Во Стопанската комора на Србија се одржа седница на Управниот одбор на Коморскиот инвестициски форум, здружение што ги обединува стопанските комори на шесте земји од Западен Балкан, Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Албанија, Црна Гора, Косово и Србија.

Од оваа средба, бизнисмените од Западен Балкан упатија заеднички апел до своите влади и политичките структури во регионот да направат сè за економијата да функционира на наједноставен можен начин и да се свртат кон иднината и заедничката регионална соработка, се вели во соопштението од Стопанската комора на Србија.
„На граѓаните од регионот дајте им иднина, а не минатото“, е заедничката порака на сите претседатели на стопанските комори на Западен Балкан до владите на своите земји.

Претставниците на деловната заедница од регионот бараат итно отстранување на сите бариери за водење бизнис и нормализирање на односите за доброто на сите граѓани од регионот.
Од Босна и Херцеговина беше побарано да ги укине визите и сите други ограничувања на слободата на движење на косовските граѓани, со што ќе се создадат услови за меѓусебно укинување на сегашните бариери од двете страни.
Исто така, од политичарите во регионот беше побарано признавање на регистарските таблички, осигурувањето на возила и сите документи, што ќе овозможи целосна слобода на движење.

Стопанските комори на Западен Балкан исто така испратија јасна порака до Европската унија за потребата од усвојување на визната либерализација за Косово. Стопанските комори од регионот ја потсетуваат Европската унија дека визната либерализација беше пресвртна точка и најголем стимул за економскиот развој на сите земји од Западен Балкан. Од 2009 година, по воведувањето на визната либерализација за земјите од Западен Балкан, економската размена на регионот со ЕУ е зголемена скоро два и пол пати. Спречувањето на слободно патување на граѓаните и економијата е во директна спротивност со основните вредности врз кои се темели Европската унија.

Заеднички е оценето дека иницијативата за укинување на ПЦР-тестот за граѓаните да патуваат во земјите од регионот, што беше усвоен на иницијатива на стопанските комори, имаше голем ефект врз деловната активност на компаниите.