на Владата во овој кризен период е да се поддржат компаниите од оваа криза да излезат победници, тоа ќе придонесе за позитивни ефекти во целата економија, а во исто време компаниите ќе се мотивираат да инвестираат во својата деловна активност и да отвораат нови работни места како одговор на ковид-кризата и закрепнување по неа.