Малопродажните цени на бензините Еуросупер 95 и Еуросупер 98 се зголемуваат за 1,5 денар, додека на Еуродизелот за два денара, соопшти денеска Регулаторната комисија за енергетика.

Од утре по полноќ, литар Еуросупер 95 ќе чини 73,50 денари, Еуросупер 98 ќе биде 75,50 денари, а дизел горивото ќе изнесува 65 денари.

Малопродажната цена на екстра лесното масло за домаќинство се намалува за 0,50 денари и ќе чини 64,50 денари, додека на мазутот се зголемува за 1,351 денар и ќе изнесува 41,131 денари за килограм.
“Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со изминатиот седумдневенпериод бележат зголемување кај бензинот во просек за околу 3,938 % или за 28,100 $/тон, кај дизелот зголемување во просек за околу 4,845 % или за 30,700 $/тон, кај екстра лесното масло зголемување во просек за 5,000 % или за 31,150 $/тон, и кај мазутот зголемување во просек за околу 3,690 % или за околу 18,150 $/тон, поради што во структурата на цените на нафтените деривати е извршено соодветно прилагодување. Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот седумдневен период изнесуваше 52,8860 ден/$ и е за околу 0,613 % повисок од курсот на доларот (52,5638 ден/$) по кој беа формирани цените со претходната
пресметка”, објаснуваат од Регулаторната комисија за енергетика.