ИНТЕРВЈУ


БЕСНИК ИСАКИ, директор на Бе-Да Логистик


 

 

Бе-Да Логистик е фирма која нуди паметни логистички решенија и услуги во транспортот кои се многу важни за секоја компанија која сака да има успех во извозот и тргувањето со светот. Годинава Бе-Да Логистик слави 10 години постоење и со право се горди на досегашното работење и развојот со оглед дека од мала фирма успеале да пораснат во фирма која има бројни верни клиенти, обучени и лојални вработени и свои претставништва во регионот, а наскоро планираат и ширење во Европа, односно во Скандинавските земји.
И сето тоа благодарение на нивниот цврст фокус кон усовршување на услугите кои ги нудат, транспарентниот и коректен однос кон соработниците и клиентите и постојаното вложување во стручноста на својот кадар.
Со Бесник Исаки, директорот на Бе-Да Логистик разговараме за идните планови за развој, кои вклучуваат примена на најнова технологија и дигитализација на услугите и инвестирање во стручноста на кадарот со цел да им понудат најдобра услуга за транспорт на своите клиенти.

 

Извоз.МК: Бе-Да Логистик е пример за успешен развој на една фирма во областа на транспортот и логистиката, која од мала домашна компанија успева да се развие и да се прошири и во регионот. Годинава славите 10 години јубилеј. Ако направите една ретроспектива на работењето што беше клучно за успешниот развој во овој период?

Исаки: Бe-Дa Логистик работи како компанија која нуди паметни логистички решенија, и ние преферираме да го објаснеме нашиот начин на работа како компанија-мост која ги спојува клиентите со транспортни компании, овозможува безбеден и навремен транспорт и притоа ги организира сите детали и информации кои се потребни околу целиот процес да биде беспрекорен.

Да опстанете 10 години во овој бизнис и притоа да се движите по нагорна линија, бара огромен фокус и разбирање од сите логистички елементи. Планирање, координација, менаџмент, организирање, иновативност и посветеност се елементи и карактеристики кои нашата компанија ги поседува и неуморно работи на нивно усовршување.

Оваа 2021 е годината во која одбележуваме 10 години постоење. Ние сме горди што успеавме со нашите логистички решенија да ги услужиме големите компании во најразвиените земји и притоа да го задржиме статусот на коректна и транспарентна фирма. Дефинитивно, можеме да се изјасниме како задоволни од нашиот успешен развој и да се пофалиме со соработка на клиенти кои носат имиња на големи брендови.

Гледајќи наназад низ годините, погледот носи чувство на топлина и гордост. Секако, во ретроспективата имаме и периоди каде што се соочуваме со пад на економија, нестабилни цени, неизвесност во транспортот и слични моменти, но, тоа  што не оддржало во добра состојба во сите кризни мигови е професионалноста и верноста на нашиот тим од вработени. Клучниот фактор за успешниот развој е коректноста и транспарентниот пристап кој го имаме спрема нашите соработници и клиенти.

Извоз.МК: Какви се услуги кои ги нуди Бе-Да Логистик им се достапни на клиентите на македонскиот пазар?

Исаки: Нашата компанија ги покрива сите видови на индустриски категории и секаков вид на транспорт, вклучувајќи копнен, бродски, авионски и железнички транспорт. Низ годините го зголемивме нашето искуство со организиран и навремен транспорт на производи од секоја категорија што значи нудиме можност за извоз, увоз и транспорт под температурен режим и специјален транспорт. Досега имаме успешно реализирани 30.500 утовари и продолжуваме понатаму.

Професионалниот кадар на БЕ-ДА Логистик во Македонија, Албанија и Косово е подготвен во секој момент да ги поддржи нашите клиенти со техничка поддршка, известување за моменталната состојба и локацијата на нивните стоки и добра.

Извоз.МК: Пандемијата со Ковид 19 предизвика огромни пречки и предизвици и промени во транспортот и логистиката. Со какви проблеми се соочивте како компанија и какви промени воведовте за да ги надминете?

Исаки: Пандемијата зададе големи удари на глобалната економија и го потресе начинот на функционирање и работење во нашата компанија.

Првично, социјалната изолација беше нешто кое досега не сме го примениле во нашите канцеларии, но, поради безбедноста и здравствените мерки прилично добро се адаптиравме на оваа промена и работа од дома.

Потребата од снадбување на побарувачката на пазарот нагло порасна и задоволувањето на оваа потреба зависеше од логистичките решенија и овде се појави таканаречениот застој во работата. Причини кои имаа влијание на овој застој беа привремени затварања на фабрики поради социјалната дистанца, затварање на граници и застој на движењето кај шоферите поради задолжителна проверка на тестови и правење на брзи тестови за Ковид-19. Сите овие фактори водеа кон извесен период на застој кој не траеше долго, но, доволно за да се почувствува тој удар од светската пандемија. Што се однесува на понудата и цените, немаше промени на цени, токму поради фактот што се грижиме секогаш да овозможиме фер и коректна понуда, како за нашите клиенти, така и за нашите соработници.

Извоз.МК: Нудите логистички решенија за услуги во копнен, бродски, авионски и железнички транспорт. Дали располагате со сопствена флота на возила и во кои се земји организирате транспорт?

Исаки: Паметните логистички решенија кои ги овозможуваме се благодарение на нашите соработници – транспортни компании и нашиот возен парк. Секогаш сакаме да обезбедиме брз и навремен транспорт за нашите клиенти и оваа причина не мотивира постојано да инвестираме во сопствениот возен парк. Во моментот поседуваме 10 од најновите модели на камиони.

Ние организираме транспорт во цела Европа, извоз од Балканот према Европа и обратно. Организираме логистика на бродски, авионски и железнички транспорт низ цел свет. Обезбедуваме складирање во магацин во неколку градови во Европа и во С. Македонија. Нашата услуга опфаќа и транспорт на тешкa и вангабаритна роба со специјални возила.
Исто така, организираме транспорт на свежа и замрзната роба до – 25°C

Извоз.МК: Што е она што Бе-Да Логистик ја издвојува од останатите компании на пазарот, односно која е вашата специјалност?

Исаки: Логистиката е огромен синџир на снадбување кој претставува витален извор за продуктивноста на една нација. Зависноста од логистиката е недискутабилна поради причината што ја пренесува вредноста од произведувачот до крајниот потрошувач. Во БЕ-ДА Логистик даваме значително внимание токму на овие моменти и разбираме колку е важно еден производ со посебни спецификации да биде преносен безбедно и навреме.

Едноставно, ние како домашен бренд успеавме да изградиме светска услуга и тоа е благодарение на обучениот и спремен кадар кој го имаме. Со напорна работа, секогаш коректен и фер однос ги отворивме вратите во сите земји во Европа и се уште успешно ги негуваме односите со сите клиенти кои ги стекнавме овие 10 години.

Гледајќи ја големата слика би кажале дека секој вид на транспорт ни е специјализација, но, суштински како специјалност го издвојуваме фактот што секогаш работиме напорно за да го намалиме временскиот период на транспорт. На овој начин, ги задоволуваме потребите на клиентите и нивните потрошувачи.

Извоз.МК: Пред неколку години одлучивте да отворите компанија во Албанија, а годинава услугите на Бе-Да Логистик  се достапни и на косовскиот пазар. Која беше причината за да одлучите да го проширите своето работење и дали тоа беше исправен потег од денешен аспект?

Исаки:  Во 2016 година ја отворивме втората канцеларија на БЕ-ДА Логистик во Драч, Албанија. Тоа се покажа како добар и успешен план со тоа што излегуваме поблиску до нашите клиенти и овозможивме поврзување со транспортните услуги Италија- Албанија. Нашето искуство и работење во друга земја ни даде подобра анализа, перспектива и знаење за полесно да отвориме канцеларии во друга земја, како што во 2021 година отваривме во Косово. Во Косово се доближивме до нашите клиенти и ги поврзавме трите земји со Европа преку нашите професионални услуги.

Предизвикот да се биде чекор понапред и да бидеме поблиску до клиентите не мотивира постојано да ја зголемуваме фамилијата на БЕ-ДА Логистик, а токму, пак, желбата и љубовта кон наша работа не инспирираат да не запреме и овде и да се прошириме во други земје и региони низ Европа.

Секогаш кога се започнува и отвара нешто ново има можност од ризик. Веруваме дека тајната на вистинскиот потег се деталите, па се фокусираме на секој детал, анализа, истражување на пазарот и креирање на бизнис план кој одговара на целите на еден бизнис. Од денешен аспект, досегашните резултатите покажуваат дека потезите биле правилни, и како што споменавме, следуваат уште потези од страна на БЕ-ДА Логистик со проширување на своите канцеларии.

Извоз.МК: Брзиот развој на технологијата предизвикува многу промени во логистиката и се чини дека дигитализацијата станува се поважна во изнаоѓањето на најдобри логистички решенија за клиентите. Колку Бе-Да Логистик го следи овој тренд и ја применува дигитализацијата во работењето?

Исаки: Нашата компанија отсекогаш го следи брзиот развој на технологијата и со текот на времето се повеќе се дигитализира и напредува, заради што и тука нашите услуги исто така го достигнуваат врвот на својата специјализираност.
Од следење на датата на утовар, истовар, царини, до контрола на квалитет, известувања за транспортот, документи и осигурувања – технологијата ги олеснува сите процедури и ние го користиме нејзиниот максимум. Впрочем, инвестиравме и имплементиравме сопствен софтвер во нашата работа и секако дополнително го олеснивме нашето функционирање.

Извоз.МК: Бе-Да Логистик денеска има околу 50 вработени. Колку како компанија се соочувате со проблемот на недостиг на работници и колку вложувате во обука на кадрите?

Исаки: Работната сила на пазарот на труд во нашата земја е во постојан дефицит, не зборуваме само за стручен кадар. Посебно младата популација која за жал, се почесто и во поголем број мигрира во западните земји, е онаа работна рака која може да биде достојна за задачите и одговорностите кои доаѓаат со професијата во транспорт и логистика.

Да се вложува во своите вработени е многу важно, не само за напредокот на еден бизнис, но, и за зачувување на кадарот. Неодамна нашите агенти за транспорт од Македонија, завршија со обука и се здобија со интернационални сертификати за референт логистичар.
Секако дека сме заинтересирани да го збогатуваме знаењето за логистика и транспорт, па, секогаш кога имаме прилика, присуствуваме на семинар, обука или онлајн конференција поврзана со оваа тема.

Извоз.МК: Неодамна влеговте и во еден нов бизнис и почнавте да нудите поштенски услуги преку новоотворената фирма Бе-Да Експрес. Кои се очекувањата во овој сегмент и какви се услуги ќе понудите преку оваа фирма? 

Исаки: Земајќи го нашето искуство и вештина стекнато со интернационалниот транспорт со големи, габаритни пратки и анализарјќи го порастот на е-трговијата, го прифативме предизвикот да одговориме и на потребата од квалитетен транспорт и достава директно до конечниот потрошувач во нашата земја.

Бе-Да Експрес oд самиот старт е поразлична од другите поштенски компании во нашата земја поради тоа што нашата прва инвестиција беше во технологија, односно во сопствен софтвер, целосно дигитализирање на нашето работење и намалување на работа со хартија. Нашите услуги имаат електронски пристап односно од правење на нарачка, следење, известување, преземање на нарачка, носење во база и доставување до крајниот корисник. Сето ова е будно следено од страна на нашите вработени, но и нашите клиенти и овозможуваме одлично корисничко искуство за клиентите.

Имаме посветен тим и агенти во контакт центарот кои се постојано подготвени да помогнат и да ги објаснат сите чекори кои ги овозможуваат нашите услуги.

Очекувањата се да го постигнеме ефектот што досега го имаме со нашата логистичка компанија, а тоа е секогаш да даваме квалитетна услуга со фер и пристојна цена на домашниот пазар.

Извоз.МК: Какви се среднорочните планови за развој на Бе-Да Логистик. Во која насока ќе продолжите да се развивате и какви нови услуги може клиентите да очекуваат од вас?

Исаки: Моментално сме насочени кон подобрување на капацитетите со примена на  технологијата, односно работиме на сопствена платформа со која нашите логистички решенија ќе бидат уште подобро пласирани на пазарот во цела Европа. Тука, нашите соработници ќе бидат во можност полесно да дојдат до утоварите и побрзо ќе може да се стигне до крајната дестинација и да се одговори на потребата за транспорт на клиентите.

Продолжуваме да се фокусираме на дигитализацијата и да инвестираме во нашиот стручен кадар.

Следни чекори кои ги преземаме во нашите услуги се упатени кон железничкиот транспорт на релација со Исток и кон бродскиот транспорт каде што ќе излеземе со поволни цени на релација со Кина.

Бе-Да Логистик во иднина ќе продолжи да се развива и во регионалните земји, а за брзо време целиме да бидеме достапни со канцеларии и во земји во Европа, во прв план ни е да се појавиме во Скандинавските земји.

Извоз.МК: Бидејќи веќе долго време сте во овој бизнис можете ли да дадете оценка и прогноза за македонскиот пазар на транспортни услуги, кои се моменталните проблеми и каде ги гледате потенцијали за развој?

Исаки: Како компанија, ние сме делумно задоволни со работењето на домашниот пазар. Но, нашиот пазар знае да биде нестабилен и тоа најчесто е поради многуте фактори кои влијаат на транспортот во нашата земја.

Најголема препрека која претставува еден вид на проблем со транспортот кај нас и нашите колеги е CEMT дозволата и сметаме доколку се овозможи полесен пристап и се зголеми издавањето на бројот на овој вид на дозволи, ќе има можност за зголемен обем на работа.

Може да се каже дека на Балканот, македонските транспортни компании и нивните услуги се најдобри и најконкурентни со цените во региониот.