За половина денар поскапуваат Еуросупер БС-95и Еуросупер БС-98 и дизелот, а екстра лесното масло за домаќинство за еден денар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика.
Од полноќ новата цена на Еуросупер БС – 95 е 68 денари за литар, на Еуросупер БС-98 е 70 денари, дизелот – 60,50 денари, а екстра лесното масло 60 денари за литар.

Мазутот поскапува за 1,008 денари и еден килограм ќе се продава за 34,889 денари.

“Со оваа одлука се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,39%. Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со изминатиот седумдневен период бележат зголемување кај бензинот во просек за околу 2,177 % или за 14,000 $/тон, кај дизелот зголемување во просек за околу 2,457 % или за 13,600 $/тон, кај екстра лесното масло зголемување во просек за околу 3,190 % или за 17,200 $/тон, и кај мазутот зголемување во просек за околу 3,554 % или за околу 14,850 $/тон, поради што во структурата на цените на нафтените деривати е извршено соодветно прилагодување.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот седумдневен период изнесуваше 50,5686 ден/$ и е за околу 0,404% повисок од курсот на доларот (50,3651ден/$) по кој беа формирани цените со претходната пресметка”, велат од Регулаторната комисија.